АМЕРИКАНСКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

БиХ е една од земјите со највисоко ниво на корупција во Европа, покажуваат голем број релевантни истражувања. Според резултатите од овие истражувања, се извлекува заклучок дека тоа е земја во која корупцијата пушти корени и стана начин на живот. Ваквите критики на експертите се насочени, пред сè, на сметка на судските институции, кои не се занимаваат премногу со корупцијата, или се занимаваат со неа на начин што процесираат „ситни случаи“, а големите афери во кои се наоѓаат високи политичари, остануваат, во најголем дел, без епилог.
Деновиве американскиот амбасадор во БиХ, Мајкл Марфи, повикувајќи се на податоците содржани во најновиот индекс на ефикасност на судството на БиХ за минатата година (истражување спроведено од САД во партнерство со Високиот судски и обвинителски совет на БиХ – ХЈТС), предупреди дека „довербата на граѓаните во способноста на судскиот систем на БиХ да се бори против корупцијата е на најниско ниво досега“. Судството, според него, „мора да ги гони корумпираните актери“, а пред да може да го стори тоа, „мора да мете пред своите врати“.
Некои обвинители и судии дури признаваат дека се дел од проблемот, веруваат дека нивната професија е многу подложна на поткуп и сметаат дека системот е компромитиран од политичко влијание и корупција – изјави Марфи, меѓу другото, во својот блог, објавен на официјалната веб-страница на Амбасадата на САД, истакнувајќи дека „стабилноста во Босна и Херцеговина бара јавна доверба во институциите одговорни за спроведување на нејзините закони, особено во правосудните институции“.
Милан Тегелтија, правен советник на српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина и поранешен претседател на Врховниот суд, вели дека најновото истражување покажало дека резултатите од работата на судството во Босна и Херцеговина лани и годинава се „најлошите од почетокот на мерењето на индексот“ и дека во оваа смисла загрижува и перцепцијата на самото судство. А најлошото, како што предупредува тој, е дека трендот ќе биде уште полош од овој.
Ако се споредат новите податоци со оние од пред две, три, четири или пет години, забележливо е дека нивото на кое беше судството во тие години, кое беше жестоко критикувано, денес е веќе недостижен сон – изјави Тегелтија за „Политика“.
Претседателот на граѓанскиот форум „Тузла“ и поранешен судија, обвинител и адвокат Вехид Шехиќ смета дека реформата во судството од 2003 година не ги „дала очекуваните резултати“ и дека е потребна нова, која би одела рака под рака со реформа на агенциите што тесно соработуваат со судот и обвинителството (СИПА и полицијата). Тој вели дека сите судии и обвинители во Босна и Херцеговина треба да бидат реизбрани, бидејќи меѓу нив има и „такви што го нарушуваат угледот на правосудните институции“.