Иако пенолошките власти ги сметаат за сигурни, затворите честопати за осудениците имаат подотворени врати

Бидејќи добиваат пресуди што значат да го поминат речиси целиот живот во затвор, овие криминалци, како по обичај, најголемиот дел од времето зад решетки го минуваат во размислување како да побегнат оттаму. Оние ретките што успеале во својата намера се запишани во историјата на криминалот поради нивните драматични бегства од затворските ќелии

КРИМИ-ИСТОРИЈА: НАЈСПЕКТАКУЛАРНИТЕ БЕГСТВА ОД ЗАТВОРИ ВО СВЕТОТ

Доживотен затвор или долгогодишна затворска казна се санкциите со кои се соочуваат најтешките криминалци, односно оние што реализирале сериозни кривични дела. Независно дали е трговија со дрога, убиство, киднапирање или нешто друго, на сите овие криминалци им е заедничко едно – долгогодишна затворска казна. И бидејќи добиваат пресуди што значат да го поминат речиси целиот живот во затвор, овие криминалци, како по обичај, најголемиот дел од времето зад решетки го минуваат во размислување како да побегнат оттаму. Оние ретките што успеале во својата намера се запишани во историјата на криминалот поради нивните драматични бегства од затворските ќелии.

ЕЛ ЧАПО И ВАЛКАНИТЕ АЛИШТА

Во 2018 година, Европа беше вџашена од спектакуларното бегство на затвореникот Редоин Фаид, кој успеал да избега од затворот во Франција со хеликоптер. Како што информираа властите тогаш, бегството траело само неколку минути. Хеликоптер со вооружена екипа слетал во дворот на затворот на југот на Париз додека затвореникот бил во собата за посети.
Овој криминалец е искусен бегалец, бидејќи ова не му е прво затворско бегство, меѓутоа ова бегство го направи мегапопуларен и запишан во историјата. Претходно, во 2013 година, тој успеал да избега од затвор со разнесување на затворската врата, со експлозив скриен во пакување со марамчиња.
Познатиот Ел Чапо, чие вистинско име е Хоакин Гузман, мексикански наркодилер, успеал да избега од високообезбеден затвор во количка за алишта, со помош на потплатени чувари.
Едниот чувар ја отворил вратата од ќелијата на Ел Чапо, додека другиот му помогнал да се качи во количката помеѓу валканите алишта. Го турнале надвор, а тој скокнал во багажникот на возило марка „шевролет монте карло“. На властите им биле потребни 13 години за да го фатат. Сепак, тој не останал долго зад решетки. Само по 17 месеци повторно извршил спектакуларно бегство. Успеал да избега преку тунел ископан само за него. Тунелот бил целосно осветлен и со вентилација, а имал и модифицирано возило, кое најверојатно се користело за транспорт на алатот. Ел Чапо повторно е уапсен во јануари 2016 година и оттогаш е во затвор во Соединетите Американски Држави.

БЕГСТВО СО КОПИЈА НА КЛУЧ ОД ЌЕЛИЈА ИЛИ СО ПОМОШ НА ЈОГА

Алфи Хајндс е британски криминалец и од медиумите наречен уметник за бегање од затвор, откако успешно избегал од три високообезбедени затвори, додека отслужувал 12-годишна затворска казна за грабеж. Тој научил право, па самиот се бранел на 17 судења. Во 1955 година, Хајндс успеал да запамети како изгледа клучот од ќелијата, па ист таков направил во затворската работилница. Бил уапсен по осум месеци во Ирска. Повторно успеал да избега во 1957 година, за време на судење во Лондон, кога двајца стражари го однеле во тоалетот. Во 1958 година избегал уште еднаш, овој пат правејќи клуч од бањата.
Чои Гап успешно избегал од затвор „протнувајќи се“ низ отворот од кој затворениците добивале храна. Затвореникот вежбал јога 23 години, а бил уапсен под сомнение за грабеж. Во затвор бил пет дена, пред да се намачка со масло по телото и да се протне низ малиот отвор. Избегал за 34 секунди. Чуварите спиеле додека Чои бегал од затворот. Повторно бил уапсен по шест дена.

БЕГАЛЕЦ ХЕРОЈ

Сите горенаведени се или осудени или обвинети за криминал, но Алфред Вецлер не бил ниту еден од тие. Тој бил Словачки Евреин, кој бил испратен во нацистичкиот логор Аушвиц за време на Втората светска војна. Тој и уште еден затвореник успешно избегале од логорот во април 1944 година, криејќи се во дрво замаскирано со тутун и бензин, за да ги измамат стражарите. Таму се криеле четири ноќи, по што го започнале патувањето долго околу 50 километри, до границата на Полска. Вецлер со себе носел извештај за работата на концентрациониот логор, вклучувајќи го и планот на логорот, како и детали за гасната комора и примерок од гасот што нацистите го користеле за да ги убиваат затворениците. Тоа е, всушност, првиот доказ за гасните комори, кој помогнал за успешно гранатирање на објектите. Благодарение на овој среќен бегалец, 12 илјади Евреи од Унгарија биле спасени.

ФАТИ МЕ АКО МОЖЕШ

Животот на Френк Абигнејл, по кој е снимен и филмот „Фати ме ако можеш“, во кој глуми познатиот Леонардо ди Каприо, е возбудлив и на моменти импресивен. Тој успешно извршил повеќе кривични дела, а меѓу најпознатите е и тоа што со помош на фалсификувани документи тој станал пилот во авиокомпанијата „Пан ам“ и како таков прелетал 1.600.000 километри, на повеќе од 250 лета, и посетил повеќе земји. Откако бил осуден на 12 години затвор во САД, тој бил префрлен во затвор од страна на полицаец што ги имал заборавено документите. Абигнејл успеал да ги убеди стражарите дека всушност тој е прикриен затворски инспектор, во што стражарите поверувале. Додека бил внатре, тој добил помош од својата пријателка Џин Сибринг. Таа направила две визит-карти, едната на ФБИ-агент, а другата на затворски инспектор, и успеала да му ги даде на Абигнејл. Абигнејл им рекол на стражарите дека мора да разговара со ФБИ-агентката од визит-картата, па, така, тие се јавиле на бројот од визит-картата, кој всушност бил бројот на Сибринг. Таа им рекла на стражарите дека мора да се сретне со Абигнејл надвор од затворот. Стражарите го пуштиле Абигнејл слободно да си замине од затворот.

БЕГСТВО СО ДРВЕН ПИШТОЛ

Џон Херберт Дилинџер бил американскиот непријател број еден кога заминал на едногодишна криминална „турнеја“ низ Средниот Запад. Тој и неговата банда ограбиле десетина банки и полициски станици и убиле десет лица во тие криминални дела. Тој конечно бил уапсен во градот Тусон, Аризона, во јануари 1934 година и бил сместен во затворот во Краун Поинт, Индијана. На трети март 1934 година, Дилинџер, заедно со уште еден затвореник, употребил лажен пиштол направен од дрво и обоен со боја за чевли за да избега од затворот. Тогаш успеал да избега со возилото на шерифот од марката „в-8 форд“. Агентите од ФБИ го нашле и убиле Дилинџер во текот на истата година во Чикаго.


Во странските медиуми се пишува и за македонските затворски бегалци

Балканските медиуми наголемо пишуваат за бегството на Орце Миленковски, кој избега од затворот во Идризово во 2017 година.
Миленковски беше уапсен поради убиство, носење оружје и дрога и осуден на 20 години затвор, а неговиот пријател Бедри Ковачи, од Сарај, требаше да одлежи затворска казна од 16 години, поради носење оружје, дрога и киднапирање. Тие во декември 2017 година успеале да одземат службен пиштол од затворски чувар и, под закана на оружје, го зеле како заложник.
Киднапирањето се случило во просторијата на затворската болница, каде што затворениците биле на лекување. Едниот бил примен со психички проблеми, а другиот со наоди од Клиниката за дигестивна хирургија.
Двајцата со закана го натерале чуварот да им ја отвори вратата и да ги изнесе од затворот, а потоа, со неговиот приватен автомобил, се одвезле до Горно Нерези, од каде што им се губи секаква трага. По една година во бегство, Миленковски падна во рацете на полицијата во Куманово, а додека бил во бегство реализирал десетина кривични дела, шест разбојништва, три тешки кражби и кражба на автомобили.

[email protected]