Карикатура: „Нова Македонија“

Полемиката што се разви во јавноста веќе два дена се води за тоа дали „наместо практикувањето на толку неопходниот принцип на владеење на правото, некој всушност завладеал со правото и менаџирајќи со него, во согласност со одредени политики, си поигрува со макотрпното градење на правната држава, подметнувајќи конфронтации на демократијата со легислативата“?! Имено, две клучни прашања се издвојуваат по таа основа. Прво, дали е испочитувана правната процедура, односно дали спикерот не ги надмина своите надлежности одлучувајќи самостојно, кога станува збор за прифаќање или за одбивање на референдумските иницијативи.
И второ, исчезна сега или се загуби во политичките лавиринти уставно загарантираното право за демократско изјаснување на граѓаните

По одлуката на првиот парламентарец за одбивање на иницијативата за референдум

Одлуката на претседателот на Собранието да ја одбие иницијативата за референдум во однос на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија дополнително ја зовре и онака жешката политичка сцена во земјава.
Полемиката што се разви во јавноста веќе два дена се води за тоа дали „наместо практикувањето на толку неопходниот принцип на владеење на правото, некој всушност завладеал со правото и менаџирајќи со него, во согласност со одредени политики, си поигрува со макотрпното градење на правната држава, подметнувајќи конфронтации на демократијата со легислативата“?!

Имено, две клучни прашања се издвојуваат по таа основа. Прво, дали е испочитувана правната процедура, односно дали спикерот не ги надмина своите надлежности одлучувајќи самостојно, кога станува збор за прифаќање или за одбивање на референдумските иницијативи.
И второ, исчезна сега или се загуби во политичките лавиринти уставно загарантираното право за демократско изјаснување на граѓаните.
Од тие причини, македонските граѓани со право очекуваат јасен одговор дали некој си поигрува со нивното уставно загарантираното право за демократско изјаснување газејќи преку Уставот, законите и воспоставените процедури.

Правни аспекти на образложението за „Одбивање на иницијативата за
референдум“

Членовите на кои се повика собранискиот спикер одговарајќи зошто ја одбил иницијативата за референдум се членот осум и членот 118. Според толкувањето на Џафери, во членот осум од Уставот е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Но во овој член уште на почетокот се наведува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот, меѓу кои, секако, спаѓа и правото на референдум. Потоа, тука се и основните човекови слободи и права, слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото, така што веднаш има правна контрадикторност околу темелните вредности во самиот член осум бидејќи меѓународното право ги признава и алатката референдум како највисок демократски кат на изразување на волјата на народот и сите други граѓански слободи и права, сметајќи ги за основна демократска вредност. Уставот не смее да се толкува на начин така што ќе се повикува само на еден сегмент од општите темелни вредности, а да се занемарува поголемиот дел на вредностите.
Гледано од правен аспект, спорен може да биде и членот 118, во кој се наведува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Но во овој случај не станува збор за менување или укинување на меѓународен договор, туку за поништување закон за ратификација на меѓународен договор, што во случајот не би требало да биде спротивно на овој член бидејќи станува збор за закон што е во домашниот правен промет и не предизвикува никакви повреди на меѓународното право ниту, пак, на билатералниот договор со Бугарија. Професорот по меѓународно право Игор Јанев од Институтот за политички студии во Белград, прецизно објаснува зошто Џафери нема никаква основа да се повикува на двата члена од Уставот и да ги наведува како причина за одбивање на иницијативата за референдум.
– Ова референдумско прашање не го менува Договорот со Бугарија, туку се спори Законот за ратификација со кој тој договор се прогласува за важечки – појаснува професорот Јанев.
Според него, самиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија е противуставен.
– Законот за ратификацијата на овој договор не е донесен во согласност со Уставот, како што предвидува членот 118 од Уставот, бидејќи со ратификацијата се врши прифаќање договор што според својата содржина е асимилаторски. Асимилацијата и националната негација се спротивни на меѓународното право и оттаму договорот е нелегален и рушлив (односно ништовен). Договорот е склучен по заблуда и овој факт, како и спротивноста на императивните правни норми содржани во членот 53 од Виенската конвенција за право на договори од 1969 година, овозможува поништување или/и раскинување на таков нелегален договор. Оттаму, повикување на членот 118 од Уставот е само уште една манипулација на власта – наведува Јанев.
Тој додава дека без оглед како ќе заврши сета оваа уставна кармакаша што ја иницира парламентарниот спикер, Македонија, ако сака, има правни механизми како легално да ги раскине договорите со Бугарија и со Грција, дури и ако воопшто не се одржи референдум.

– И да имаме или да немаме референдум, за поништување на бугарскиот акт, и натаму можеме да го раскинеме Преспанскиот договор. Тој се раскинува со нота до другата страна, која може да ја прати министерот за надворешни работи или премиерот, дури тоа може да го направи и претседателот на државата. Понатаму, правно гледано може, и покрај исходот на референдумот, да се раскине и бугарскиот договор, бидејќи прашањето на референдумот се однесува (само) на поништување на Законот за ратификацијата на договорот, но не се однесува (формално гледано) на раскинување на бугарскиот договор.
Оттаму, теоретски, па и практично, (и покрај референдумскиот галиматијас), Договорот со Бугарија ќе може да се раскине повикувајќи се на членот 13 (став 3.), според кои, е предвидена опција за раскинувањето на овој акт. Императивот е прво да се раскине Преспанскиот договор (еднострано, а повикувајќи се на императивните норми од меѓународното право, пред сè асимилацијата).Со раскинување на Преспанскиот договор целата архитектура на бугарскиот договор паѓа во вода – категоричен е Јанев.

Претседател на парламент не може да биде наедно и уставен судија

Втората дилема околу која се кршат копјата во јавноста е одлуката на Џафери сам да ја оценува уредноста на иницијативата за референдум, за потоа да ја одбие наведувајќи два члена од Уставот.
Но во членот 67 од Уставот јасно е посочено кои се надлежностите и која е улогата на претседателот на Собранието, односно дека тој треба да се грижи за примена на Деловникот на Собранието и да врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието. Во овој член никаде не пишува дека тој има улога и на уставен судија, односно дека може да се произнесува која иницијатива е уставна, а која не.
Во согласност со процедурите, иницијативата за референдум претседателот ја доставува до матичното работно тело, кое утврдува дали таа е уредна или неуредна, а потоа за неа се расправа на пленарна седница. Заклучок за тоа дали иницијативата се прифаќа или се отфрла, носи само Собранието.
Со одлуката сам да ја отфрли иницијативата прескокнувајќи ги сите процедури, претседателот на Собранието се стави над инструментариумот „граѓанско изјаснување“, што може да доведе кон опасен преседан одлуките за иднината на државата да се носат од страна на мал круг луѓе, занемарувајќи ги волјата и мислењето на народот, а правдајќи се со наводни „стратегиски интереси“. Ако народот на 8 септември 1991 година на референдум одлучи да гради сопствена држава, тогаш народот има право да одлучува и за нејзината иднина.
На првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, ваквата одлука на Џафери му наликува на акт на самоволие, па затоа и не го изненадува нефункционалноста на законодавниот дом.
– Иако е претседател на Собранието, тој е само еден од пратениците и за вакво прашање претпоставувам дека треба собраниска одлука, но сигурно не е надлежен да толкува уставност на што било, вклучувајќи ја и оваа иницијатива. Затоа белким го имаме Уставниот суд, каде што веројатно ќе заврши оваа работа, доколку се опстои на оваа одлука – вели Кржаловски.
Според него, одлуката на собранискиот спикер е крајно контроверзна бидејќи се наведува само еден, а се занемаруваат сите други темелни вредности поврзани со почитувањето на меѓународното право.
– Контроверзноста ја гледам во повикувањето на членови од Уставот за одбивање на иницијативата. Имено, одлуката се повикува на членот 8 (темелните вредности) за почитување на меѓународното право. Патем, таму се зборува за општоприфатените норми, а не за поединечни билатерални договори, а се прескокнува, на пример, дека истиот тој договор и особено последиците од него што нѐ доведоа до т.н. француски предлог, прекршува барем половина од тие темелни вредности наведени во истиот тој член 8 од Уставот (пр. основните човекови слободи и права, слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото итн.) – додава Кржаловски.
Тој не може да најде разумна причина зошто е донесена ваква одлука кога е јасно дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ може повторно да поднесе иницијатива за референдум.

– Ќе се спречи референдум? Па, веројатно уште утре ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе нова иницијатива со малку модифицирано прашање и ќе го прави тоа сѐ додека не се донесе собраниска одлука за референдум. А паралелно ќе тера постапка и во Уставниот суд за оваа одлука на Џафери… Затоа велам дека оваа одлука е непродуктивна. И како што веќе сме навикнати, наместо ‘народните избраници’ да го работат тоа за што се гласани таму – да ги решаваат проблемите на граѓаните, продолжува тенденцијата на создавање проблеми, често и сосема непотребно. Затоа и не нѐ изненадува што сѐ повеќе заглавуваме и тонеме како држава, а во тоа предничат најважните институции и политичките партии, чија доверба кај граѓаните полека, но сигурно тоне кон едноцифрени вредности – оценува Кржаловски.


Голем број реакции на одлуката на Талат Џафери

Бурни реакции пристигаат од сите страни по одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја одбие иницијативата за организирање референдум за укинување на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Професорката Мирјана Најчевска, коментирајќи ја одлуката, посочи дека тој го прекршил Уставот и ѝ плукнал во лице на демократијата.
– Со ова Џафери го прекрши Уставот, покажа недозволиво незнаење на правото и ѝ плукна во лице на демократијата. Ова е веќе такво ниво на партиско самоволие што задира во темелите на уставниот поредок и не смее да се толерира – децидно се изјасни професорката Најчевска.
– Претседателот на парламентот Талат Џафери не е надлежен да цени уставност и законитост, тоа е во рацете на Уставниот суд – вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.
Од парламентарната опозиција ја обвинија власта дека одбивањето на иницијативата за референдум само дополнително ќе ги заостри односите во Собранието.
– Џафери си го приватизира Собранието и уште еднаш покажа дека власта се плаши од народ и затоа беа принудени да измислат небулозни причини да ја отфрлат иницијативата за референдум. Работа на претседател на Собрание не е да толкува устав, тоа е работа на Уставниот суд. Иницијативата за референдум не е спротивна на Уставот, а Талат Џафери не е уставен судија за да го толкува Уставот – изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Левица смета дека Џафери нема право мериторно да ја оценува иницијативата за референдум, туку само нејзината уредност од формалноправен аспект.
– Немате други ингеренции, освен да ја доставите иницијативата до Законодавно-правната и до матичната, Комисијата за политички систем. Овие комисии требаше да ви дадат мислење, тоа е вториот чекор – да кажат дали иницијативата е уредна или не. Третиот чекор е, ако се утврди дека иницијативата е неуредна, да се стави на дневен ред на првата следна собраниска седница. Четвртиот чекор е – Собранието, не спикерот, со заклучок да утврди дали иницијативата е уредна или не и дури тогаш се известува официјалниот предлагач, во случајот Мицкоски, во рок од три дена. Вие сте пратиле обично известување, кое не е правен акт, и сето ова го имате прекршено преку силеџиско толкување на Уставот – рече Димитар Апасиев, лидер на Левица и пратеник.