Истражување: Кој е мотивот што 700 илјади македонски граѓани заминаа од државата од 2011 до 2019 година
Истражувањето нотира неколку клучни причини за иселувањето, но коренот е во недовербата на институциите. Покрај тоа, мотиви за иселување се и високата корупција, постојаната политичка нестабилност, желбата за подобар животен стандард, проблемите со образованието, здравството, како и немањето перспектива за децата. Најзагрижувачки е што си заминуваат младите високообразовани кадри, оставајќи ја земјава без развојни перспективи
Недовербата во институциите на државата е клучната причина за иселувањето на огромен број македонски граѓани во странство. Дополнителен проблем, кој го продлабочува претходниот, е што одговорните преземаат мерки што се неефективни и не даваат резултати да ја променат ваквата состојба, при што состојбата уште повеќе се влошува.
Се издвојува појавата дека токму институциите се главните места што со години се полнат со партиски кадри, наместо да се остави простор за нивно пополнување со професионалци, вработени во согласност со мерит-системот. Нестручноста и некомпетентноста, како и партизацијата, водат кон тоа државните институции повеќе да функционираат како партиски филијали отколку како сервис на граѓаните.
Низ годините овие негативни процеси станаа толку изразени, што сѐ повеќе ерозира довербата во институциите, а за голема жал, со тоа паѓа и довербата и во државата, па и ентузијазмот и патриотизмот. Токму затоа спасот се бара надвор од нејзините граници.
Најновите истражувања покажуваат дека од 2011 до 2019 година околу 700 илјади македонски граѓани заминале од државата, а тековните трендови покажуваат дека овој процес не запира, туку продолжува со несмален интензитет, така што прогнозите воопшто не се оптимистички.
Истражувањето нотира неколку клучни причини за иселувањето, но коренот е во недовербата на институциите. Покрај тоа, мотиви за иселување се и високата корупција, постојаната политичка нестабилност, желбата за подобар животен стандард, проблемите со образованието, здравството, како и немањето перспектива за децата. Најзагрижувачки е што си заминуваат младите високообразовани кадри, оставајќи ја земјава без развојни перспективи.
– Најверојатно на креирање на политиките ќе мораме како општество да отвориме дискусија за пополнување на пазарот на трудот, за однесување малку различно од тоа што сме се однесувале досега – изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, по презентацијата на извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“.
Според него, посебно загрижувачки е што земјава ја напуштаат високообразовани кадри, за разлика од порано, кога во странство заминувале луѓето со пониско образование.
Социологот Илија Ацевски посочува дека проблемот со иселувањето е одамнешен, но дека сега добива загрижувачка димензија бидејќи земјава ја напуштаат млади образовани кадри, кои наместо да останат тука и да придонесат за развој на својата земја, тие заминуваат во странство.
– Проблемот има длабоки корени во Македонија, не е од вчера. Ние сме влезени во тој процес на глобализација, младите се добро информирани за сè, така што нормално е да сакаат да работат во оние земји што многу повеќе ги плаќаат. Денеска секој може да седне во авион и за два часа да биде во Германија или во некоја друга европска земја и да заработи петпати повеќе од она што би го заработил тука. Тоа е таа социоантрополошка димензија или поглед присутен кај нашите млади луѓе. Секој од нив што завршил факултет, сигурен е во себе, знае дека има знаење и вреди нешто, во еден момент ќе си го постави прашањето дали да остане тука и да работи за 300, 400 или 500 евра и да гледа како луѓе без никакви знаења и компетенции напредуваат или, пак, да оди во странство, каде што неговиот труд вистински ќе биде вреднуван. Од 10 луѓе во Македонија, осум размислуваат на овој начин, па затоа постојано расте бројот на иселени луѓе од земјава и ќе продолжи да расте и во иднина ако некои работи не се променат – вели Ацевски.
Според него, државата мора веднаш нешто да направи за да ја промени перцепцијата кај младите луѓе, односно тие да сфатат дека некој во оваа земја стои зад нив и вистински го вреднува нивниот труд.
– Ние сме една од најкорумпираните земји со едвај осум отсто доверба во институциите. Имаме систем на образование што произведува кадри што над 90 отсто не одговараат на потребите на македонската економија. Што кажува тоа? Дека целиот систем на образование е претворен во една сфера што постои сама за себе. Понатаму, ние сме една од најсиромашните земји, со невидена бирократија, неефикасност во судството, партизирани институции… Тука треба да се бара проблемот. Кога сето ова ќе се собере, прашање е дали еден млад човек ќе најде енергија и храброст да живее тука. Кога системот е заразен со корупција, поединецот го бара спасот надвор – нагласува Ацевски.
Тој шансата за нешто да се промени и да се спречи белата чума ја гледа во притисокот од страна на Европската Унија.
– Кога ќе почнат преговорите, ЕУ сигурно ќе праша зошто се институциите партизирани, зошто има толкава администрација, зошто за секоја работа постои еден куп бирократија, зошто судството не е независно, зошто земјоделството ни е запуштено. Се виде сега дека светот има потреба од храна, а ние своевремено ја произведувавме во доволни количества. Ги запустивме селата затоа што инфраструктурно не ги поврзавме со градовите, не се направија водоводи, канализации, едноставно не се создадоа услови младите да останат во селата. Немаше сите да дојдат во градовите. Треба луѓето да се стимулираат, да им се направат пристојни услови за живот и нивниот труд да биде соодветно вреднуван. Ако работат земјоделство, тоа да им се плати. Така младите ќе останат во земјава, во спротивно, уште повеќе ќе заминуваат – категоричен е Ацевски.
Неговото мислење е дека треба да се прекине со практиката на полнење на институциите со етнички квоти, разни балансери, туку исклучиво да работат само оние што се најдобри за одредена функција, без оглед на етничката припадност.
– Треба да работи тој што е најспособен, без оглед од кој етникум е. Па Америка е таму каде што е затоа што таму нема вакви експерименти, туку работат оние што се најдобри. Кај нас е спротивното. Ова е голема загуба за некој што има голема вредност, него го демотивира кога гледа кој сè е на функција. Институциите се полни со луѓе од кои голем дел не знаат ништо да работат и истите тие дополнително напредуваат, земаат поголема плата и тоа нема крај. Погубно е за оној што сака да работи, да твори, кој размислува со своја глава, да ги гледа ваквите состојби. Кога системот е корумпиран, иднината не се гледа тука. Затоа младите не остануваат – заклучува Ацевски, притоа додавајќи дека ако ништо не се преземе во следниот период, Македонија ќе остане без работна сила.