За таа средба меѓу писателите, кажува синот на Толстој, Сергеј Лавович: „Тогаш ми се чинеше дека татко ми се однесува кон него воздржано, љубезно и со лесна почит, а Тургењев кон татко ми, независно од својата експанзивност, малку претпазливо. Иван Сергеевич разговараше долго насамо со татко ми, во кабинетот и за време на прошетките. Веројатно главната тема на разговорите им беше литературата“. По враќањето на својот имот, постариот, шеесетгодишен Тургењев му пишува на помладиот, педесетгодишен Толстој: „Не можам, а да не Ви повторам уште еднаш колку пријатен, убав впечаток остави врз мене престојот во Јасна Полјана и колку сум радосен што постојните недоразбирања меѓу нас исчезнаа без трага, како никогаш да не биле. Почувствував многу јасно дека животот што нѐ остари, за нас не минал напразно – дека и Вие, и јас – обајцата станавме подобри отколку пред 16 години (тука Тургењев ја смалил разделбата за една година) и ми беше пријатно да го почувствувам тоа “.
Тешко болен, неколку дена пред смртта, му напиша со молив писмо: „Мил и скап Лав Николаевич, Ви пишувам да Ви кажам колку бев радосен што сум Ваш современик – и за да Ви ја изразам мојата последна, искрена молба. Пријателу мој, вратете се кон литературната дејност!… Ах, колку ќе бидам среќен, ако можам да сметам дека молбата ќе дејствува како што треба!… Пријателу мој, голем писателу на руската земја – послушајте ми ја молбата!“.
И покрај недоразбирањата и човечките разидувања, Тургењев од почетокот на познанството до крајот на својот живот предадено го величеше Толстоевото дело. Кога кај Лав Николаевич засилено почнаа неговите морални преиспитувања и сѐ помалку го интересираа воодушевените одзиви на неговите дела што пристигнуваа од секаде, Тургењев пријателски настојуваше да го врати кон литературата. За него, како и за сите руски писатели од различни генерации, како и за сета руска книжевна јавност, писателот Толстој е вистински и единствен трибун. На пример, за Достоевски „Ана Каренина е дело на книжевно совршенство, нема рамно на него во современата европска литература. Второ, во поглед на неговите идеи, тоа е нешто наше, нешто суштински руско…“.
Се чинело најочекувано, според огромното уважение и првенството што му било укажувано од современиците писатели, Толстој да ја добие Нобеловата награда. Не ја добил (за што во јануари 1902 г. протестираа четириесетмина истакнати личности од шведската литература и уметност, и посебно, со огорчена статија, Август Стринберг), но и да ја добиел, ќе се откажал од неа, како што сведочи самиот во возвратното писмо до протестирачкиот апел против неправдата поради недобиениот Нобел: „Драги и почитувани браќа! Бев многу задоволен што не ми беше доделена Нобеловата награда. Прво, тоа ме спаси од голема тешкотија – да располагам со овие пари што, како и сите пари, според мое мислење, можат да донесат само зло, и второ, ми даде чест и задоволство да добијам израз на сочувство од толку многу луѓе…“.
Што поради неприкосновеноста на трибунското место што беспоговорно го држел, што поради важноста и влијанието на својата мисла (Јасна Полјана била место на своевидно ходочестие на голем број поклоници), Толстој бргу станал свесен за големото влијание што го поседувал. Еден од доказите за тоа влијание се писмата до младиот Ганди, пишувани во 1908-та, две години пред смртта, што биле клучни, велел индискиот мудрец, во обликувањето на ахимса-учењето за ненасилство. За Махатма Ганди, Толстој бил „најголем апостол на ненасилието“, „голем учител по кого долго гледав како на еден од моите водачи“. Обид да ја претстави таа моќна Толстоева филозофија на ненасилството прави и Штефан Цвајг во „Бегство кон Господа“ (во впечатливата, ретка збирка есеи „Ѕвездени часови на човештвото“), во својот епилог, последен чин што го вметнува во недовршената Толстоева драмска автобиографија „И светлото сјае во мракот“ што големиот руски автор ја започнал во 1896-та. Во првата сцена на епилогот, во Јасна Полјана, Цвајг го соочува Толстој со двајца млади посетители, студенти, кои се претставуваат како „револуционерна младеж на Русија“. Во разговорот, тие најпрвин ја искажуваат општонародната огромна почит кон неговото дело што некои големи книжевни трибуни на 19 век (Гете, Манцони, Иго…) ја доживувале (а денес се чини речиси незамислива).
Но набргу, студентите, сѐ пожестоко, почнуваат да му замеруваат на неговата пасивност наспроти сите злосторства што се вршат над народот и дека негова обврска е јавно да стапи во поддршка на револуцијата. Гласна и лута е дискусијата на младите револуционери, на што Толстој одговара дека „страдањето е подобро од насилството“: „– Зарем вие навистина мислите дека со вашите бомби и револвери конечно ќе го отстранете злото од светот? Нема, затоа што тогаш злото ќе дејствува во вас, па ви повторувам, сто пати е подобро да се страда за некое убедување отколку да се убива за него“.
Да се вратам, уште еднаш на односот меѓу Толстој и Тургењев. Се чини дека Тургењев е најблиску до фигурата номад. Но дали, од друга страна, тој може да се определи и како „несуден трибун“? Како и Толстој (и покрај прудоновските принципи што овој ги спроведувал на својот имот), и тој живеел во благосостојба и без материјална грижа. Како впрочем и секој трибун, кој може да претрпи и потешки периоди во својот живот, но никогаш не доаѓа до работ на сиромаштијата (за разлика од другите двајца големи руски писатели, Чехов и Достоевски, кои често се соочувале со немаштија и грижа за семејството). Првите дела на Тургењев, исто како Толстоевите, иако не толку силно, биле дочекани со одобрување и поддршка од книжевната критика и авторите современици.
Но трибунот е привилегирано место во националниот книжевен пантеон. Резервирано само за еден. Макар десет години помлад. Што ќе владее до крајот на својот живот. А постхумно ќе го вгради своето дело како темелник на книжевните и духовни дострели на својот народ.
(продолжува)