Петар Денчев, бугарски писател
Петар Денчев, бугарски писател и театарски режисер (1986 г.), во 2010 година дипломирал режија на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“. Дебитира со раскази и поезија, кои веднаш се наградени и номинирани на разни конкурси.
Неговиот роман „Малиот Бог на земјотресот“ наскоро ќе биде објавен во издание на „Антолог“, во превод од бугарски на Душко Крстевски. Тој беше гостин на неодамнешниот фестивал „Букстар“.
Вашите деби-раскази веднаш се препознаени од публиката и наградени од стручната фела. Како почна вашето пишување?
– Почнав да пишувам затоа што така ми наметна мојата внатрешна режија. И потоа, кога одлучив да студирам театарска режија и да се вработам во театар во Бугарија, го најдов тој двоен јазик, да режирам преку творештвото на другите, преку драмските писатели со кои соработувам, без разлика дали се живи или не. И да пишувам свои дела, раскази, романи, драмски текстови. За жал, сѐ уште моите дела, драмски текстови ги немам поставено на сцена, но се надевам дека тоа ќе биде следно.
Успешен сте и како театарски режисер, а одлично пловите и во книжевните води…
Што ви лежи повеќе?
– И во двете професии се снаоѓам одлично. Јас сум мултифункционален. Сега почнав да предавам и на факултет. И можам да се пофалам со одлично разбирање и соработка со студентите.
Можете ли да се вратите во времето кога почнавте да го пишувате романот „Малиот Бог на земјотресот“?
– Предвидено е следната година да стигне романот. Прво сакам да потенцирам дека еден дел од романот е напишан во Скопје. Тоа беше кога бев на резиденција тука во 2016 година. Знаев веќе за земјотресот, за историјата на градот, но некако не бев претходно толку импресиониран од ова случување, сѐ додека не останав еден месец и директно се соочив со градот. Тогаш во глава ми влезе идејата за солидарноста. Во текот на мојата резиденција овде, Бугарија беше во тешка политичка криза, а тука беше Шарената револуција. Целиот тој контекст ми стана многу интересен. Најмногу затоа што сметав дека ние како луѓе сме создадени да ги пренесуваме социјалните случувања, па, оттука, сакав да напишам една интимна сторија за маж и жена и за брак што се распаѓа. На крајот на романот главниот лик доаѓа во Скопје и ја бара солидарноста за која читал, за која чул, за да провери дали останало нешто од неа.
Какви внатрешни борби води нереализираниот филозоф, кој е сопственик на цвеќарница?
– Имам посебно мислење за човекот на денешницата. Распнат е меѓу идеологијата на минатото, како социјализмот, комунизмот, национализмот и пазарните идеологии, или неолиберализмот. И ја губи интимноста. Во тие битки низ кои поминува покажува дека нешто не е во ред со човештвото. Мислам дека нашите контексти, и бугарскиот и македонскиот, се блиски. По падот на комунизмот, очекувавме капиталистичка утопија, да дојде нов свет, а светот остана ист. Не дека ништо не се промени, но многу работи останаа исти.
Какви прашања сакате да начнете во вашите книги?
– Пишувањето една историја е како интервенција во животот. Дали човекот напишал книга или направил претстава, тој има внатрешна побуда да го промени светот. Тоа пишување и создавање претстава е најцивилизираниот, најкултурниот начин да интервенираме на светот. Хамлет за смртта на својот татко прави театарска претстава. Давам пример за улогата на уметноста во нашиот живот.
Дали чувствувате дека вашите книги се повторно родени секојпат кога ќе се преведат на нов јазик?
– Секако. Сум ги читал моите книги на многу јазици, македонски, српски, германски, и секојпат ми е интересно како звучат. Отуѓени се од мене. Како да не се мои. А и човек заборава што сѐ напишал. И секојпат се изненадувам.