Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски излезе на српски јазик. Преводот е на Милена Илиќ, а книгата ја објави издавачката куќа „Тречи трг“ од Белград. Авторка на дизајнот на корицата е Дина Радоман. Српското издание на романот беше промовирано во рамките на 16-то издание на Белградскиот фестивал на поезијата и книгите, кое се одржа од 6 до 8 октомври. На фестивалот, покрај Владимир Јанковски, учествуваа и писатели од Норвешка, Шпанија, Шведска, Австрија, Хрватска, Црна Гора и од Србија.
„Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман, во кој приказните на педесетина луѓе од различни меридијани се комбинираат со приказните на четири лика што живеат во Скопје. Ова е роман за пресекот меѓу личното и надворешното, роман за начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи, роман за потребата да се раскажуваат приказни и да се наоѓаат блесокот и лагата во нив.
Владимир Јанковски е роден во 1977 година, во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено три романи: „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015) и „Вечно сегашно време“ (2010).