Анализа на професорот и енергетичар Константин Димитров за фотоволтаичните колектори во домаќинствата
Основните елементи што влијаат на одлуката за да се пристапи кон ваква инвестиција се висината на инвестицијата и динамиката на користење на енергијата произведена од колекторите, како и месечната/годишната потрошувачка на електрична енергија на домаќинството
Постапката за олеснување на поставувањето фотоволтаични колектори на покривите на домаќинствата и компаниите остана заглавена во Собранието, така што сега веќе е доцна да се направи нешто посериозно во делот на индивидуалното производство на електрична енергија, бидејќи во зимските месеци се избегнуваат какви било градежни зафати врз покривите на куќите.
Иако олеснувањата за поставување фотоволтаици Владата ги најави како одлична можност за граѓаните и стопанството да се спасат од високите сметки за електрична енергија, познавачите на состојбите сметаат дека со она што го нуди државата како олеснување, прашање е колку е економски оправдано да се инвестира во фотоволтаични сончеви колектори. Прашањето е оправдано и од особен интерес за сите потенцијални инвеститори.
Оправданост на инвестицијата
Универзитетскиот професор и експерт од областа на енергетиката Констатин Димитров смета дека оправданоста се проценува врз основа на односот на потребната инвестиција и остварената заштеда заради помалите трошоци за електрична енергија, т.е. за колку години ќе се вратат инвестираните средства. Тој направи анализа што се однесува првенствено за домаќинствата, додека за стопанските организации смета дека условите за поставување фотоволтаични централи се делумно поинакви и поповолни во однос на домаќинствата. Во продолжение ја пренесуваме анализата на професорот Димитров за исплатливоста на фотоволтаичните колектори за производство на електрична енергија за домаќинствата.
– Одговорот не е едноставен, зависи од повеќе фактори или, како што вели народот, секоја планина со своја тежина. Ако инвестирам без да знам што може да ме очекува, следејќи ја „модата“ или некои од „препораките“ на трговците со сончеви колектори, може бргу да се разочарам во реалноста. Веќе има такви реакции од граѓаните во Србија, кои очекувале многу, а резултатите се значително под нивните очекувања. Основните елементи што влијаат на одлуката за да се пристапи кон ваква инвестиција се висината на инвестицијата, динамиката на користење на енергијата произведена од колекторите, како и месечната/годишната потрошувачка на електрична енергија на домаќинството – појаснува Димитров.
Според него, инвестицијата зависи од тоа дали ќе се постават колектори со капацитет од 4, 6 или 10 и повеќе киловати.
– Секое домаќинство треба да има право да постави колектори со капацитет еднаков на добиената дозвола за електричен приклучок кон електродистрибутивната мрежа. Со тоа воопшто не се влијае на мрежата – наведува Димитров.
Во прилог се прикажани очекувани претпоставени приближни цени за одделни услуги. Тие се менуваат секој ден и лесно може да има разлики и до 20 отсто во одделни позиции од овие прикажани во табелата.
Инвестициските трошоци се прикажани за два случаја, и тоа капацитет на колекторите од 6 и 10 kW, во „наши пари“, т.е. евра.
Од оваа табела, важен заклучок за инвеститорот е дека со зголемување на капацитетот на сончевите колектори само делумно се зголемува инвестицијата. Ограничувачки фактор е и површината на покривот што е насочена кон југ или запад. За да се добие еден киловат инсталиран капацитет, потребни се од пет до шест квадратни метри површина на покривот. Зависи какви колекторски панели ќе се купат, т.е. од нивното производство по квадратен метар колекторска површина. Како првична информација за заинтересираните инвеститори е дека може да се купат и панели со капацитет од 530 до 550 Wp и димензија 2,26 х 1,13 метар.
Динамика на користењето на енергијата
Големите очекувања на домаќинствата значително се намалуваат кога ќе се анализираат производството и динамиката на користење на произведената сончева енергија. Основна потребна информација, приближно еднаква за територијата на Македонија, е дека на секој инсталиран kW сончеви колектори, на годишно ниво се добиваат околу 1.300 kWh/an.
Споредбата за производство и динамика на преземање на енергијата е следната:
Треба да се постави прашањето зошто е предвидено дека од вкупната енергија се искористени единствено 30 отсто (при инсталација на 6 kW колектори) или 35 отсто (при инсталација на 10 kW колектори). Овие вредности може да варираат од домаќинство до домаќинство, во зависност од вкупната потрошувачка на електрична енергија (трета или четврта група потрошувачи, во споредба со првата група) и од карактерот на потрошувачите на електрична енергија во домаќинството, т.е. нивната електрична моќ, времетраење на користење, едновременост на употреба и сл.
Вториот чувствителен елемент е типот на инверторот. Во горната табела е прикажана цената за едноставен инвертор што ја распределува еднакво произведената електрична енергија од колекторите на трите фази од електричната инсталација во домаќинството. За да биде појасно за инвеститорите што не се многу „блиски“ со електротехниката, еве еден пример: во определен дел од денот (на пример 10 часот наутро), колекторите произведуваат енергија при вкупна електрична моќ од 2,1 kW (за еден час ќе произведат енергија во износ од 2,1 kWh). Инверторот оваа енергија ја распределува еднакво на секоја фаза, т.е. по 0,7 kW. Ако рерната е со грејачи од 1,5 kW, ќе добие само 0,7 kW бесплатна енергија, а преостанатата произведена енергија, ако нема на другите фази потрошувачи што во тој момент трошат енергија, ќе се предаде кон дистрибутивната мрежа. Значи, колекторите произвеле 2,1 kW, а домаќинството искористило само 0,7 kW.
При поставување поголем капацитет на колекторите (во примеров 10 kW) му се овозможува на домаќинството, во поголем дел од денот, да има на располагање доволно енергија на секоја фаза од инсталацијата.
Основен заклучок
Домаќинствата со вградени колектори со капацитет 6 kW, во зимските месеци јануари, февруари, ноември и декември имаат на располагање, на секоја фаза од електричната инсталација, помалку моќност/енергија од 1 kW. На располагање имаат од 0,6 до 0,8 kW во периодот од 10 до 14 часот. Пред и потоа на располагање е значително помал капацитет.
Во месеците март, април, мај, септември и октомври, на располагање на секоја фаза имаат капацитет малку над 1 kW, во периодот од 10 до 15 часот. Ако имаат потрошувач со потребна моќ над 1 kW, произведената енергија на таа фаза нема да биде доволна, туку треба да се дополни од мрежата.
Во летните месеци јуни, јули и август, на секоја фаза домаќинствата имаат на располагање од 1,2 до 1,7 kW, во периодот од 10 до 16 часот.
Домаќинствата со вграден капацитет на колектори од 10 kW имаат подолг временски период и поголема електрична моќ, за користење на енергијата од колекторите. Во зимскиот период (јануари, февруари, ноември и декември), на секоја фаза ќе имаат на располагање од 0,7 до 1,7 kW, во периодот од 10 до 14 часот.
Во месеците март, април, мај, септември и октомври, на располагање на секоја фаза имаат капацитет од 1 до 1,9 kW, во периодот од 9 до 17 часот.
Во летните месеци јуни, јули и август, на секоја фаза домаќинствата имаат на располагање од 1,5 до 2,8 kW, во периодот од 8 до 17 часот.
За да се направи едно нагледно сценарио за колку време и при какви услови ќе се исплати инвестицијата, усвоено е дека потрошувачката на електрична енергија за едно домаќинство е 600 kWh/месец дневна тарифа (ДТ) и 400 kWh/месец ноќна тарифа. Ова домаќинство спаѓа во втората категорија на потрошувачи, според правилникот на РКЕ. Вредностите се прикажани во табелите подолу.
Основниот заклучок е дека е економски оправдано да се користи што е можно повеќе енергијата од сонцето, затоа што таа носи заштеда од 138 евра/MWh, додека продадената енергија е со цена од 69 или 60 евра/MWh, во зависност од капацитетот на колекторското поле. Зголемување на искористувањето на сончевата енергија е остварливо со зголемување на капацитетот на колекторите, што овозможува поголем број на часови за работа на домашните потрошувачи на енергија.
Зголемувањето на инвестицијата заради поголем капацитет на колекторите не е праволиниско, затоа што таа влијае само на дел од трошоците.
Дали може да се зголеми процентот на искористување на енергијата од сонцето? Да, со инсталирање хибриден (паметен) инвертор што испорачува енергија на секоја фаза, во зависност на потрошувачката во неа, и со инсталирање акумулаторска батерија. Инвестицијата се зголемува значително, но соодветно на тоа и придобивките. Ова е особено препорачливо за потрошувачите на електрична енергија од третата и четвртата тарифна група потрошувачи.
Дали може да се намали периодот за враќање на инвестицијата? Да, ако Владата донесе одлука за субвенционирање на овие инсталации и ако се ослободи основната опрема од ДДВ.
Оправданоста Владата да ги поддржи овие инвестиции на домаќинствата се согледува од економската придобивка, намален увоз на електрична енергија – намалена зависност и намалено загадување на животната средина во урбаните средини.
Професорот Димитров на крајот од изнесувањето на неговиот личен став за оваа проблематика уште прашува зошто Владата не презема мерки за стимулирање на поставувањето на сончевите колектори преку намалување на бирократските обврски и субвенционирање на овие системи.
– Доволно е да се следат примерите (законски одредби и субвенции) од непосредното соседство – Србија, Хрватска, Српска Краина (БиХ), Црна Гора – потенцира Димитров.