Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика, на ЕСМ, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
На вонредна прес-конференција во Владата, тој потенцира дека парно за скопјани ќе има, како и дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври.
Со оглед дека „Адора“ инсистира за продажба на топланите, премиерот посочи дека продажбата се прави врз основа на постапка.
-ЕСМ е државна компанија односно акционерско друштво во државна сопственост и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување на одреден инвестициски објект, согласно со закон, тогаш ќе може да се влезе во финални преговори, потпишување договор и преземање на сопственоста и управувањето комплетно со топланите, зашто тие се дел од системот на затоплување на градот Скопје – рече премиерот.
Појасни дека според законите за енергетика и за управување со кризи ќе се изврши преземање на топланите и затоплување на Скопје со плаќање на сите надоместоци на сопствениот кои следуваат во такви услови.
-Донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се создадат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија – истакна Ковачевски.
Според него, во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.
-Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини – нагласи премиерот.
Во однос на преговорите со Србија за гас, рече дека не се работи за купопродажба на гас и дека Србија ќе треба финално да каже што може да реализира од претпоставената конструкција што се прави во однос на размена на гас за електрична енергија.
– Ние ги имаме донесено сите одлуки и одобрено меморандум за соработка. Не се работи за купопродажба на гас туку за размена на гас за електрична енергија зашто ние имаме когенеративна централа која работи на гас. Србија има резерви односно складишта на гас кои може да бидат искористени за производство на електрична енергија во нашата централа. Врз основа на договор, кој се преговара и не е се уште финален, зашто од Србија треба да се проверат сите претпоставки за негово успешно реализирање, ќе биде доколку за тоа постојат 100 проценти шанси да биде реализирано. Нашите тимови и во моментов преговараат, ќе продолжат и утре и штом ќе имаме резултат, ќе им биде соопштено на граѓаните – рече Ковачевски.
Во однос на денешната презентација на Мицкоски со понуда на контакти за набавка на енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството, премиерот одговори дека опозицискиот лидер внимателно ги следел сите негови прес-конференции и на владиниот економски тим на оваа тема и дека денеска направил, како што рече, добар сублимат од тоа што тие го имаат кажувано.
-Владата донесе конкретни мерки и јас ги повикувам пратениците утре да ги изгласаат законите потребни за непречено снабдување со енергенси на граѓаните – додаде Ковачевски.
На вонредната прес-конференција во Владата вечерва, покрај Ковачевски, присутни беа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.