Не стивнува говорот на омраза кон македонскиот идентитет на низа медиумски платформи

На повеќе медиумски платформи може да се сретнат перманентни објави насочени против македонскиот идентитет и јазик, но честопати може да се прочита и експлицитен говор на омраза што е насочен кон одредени институции, како што е Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), или истакнати македонски научници и истражувачи. На отстрел со говор на омраза се и некои од македонските медиуми и новинари. Говорот на омраза против сѐ што го има префиксот македонско или, воопшто, кон македонскиот идентитет е континуиран на интернет, што е особено видливо на социјалните мрежи, како што е Фејсбук, како и на некои од порталите

На повеќе медиумски платформи може да се сретнат перманентни објави насочени против македонскиот идентитет и јазик, но и кон одредени личности и институции од Македонија.
Последен пример е блогот „Балкан“, каде што се објавуваат содржини поврзани со балканската култура, архитектура, музика, политика, историја и сл. Во импресумот што се однесува на споменатата веб-страница може да се прочита дека страницата се стреми да создаде и одржи мирен простор, каде што луѓето од Балканот ќе може да се запознаат, прифатат и почитуваат едни со други. Меѓу другото, на споменатата веб-страница се објавуваат и интересни работи што се поврзани со Македонија. Но и покрај уредувачката политика на блогот за меѓусебно прифаќање и почитување на балканските народи, речиси по секоја објава што е поврзана со Македонија и Македонците има коментари на длабока омраза.

 

Поради оваа појава, авторот или авторите беа принудени преку објава да се дистанцираат од говорот на омраза. Во споменатата објава можеме да прочитаме дека секогаш кога има објава за Македонија се добиваат тон коментари речиси од сите соседни земји што го негираат постоењето на македонската држава и национален идентитет. „Да, Македонците се народ, не, не се измислени во 1945 година од Тито, крајно идиотски е да се мисли дека еден ден луѓето се разбудиле затоа што некој политичар им рекол ‘еј, сега си ова’“, се вели во објавата на блогот „Балкан“. Во понатамошниот дел на објавата исто така можеме да прочитаме: „И да, национализмот постои и во С. Македонија и има коментари со омраза од нив, како што се случува во сите земји, но омразата што ја гледаме кон македонскиот идентитет е без преседан“.

Меѓутоа, говорот на омраза не е забележлив само во коментарите на споменатиот блог „Балкан“, коментари што не се својствени за демократските и напредните општества може да се прочитаат и на други места, како што е Фејсбук или портали. Објавите што можат да се прочитаат се насочени против македонскиот идентитет и јазик, но честопати може да се прочита говор на омраза што е насочен кон одредени институции, како што е Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), или истакнати македонски научници и истражувачи. На отстрел со говор на омраза се и некои од македонските медиуми и новинари.

Бугарскиот историчар Цочо Билјарски во еден свој напис отворено го навредува македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, нарекувајќи го „недостоен лажен историчар“. Во споменатото пишување на Билјарски можеме да прочитаме дека „непосредно пред да почине, главниот злосторник Ј.Б. Тито изјавил дека Бугарите не треба да се надеваат дека нешто ќе се промени таму, во Македонија, по неговата смрт, бидејќи тој ги создал и воспитал своите наследници и следбеници. Еден таков следбеник и продолжувач на македонската лажна наука е актуелниот професор Драги Георгиев, директор на Институтот за национална историја во Скопје и копретседател на мешаната бугарско-македонска историска комисија.“

Со говор на омраза се карактеризираат и објавите и текстовите на веб-страницата „Струмски“, каде што има критики кон македонски историчари или новинари, без притоа да се внимава на речникот. На споменатата веб-страница може да прочитаме дека „нормално, србомакедонците од порталот ‘Македонска нација’ не можат да поминат покрај овој истакнат бугарски фолклорист со својата лажна пропаганда“ или српско-македонистката Елка Јачева-Улчар е професорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Говор на омраза има и кон други македонски општествени дејци. Таков е и примерот со македонскиот историчар Ванчо Ѓорѓиев, за кого се вели дека е струмички селанец, од селото Ново Коњарево, кој ја носи титулата „професор по историја“ на скопскиот универзитет. Говор на омраза има и за сега веќе покојниот академик Блаже Ристевски, за кого се вели дека „е еден од најактивните и главни фалсификатори на историјата на македонските Бугари“.

Од говорот на омраза не се поштедени ниту македонските институции. Таков е и написот за МАНУ, во кој можеме да прочитаме дека „Македонската академија на науките и уметностите (уметноста е српски збор) или МАНУ е една од најактивните и големи македонски институции. Создадена во 1967 година, со цел да го зајакне македонизмот кај македонското население, МАНУ е одговорна за десетици фалсификати и тенденциозни манипулации со историјата на Бугарите од Македонија“.
Но говорот на омраза не е насочен само кон македонските општественици или институции, всушност станува збор за говор на омраза што е насочен против македонскиот идентитет и јазик. Споменатото е очигледно во групата на Фејсбук, со име „Вистината за Македонија“, каде што можат да се прочитаат многу погрдни зборови. Во оваа група може да се прочита дека Македонија е географска област, а не држава, како и дека Македонците во суштина се од бугарскиот етнос, т.е. Бугари.

Слични примери има на македонската јазична верзија на Википедија, каде што одредени уредувачи шират говор на омраза, поради што администраторите биле принудени да преземат одредени дејства. Во известувањето на Кирил Симеоновски до уредувачот што се потпишува како Џингиби можеме да прочитаме дека го информира дека со коментарот на огласната табла за администратори ги прекршил правилата на учтивост и воздржување од лични напади. Кирил Симеоновски исто така информира дека навредите кон заедницата на Википедија на македонски јазик по која било основа се крајно неприфатливи и штетни за проектот. Всушност, уредувачот Џингиби уште во март 2015 година бил блокиран во времетраење од една година заради ширење говор на омраза. Д. Ст.