Постојат разни мислења за тоа дека се потребни реформи, од поместување подалеку на линијата за тројка, до некои необични предлози. „Сметам дека тројките се вистинска работа во кошарката, со нив интересот за играта стана поголем“, вели поранешниот селектор на Македонија, Давитков. „Сосема е во ред правилото, бидејќи со самата одбрана на надворешните позиции се отвора повеќе простор за индивидуални решенија и поатрактивни потези во рекетот, но сметам дека кај многу играчи тоа е само немоќ да најдат друго решение“, вели актуелниот селектор Јончевски
Од постигнувањето на првата тројка (од оддалеченост од 6,24 м) во кошарката на 12 октомври 1979 година од Крис Форд од Бостон, односно воведувањето на правилото за три поени неколку месеци претходно, па до поставувањето на новиот рекорд во НБА-лигата на кошаркарот на Голден стејт, Стеф Кари на 15 декември 2021 година (2.974 тројки), со што го собори дотогашниот на Реј Ален (2.973), поминаа 42 години. Првпат ова правило било испробано уште во далечната 1945 година во НЦЦА-лигата, но не привлекло многу внимание како денес, кога кошарката не може да се замисли без шутевите за три поени, што во голема мерка придонесуваат кош-разликите брзо да се топат или да се зголемуваат. Во тоа можевме да се увериме и на неодамна завршеното 44. Европско првенство (ЕП), каде што тројките играа голема улога, особено во завршниците на натпреварите.
Откако НБА ја воведе линијата од три поени не се променија работите многу веднаш. Играчите не беа навикнати да шутираат од далеку, така што во првите неколку години, главно не шутираа, па дури во сезоната 1986/87 лигата во целина постигна повеќе од 100 тројки во една сезона. Постојат разни мислења за тоа дека се потребни реформи, како, на пример, да се помести подалеку линијата за тројка и таа да биде одредена според статистиката, односно да биде таму од каде што ќе се обезбеди најмногу една третина од шутевите да бидат погодок. Потоа има и необични, како тоа секој тим на домашен терен да ја одреди далечината на линијата според своја желба, споредувајќи го тоа со терените за бејзбол, постои мислење да се дозволи бранење на кошот со блокирање на топката во лет пред да дојде до обрачот кога некој ќе шутне за три поени, да се ограничи бројот на погодени тројки по тим…
– Воведувањето на тројките беше огромна работа за кошарката. Едноставно играта стана многу побрза и поинтересна. Резултатот за многу кратко време можеше многу брзо да се менува. И сега на ова ЕП, сведоци сме, колку добрите шутери се во предност, во однос на репрезентациите со послаби шутери за три поени. На ова ЕП можевме да видиме многу интересни натпревари со неизвесни завршници, каде што победникот се решаваше за неколку секунди во самиот финиш, а за тоа, секако, голем удел имаа токму тројките. Сметам дека тројките се вистинска работа во кошарката, со нив интересот за играта стана поголем, а и гледаноста, и кога беше далечината 6,25 м, а и сега кога е 6,75 м. Во тоа може да се увериме и од последното ЕП, каде што речиси сите сали беа исполнети со гледачи – вели поранешниот македонски селектор Јорданчо Давитков.
Давитков смета дека во иднина е потребна извесна модификација, но во моментов тој не би менувал ништо.
– Па, сигурно дека со текот на времето ќе треба нешто да се стори на овој план, можеби линијата за три поени да биде зголемена, но, според мене, засега треба да остане вака како што е, односно да се продолжи со овој тренд. Засега, сепак, не би менувал ништо во однос на ударите за три поени – вели Давитков.
Сегашниот селектор на македонската репрезентација, Александар Јончевски, за шутот за три поени посочува и статистички пример.
– Иако сум од помладата генерација тренери, сметам дека е сосема во ред правилото на шут за три поени, бидејќи со самата одбрана на надворешните позиции се отвора повеќе простор за индивидуални решенија и поатрактивни потези во рекетот. Тоа е многу поизразено во НБА-лигата, каде што не се дозволени ни зони во одбраната, па креативноста на одредени играчи доаѓа до поголем израз. Тоа што повеќе од играчите се одлучуваат за шут од далечина отколку за два поена е и статистички оправдано. Ако една екипа, на пример, шутира со успешност од 40 отсто за три поени, а 50 отсто за два, тогаш од 20 шута за три поени би постигнала 24 поени, а доколку истите 20 ги искористи за два, би постигнала 20. Нормално, зборуваме за шутеви што се бранети, односно т.н. „контакт-шутеви“, а доколку би имале избор да ја положат топката во кошот, секако тоа би го сториле со 100 отсто реализација. Секако, во моментов огромна популарност за ударот за три поени придонесува и играта на НБА-кошаркарот Стеф Кари и неговите тројки, па оттаму е актуелно тоа што многу играчи сакаат да го завршат нападот на таков начин. Сметам дека кај многу играчи тоа е само немоќ да најдат друго решение, па ако го погодат шутот за три поени стануваат херои, а ако не, тогаш никому ништо. Нормално, има играчи што доаѓаат до позиција за чист и отворен шут за три поени и тоа е за поздравување. Во секој случај, темава е обемна и сложена и лично не би менувал многу во тој поглед, но секако би сакал да видам во Европа одбрана каде што е забрането групирање во рекетот, каде што би можела да дојде до израз поголема креативност на играчите, а со тоа и поубава кошарка за гледање – рече Јончевски.