Денес, Втората светска војна веќе одамна е завршена, но 11 Октомври останал да се памети во Македонија како симбол на борбата на македонскиот народ и народностите за слобода и мир, но и како предвесник на изградбата на самостојна, суверена и независна Македонија
Дамјан Бужаровски
Денес чествуваме 81 година од антифашистичкото востание во Македонија, симбол на непокорот и борбата за слобода на македонскиот народ и народностите. Единаесетти октомври е врвот на масовната револуционерна активност и пресвртна епоха во долгогодишните борби на македонскиот народ за национална и социјална слобода. Тој е продолжување на слободарските традиции и идеали на македонскиот народ проникнати уште во Разловечкото востание (1876), Македонското (Кресненско) востание (1878–1879), Илинденското востание (1903), како и напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Идејата за независна македонска држава била вткаена уште во темелите на Македонската револуционерна организација (основна во 1893 година) преку барањето за автономија на Македонија, впрочем, како што пишува во официјалниот орган на организацијата „Револуционерен лист“ во 1905 година, „Автономна Македонија од Организацијата се сфаќа како самостојна држава“. Во новиот Устав на ТМОРО од 1897 година изработен од Гоце Делчев и од Ѓорче Петров било предвидено сплотување на сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за преку револуција да се извојува полна политичка автономија на тие две области.
Ваквата цел не била остварена тогаш, но била остварена подоцна со антифашистичкото востание од 1941 година и Националноослободителна војна, војна што завршила со победа и успех. Борба крунисана со формирањето на македонска држава, како рамноправна федерална единица во Демократска Федеративна Југославија. Со тоа Јане Сандански имал право кога во 1907 година изјавил: „Јас не го гледам скорешното ослободување на Македонија. Тоа може и да не дојде во моите дни, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам и, ако во тоа успеам, тој и без мене ќе ја извојува својата слобода“. Иако Сандански, и не само тој, не го доживеал својот сон, неговиот принцип останал трајно полноважен, надживувајќи ги сите балкански и светски премрежиња, за да се реализира на вториот Илинден од 1944 година.
Со нападот на Кралството Југославија на 6 април 1941 година од страна на Германија, Италија, Бугарија и на Унгарија започнало постепеното навлегување и освојување и на територијата на Македонија. На 17 април, Кралството Југославија капитулирало, а територијата на Македонија била поделена и окупирана од страна на Бугарија, Германија и на Италија. Веднаш по окупацијата, окупаторските власти започнале да спроведуваат систем од разни мерки преку кои вршеле економска експлоатација на природните богатства и ограбување на народот. Покрај тоа, македонскиот народ бил изложен на денационализација и асимилација од окупаторите. Таквата положба уште повеќе ја подгреало состојбата за кревање востание. Истовремено кај македонскиот народ сè уште биле свежи сеќавањата и последиците од претходните војни. Затоа тој масовно застанал на страната на антифашистичките сили, притоа гледајќи и нова шанса за да добие нова сопствена македонска држава.
Македонскиот народ во трите дела на Македонија, уште во првите дни од Априлската војна од 1941 година, започнал со акции, биле формирани диверзантски групи и биле преземани оружени акции. Отпорот се манифестирал и преку демонстрации и штрајкови, какви што биле илинденските демонстрации во Битола, потоа во Прилеп, Велес, Кавадарци, Охрид и во други градови. На 11 октомври, Прилепскиот партизански одред започнал со една релативно поголема војничка акција, со едновремен напад на бугарскиот полициски участок во Прилеп, прилепскиот затвор и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп. Следниот ден во Кумановско бил формиран Кумановскиот партизански одред, кој исто така започнал со акција. На тој начин со разгорувањето на востанието во Македонија, иако и претходно имало поединечни акции, 11 октомври се смета за почеток на вооруженото востание против фашистичките окупатори во Македонија.
Денес, Втората светска војна веќе одамна е завршена, но 11 Октомври останал да се памети во Македонија како симбол на борбата на македонскиот народ и народностите за слобода и мир, но и како предвесник на изградбата на самостојна, суверена и независна Македонија. Како што пишува професорката Ачкоска: „антифашистичкото востание во 1941 година е најзначајниот чин во историјата на македонскиот најнов век. Од почетните востанички истрели и акции тоа прерасна во сенародна Националноослободителна војна на македонскиот народ која беше крунисана со прогласувањето на Демократска Федерална Македонија, на 2 август 1944 година, на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ)“.
Од страна на Президиумот на народното собрание на Македонија во 1945 година, 11 октомври бил прогласен за народен празник „кој ќе се прославује секоја година како ден кога отпочна во Македонија народното востание против фашистичките завојувачи и нивните слуги“. По повод 11 Октомври традиционално секоја година се доделува и државната награда „11 Октомври“, со која се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во други дејности од јавен интерес.
Сепак и покрај големиот успех на антифашистичкото востание и на Народноослободителната војна, оваа борба денес повторно се разгорува, само во нов облик. За жал, повторно сме сведоци на провокации и се отвораат бугарски културни клубови што носат имиња на фашисти и фашистички поддржувачи и соработници. Особено каков што е случајот со отворањето на бугарскиот клуб во Охрид што го носи името на бугарскиот цар Борис Трети, чиј режим и во бугарската историографија сè до 1989-90 година бил третиран како монархофашистички. Случајност или не, ваквиот клуб се отвора токму непосредно пред овој голем македонски празник, Ден на народното востание на македонскиот народ.
Авторот е дипломиран економист на департманот сметководство и ревизија, магистрант по монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет – Скопје, како и студент на Институтот за историја при Филозофскиот факултет