А – афирмација на испишаните писателски и поетски ракописи, научните достигнувања и уметничките дострели, со цел да се збогатат стекнатите знаења кај учениците и адаптабилност и приспособување на дигиталните алатки и апликации за поддршка на учениците во учењето на македонски јазик и на странските јазици.

Б – бедем е библиотеката каде што детето безгрижно другарува со ликови што ги раскажуваат своите приказни на нивните страници без да им робуваат на времето и на просторот.

В – витрини, преполни со визии што ги втемелуваат и ги воочуваат народните усни и писмени извори како поттик кон читање и пишување кај читателите.
Креирање веб-страница на која се внесуваат поважни настани, позначајни датуми, екранизации на лектирни изданија, едукативни извори за изучување англиски и француски јазик, конкурси, предизвици за младите уметници, играни детски серии и разни други подучувања. Врската е:
bibliotekadunja.blogspot.com.

Г – галерија на фотографии на кои се отсликуваат детските насмевки кога се во читалницата и кога ги посетуваат афирмирани писатели, поети и уредници, грижа за пишаното и говорното изразување во македонскиот јазик и градење образовни стратегии за учење на јазиците од помалите етнички заедници.

Д – дом што ги удомува писмените видици, научните анализи и книжевните осврти, кои продолжуваат да создаваат идни генерации и место каде што се создаваат проекти, дигитални сликовници, видеа, книжевни и ликовни конкурси, конкурси за Свети Кирил и Методиј и за Свети Климент Охридски.
Дигитализирана и полноправна членка на платформата ЦОБИСС (COBISS), софтвер според европски и меѓународни стандарди. Нашите ученици, колегите и родителите можат да користат дигитални содржини и имаат пристап до информациите во сите јавни библиотеки во државата, линкови до е-извори, статии, списанија, стручни трудови, како и мрежно поврзување на библиотеките, каде што се наоѓа овој софтвер во државите Србија, Словенија, Косово, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Ѓ – Ѓурѓовден е ден на нашата општина Кисела Вода кога библиотекарската секција ѝ подарува и ја накитува со разнобојни цветни дефилеа од свои песнички, есеи и прозни текстови.

Е – ентузијазам, кој го поткрепува сопствениот духовен растеж и го надминува реалниот општествен предизвик со учењето и оспособување на учениците во користење соодветна литература за проучување, како: енциклопедии, атласи, прирачници, сликовници, боенки и електронски извори на знаење и интернет-ресурси.

Ж – желба за читање и откривање нови светови со секоја прочитана страница.

З – загатки што се разоткриваат со секоја нова прочитана книга и се запознаваат ненадминливите и софистицирани книжевни вкусови, како и збратимување со основни училишта од целата држава.

Ѕ – ѕуница составена од книжевни работилници што шират радост меѓу децата од сите возрасти и работилници што ги проучуваат стереотипите и предрасудите, како и реализација на ѕидни весници.
И – истражувачка работа поврзана со интерперсонални и интеркултурни односи меѓу различните култури и традиции што живеат и творат во нашата држава, како и подучување, изучување и надминување на културниот плурализам во кој се вклучуваат толеранцијата и односот на еднаквост кон културните разлики меѓу луѓето.

Ј – јадро што ги зајакнува културата, идентитетот, јазикот и традиционалните обележја со кои се поврзуваат дијалозите меѓу минатото, сегашноста и иднината, но и вклучување или инклузија на учениците со попреченост во разновидни конкурси и изложби организирани од национални галерии.

К – концептот на космополитизам што ја сплотува креативноста да биде во континуитет, за да ја создава симболичната полнота на сите претходни, сегашни и следни синергии, како и посети на издавачки куќи, музеи, галерии, медијатеки, училишта, културни центри на помалите етнички заедници и национални библиотеки.

Л – литература на чија платформа се задржуваат и се среќаваат сите азбуки и се истакнуваат идеолошките стратегии што биле карактеристични во различни времиња.

Љ – љубовта кон читањето и будењето на љубопитноста извезена од писателските и поетските пера надојдени од скриените долапи на креативните изуми од децата, кои го претставуваат авангардниот мислечки процес.

М – медена оаза каде што се чувствува светот, каде што не отсуствуваат чувството за културно созревање и чувството на емпатичност.

Н – насмевки се книгите, кои како портали ги хранат душите и ги глодаат интерпункциските знаци и зборовите меѓу нив.

Њ – Њујорк, како град што ќе го најдете во многу книги и тоа ќе ве поттикне да влезете во библиотеката и да откриете интересни податоци за него.

О – осмислување изложби со стари и оштетени книги, работилници со агресивно и демократско однесување, едукативни, културни и јавни активности, како и перманентна обука во професијата библиотекар.

П – просветителска водилка е библиотеката со испечатени пергаменти од испишани перодршки на паметници, чиј просперитет провоцира креативност на поетски творби од македонските дејци и од дејците низ светот, но и креативност и од сопствените поетски творби.

Р – радост и ведрина и одбројување на секакви агресивни меѓуучилишни компетенции.

С – стекнување навики за самостојно учење и исползување на стекнатите искуства и знаења за полесно ракување со дигиталната библиотека.

Т – творештва што со своите вокабулари ги творат и ги препознаваат новите читателски начела и ги испишуваат новите умотворенија, со цел да се дефокусираат децата од компјутерите, и меѓусебна толеранција како комуникативна вештина за општо добро.

Ќ – ќуп на непроценливо богатство се крие во библиотеките. Посетувајте ги почесто, ќе видите, ќе ви станат ваше волшебно место.

У – уживање во учењето и унапредување на дигиталните компетенции и дигиталната обработка на педагошките иновации.

Ф – фонтана на франкофонски активности од франкофонски клуб, поддржана со дарување сто наслови од француската литература со педагошки наставни материјали и со снабдување со неопходните материјални ресурси на библиотеката од фондацијата „Бел идеал“ (Bel idéal).

Х – храм е библиотеката во кој се прехранува човековото битисување и катче каде што се одвиваат хумани акции за учениците со социјален ризик.

Ц – цивилизациските придобивки се зачувуваат и се архивираат секогаш кога се дискутираат на книжевните меѓусебни училишни дебати.

Ч – чудотворни мелеми се книжевните богатства што ги здружуваат децата, а ги раздружуваат нивните тажни расположенија.

Џ – џиновска љубов кон читањето.

Ш – шепотот на листовите, кои децата ги вртат брзо кога читаат некоја интересна книга, која ги носи на места каде што уште не биле и им раскажува необични приказни.


Драги деца, од денеска на страниците на „Колибри“ почнуваме со нова рубрика, која ја насловивме „Мојата азбука“. Ентузијасти и творци, чија дејност е поврзана со децата и нивната едукација, преку својата азбука ќе ви ги откријат својот свет, желби и достигнувања. Серијалот го почнуваме со Маја Трајковиќ, библиотекарка во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, во скопската општина Кисела Вода.
Оваа амбициозна, љубопитна и неуморна жена ни откри дел од својата биографија
– Во образованието работам 15 години, 10 години како професорка по француски јазик и пет години како стручна соработничка – библиотекарка во ОOУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Кисела Вода, Скопје. Во меѓувреме, магистрирав менаџмент во образованието, објавив еден научен труд посветен на невербалната комуникација и два научни труда од областа на библиотекарството, исто така сум дипломирана преведувачка на литературни, деловни и технички преводи и три години сум во Извршниот одбор на Библиотекарското здружение во Македонија и авторка на книгата „Пресек“ – ни рече Маја Трајковиќ.
Сите нејзини успеси се поткрепени и со голем број награди.
– Во изминатата 2021 година освоив три награди и трите ми се драги и поттик за нови предизвици. Првата што ја добив беше за „Библиотекар на годината – Павлина Цунева Маказлиева“ од здружението „Средби под јаворите – Видое Подгорец“, во соработка со издавачката куќа „Просветно дело“, на Републичкиот конкурс за извонредност во библиотекарската и информативна дејност за училишните библиотеки. Втората награда ми ја додели Општина Кисела Вода како истакнат стручен соработник, а третата награда за „Библиотека на годината за 2021“ ја добив од Библиотекарското здружение на Македонија. Како членка на Извршниот одбор при Библиотекарското здружение на Македонија соработувам со една национална библиотека, НУБ „Св. Климент Охридски“, во Скопје, преостанатите во Штип, Битола, Охрид и во Тетово, речиси со сите јавни библиотеки, некои специјализирани библиотеки и библиотеки од основните и од средните училишта, кои се членки на БЗМ, но и како координаторка на училишните библиотеки на национално ниво и основоположничка на секцијата за училишните библиотеки при Библиотекарското здружение соработувам со речиси сите училишни библиотеки на национално ниво. Замислата е размена на искуства, идеи, ставови и мислења, споделувања креативни идеи и подобрување на позицијата стручен соработник – библиотекар – вели Маја Трајковиќ.
Како човек што секојдневно е опколен со книги, Маја својата азбука ја состави од поими што ја објаснуваат нејзината работа, но и такви што на децата им го доближуваат читањето. На тој начин сите ќе научиме со што конкретно се занимава еден библиотекар и како книгите го збогатуваат нашиот живот. Веројатно токму затоа за буквата Б напиша дека библиотеката е бедем каде што детето безгрижно другарува со ликови што ги раскажуваат своите приказни на нивните страници без да им робуваат на времето и на просторот, а буквата Џ ја асоцира на џиновска љубов кон читањето! М.Т.