Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека ако правилно се менаџира енергетскиот систем земјава нема да биде увозно зависна и потребите од електрична енергија ќе може да ги задоволи од сопствени капацитети.
– Најодговорно тврдам дека ако вистински се менаџира енергетскиот систем Македонија нема да биде увозно зависна од електрична енергија. Зошто? Затоа што ако се направи на време план за модернизација на производните капацитетите, како што постоеше пред 6,7,8,10 години во РЕК Битола, Осломеј или ако пак се продолжи со модернизација на хидро-капацитетите односно електраните кои што од вода произведуваат струја, вклучително и сите оние проекти коишто се од приватна иницијатива, вклучително и капацитетот на термоелектрана или позната во јавноста како ТЕ-ТО Скопје, Македонија нема да биде увозно зависна од струја – рече Мицкоски во гостување во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија.
Тој смета дека доколку РЕК Битола е оперативен, а неговите три блока се модернизирани, ако има доволни количини откриен јаглен, доволно количини ископан јаглен и одложен на греда, подготвен за горење во технолошкиот процес на РЕК Битола тие можат комотно да произведуваат околу 600 мегавати.
– Дополнително „Осломеј“ во оваа кондиција ваков што е, со овој потенцијал со кој што располага може да произведува од 80 до 100 мегавати. Но, тој би се задржал на 80 мегавати. И ако денеска ако се погледне билансот на МЕПСО може да се воочи дека не произведува повеќе од 70-тина мегавати. Правилното менаџирање на хидро потенцијалот може да даде дополнителна моќност и да обезбеди помеѓу 250 и 350 мегавати. Ако тука се стави производниот капацитет кој што не знам од кои причини денеска не е во функција, кој што има 30-тина мегавати инсталиран капацитет плус енергетика која што исто така има од прилика 20-тина до 30-тина мегавати, ако на тоа се додаде ТЕЦ Неготино со двата котли од 160 мегавати и капацитетот ТЕ-ТО од 200 мегавати плус производните капацитети од сонце или фотоволтаиците, ветерните електрани, био маса, био гас, малите централи, хидро и така натаму, ние можеме самите да го задоволиме нашето енергетско портфолио и воопшто нема да ни е потребно да увезуваме електрична енергија, смета Мицкоски.
Тој додава дека на сегашната ситуација предупредувале уште пред една година и апелирале за правилно менаџирање на ресурсите и целиот систем да да не биде земјава доведена да биде зависна од увоз.
– Но, за жал од Владата не ги менаџираа правилно ресурсите и затоа се случува да МЕПСО и ЕЛЕМ од фирми кои што книжеа огромни профити во минатото, денеска да бидат најголеми загубари – рече Мицкоски.
Ова рече, се должи на тоа што изминатите пет години не се менаџирало како што треба и од капацитет земјава да произведува околу 6500 gwh годишно, лани биле прозиведени за половина помалку.
Според него, за надминување на ваквите состојби, ВМРО-ДПМНЕ и тој лично понудиле, свои контакти за набавка на енергенси по пониски цени. На Владата е, нагласи Мицкосли, дали ќе ги искористат контактите кои ги обезбедив за снабдување на драстично поевтини енергенси или ќе продолжат да крадат.
– Вистината е дека компанијата која е позиција поврзана за снабдување со гас на Македонија и нејзини претставници присуствуваа на средба со претставници од Македонија, од Владата, поранешно ЕЛЕМ, денес ЕСМ и на таа средба била понудена цена која е најмалку два пати помала од таа по која што купуваше АД ЕСМ за месец октомври – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во одговор на прашање за тоа кои контакти ги понудил со цел снабдување на енергенси за да тече грејната сезона.
Според Мицкоски во Европа тоа е предмет на еден договор кој го потпишуваат компаниите кои се занимаваат со тоа. Оттука, според информациите со кои тој располага, АД ЕСМ до компанијата испратила договор до компанијата за да може потоа да се потпише од АД ЕСМ.
– Тоа го направила компанијата денеска и договорот е доставен до АД ЕСМ. Го повикувам АД ЕСМ да го потпише, да го врати назад и да им заштеди на граѓаните неколку стотици милиони евра – рече Мицкоски.
Во врска со набавката на мазутот, Мицкоски тврди дека имало состанок на 9 октомври во рамки на Министерството за економија.
– Таму се разговарало, претставник на компанјата што во овој момент ја снабдува Македонија со мазут ги контактирал и од нив побарал понуда за 150 илјади тони. Цената што ја добиле е на било кое пристаниште во околината, берзанска цена минус 40 евра по тон. Што би значело заштеда од најмалку 80 до 90 евра по тон од таа која државата ја плаќа или на 150 илјади тони повеќе од 12 милиони евра – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, официјалната понуда ќе ја добијат утре. Од тој момент натаму, додава, останува на власта дали ќе продолжи да краде или пак ќе заштеди десетици или стотици милиони евра на македонските граѓани, а земјава да има одржлива енергетска слика.