Со изведбата на балетските претстави „Валпургиска ноќ“ и „Кармен“ на уметниците од Националната опера и балет, синоќа во Битола почна 31. издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“. Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
– Интерфест е фестивал кој обединува повеќе уметности, балет, театарски претстави и секако концерти на сериозна музика, каде гостуваат познати домашни и светски уметници – истакна на отворењето градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој притоа подвлече дека Општната Битола секогаш ќе го подржува фестивалот.
Инаку, 31-то издание на „Интерфест“ изобилува со богата програма и врвни уметници кои доаѓаат од Италија, Германија, Србија и други европски држави.
– Конечно од оваа година повторно ќе се вратиме и во велепната концертна сала на Офицерскиот дом. Публиката е со нас и тоа посебно не охрабрува. Така ќе биде секоја
вечер – рече Милица Шперовиќ Рибарски.
За време на фестивалот, кој ќе трае до 12 октомври, на сцените во НУ Центарот за култура, НУ Завод и Музеј, НУ Народниот театар и Офицерскиот дом, годинава освен
македонски, ќе настапат и уметници од Србија, Австрија, Итaлија, Турција и Германија.
Во рамките на годинешното издание на фестивалот се и ликовната изложба „Пат за Дихово” на Миливоје Новаковиќ Кањош, од Србија, претставата на Ларс Норен: „Демони” во режија на Васил Христов и во изведба на Битолскиот театар, поетската вечер со Славко Јаневски, на која ќе настапи актерот Петар Мирчевски.
Љубителите на класичната музика ќе имаат можност да го проследат и дисперзираниот концерт на Лучиано Помпилио, гитара, Италија, кој беше изведен во Национална галерија „Даут Пашин Амам”, Скопје.
Интернационалниот фестивал на класична музика Интерфест -Битоа кој традиционално се одржува во октомври, е основан во 1992 година. М.М.