Фото: Игор Бансколиев

Никој не очекуваше ниту, пак, замислуваше дека на Скопје може да му се случи невреме како она од завчера, кога се споија небото и земјата. Во некои делови, метрополата беше зафатена од дожд и град, некаде само пороен дожд, а некаде силниот ветар корнеше дрвја и покриви, предизвикувајќи огромна материјална штета

Градот поплавен, испливаа старите проблеми

Паника, страв и ужас предизвика завчерашното невреме што во попладневните часови го зафати главниот град. Искршени покриви, паднати покривни конструкции, монтажни тераси, откорнати дрвја и возила со патници заробени под нив, поплавени подвозници, поплавени возила со патници во нив, поплавени трговски центри, подруми и локали се само мал дел од последиците што ги остави стравотното невреме во Скопје.
Градоначалници на терен, активирани кризни штабови, работници на јавните претпријатија со механизација работеа да ги санираат штетите за побрзо да се врати животот во нормала…

СТРАВОТНА СЛИКА

Никој не очекуваше ниту, пак, замислуваше дека на Скопје може да му се случи невреме како она од завчера, кога, чиниш, се споија небото и земјата. Во некои делови, метрополата беше зафатена од дожд и град, некаде само пороен дожд, а некаде, пак, речиси немаше невреме.
Како и да е, некои од населените места во скопските општини претрпеа сериозни штети како последица на силниот ветер и поројните дождови.
Аеродром, Центар и Кисела Вода се чини дека беа во епицентарот на невремето.
Екипа на „Нова Македонија“, малку по невремето, излезе на терен за да ја види фактичката состојба во скопските општини, за кои граѓаните на социјалните мрежи активно објавуваа фотографии и споделуваа искуства за последиците од невремето.
Она што беше видливо на терен беше вистински хорор. Водата на некои од улиците сѐ уште не беше повлечена, па возењето по скопските улици беше отежнато. Екипи на полицијата имаа блокирано одредени делови, каде што, поради паднати дрвја и поплавени улици, беше забранет сообраќајот. Забрането беше движењето речиси кон сите подвозници во Скопје – под плоштадот „Скендербег“, двата подвозници кон Бутел 1, подвозникот кон Кисела Вода, кој се наоѓа во близината на старата железничка станица, а блокирана беше и клучката кај „Континентал“.
Дополнително, забранет беше сообраќајот на повеќе улици како последица на паднати дрвја, а сопствениците на објектите пред Олимпискиот базен самостојно работеа и со кофи ја вадеа водата што им беше навлезена во објектите.
Од една страна, сликата беше застрашувачка, од друга, пак, навистина тажна, бидејќи факт е дека овие горливи проблеми и прашања се отвораат секогаш кога на градот ќе му се случи вакво невреме. Можеби најжална беше сликата за оние што беа заглавени под мостовите, односно кај подвозниците. Исплашени за својот живот, чекаа да бидат евакуирани, бидејќи во таква ситуација самостојно не можат да преземат нешто многу. За среќа, нема жртви.
Невремето ги поттикна граѓаните на социјалните мрежи да отворат голем број болни прашања, кои секогаш се актуализираат кога на Скопје ќе му се случи вакво невреме.
Нефункционална атмосферска канализација, стари и суви дрвја по скопските улици, подвозници што при секој пороен дожд се претвораат во базени, изградени улици без атмосферски канализации се само мал дел од проблемите, кои како печурки никнуваат при секоја ваква елементарна непогода.
Но, исто така, факт е дека колку и да биле подготвени институциите и јавните претпријатија, вакво невреме сепак е невозможно да помине без некакви последици. Бидејќи, да бидеме искрени, ова што завчера му се случи на градот може да се категоризира само како елементарна непогода и ништо помалку.

СИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА НА ТЕРЕН

Сите екипи на Градот надлежни за вакви ситуации беа активни на терен. Полиција, пожарна, јавни претпријатија, па и градоначалниците засукаа ракави да помогнат во санирањето на штетите, што е за поздрав, бидејќи нивното место е покрај народот, покрај оние што ги избрале да бидат на тие функции.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, откако го свика Кризниот штаб, и самата излезе на терен. За медиумите изјави дека се интервенирало на сите локации и дека штетите се санираат. Таа најави и дека ќе се бара одговорност за несоодветната инфраструктура што придонесе за штети на градските булевари.
Од секторот за односи со јавност на Град Скопје информираа дека силното невреме предизвикало поплави на повеќе места низ градот, или, поточно, екипите на јавните претпријатија морале да интервенираат на повеќе од 30 локации каде што имало поплавувања.
Екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ добија пријави за повеќе од 40 локации каде што била потребна нивна интервенција поради паднати дрвја и гранки. Четири екипи работеа на терен, а најавија дека штетите ќе продолжат да се санираат и во следниве денови, до целосното расчистување.
И комуналците излегоа на терен. Се чистеше разлетаното ѓубре, а беше вклучена и механизација за побрзо и поефикасно средување на градските улици.
Најголемите проблеми, сепак, беа за водоводното претпријатие, по кое овие денови најмногу се „фрлаат камења“, поради нефункционирањето на атмосферската канализација. И покрај тоа што можеби атмосферската канализација повеќе не може да ги задоволи потребите на градот, сепак, вината не е само и исклучиво нивна. Уште еднаш дојде до израз однесувањето на неодговорните граѓани, кои фрлаат ѓубре на сите страни, па како последица на тоа беа затнати голем број шахти и сливници. Екипите на јавното претпријатие мораа да интервенираат токму на одзатнувањето на овие локации, за да може водата да се повлече од поплавените реони.
Големи штети претрпе и вертикалната сигнализација, па поради тоа јавното претпријатие „Улици и патишта“ мораше на терен да ги санира штетите, односно дефектите на семафорите и искривените латерни на нив, а мораше да се интервенира и на искривени сообраќајни знаци и заштитни столбови.

НЕКОИ ОД ГРАЃАНИТЕ ПАНИЧЕА, НО НЕКОИ СВРТЕА НА ШЕГА

Некои од граѓаните што живеат во општините каде што невремето го достигна својот врв велат дека такво невреме досега не виделе. Пензионерката Пенка Миленовска, жителка на Кисела Вода, вели дека во нејзините 65 години не видела вакво стравотно невреме.
– Беше страшно, не можев да верувам што се случува. Така лесно да паѓаат дрвја, да се корнат покриви и да се поплавуваат улици, навистина не ми е верно. Сѐ уште сум во шок, исплашена сум и загрижена, бидејќи живеам сама, моите деца се во странство. Добро е што имам соседи што веднаш дојдоа да ме видат како сум – вели таа.
Аеродромци, пак, револтирано велат дека вакво нешто не смее да ѝ се случува на метропола.
– Цел Аеродром беше под вода, сакате верувајте, сакате не. Не беше можно да се вози, а пешаците пак што беа затечени од поројниот дожд, не знаеја каде да избегаат за да се скријат. Сите беа во паника. Надлежните треба добро да се зафатат со работа и да не бараат виновници, туку да се зафатат со решавање на проблемите – вели Никола Стојановски, жител на Аеродром.
Поплавени беа и Градскиот трговски центар и новоизградениот „Ист гејт мол“. Тоа, пак, како да беше повод социјалните мрежи да се преполнат со сарказам и иронија. Граѓаните со објавување разни фотографии даваа коментари и свои видувања за невремето. „Скопје на вода“, „Еден од најубавите водопади во Македонија е оној во ГТЦ“, „Каде си, не можам да те најдам? – Еве сум, во длабокото“, беа дел од коментарите на социјалните мрежи.