Анализата на „Еуроњуз“ и на аналитичкиот прогнозер „Корапшн риск“ открива дека состојбата во повеќето европски земји ниту многу се влошува, ниту премногу се подобрува кога станува збор за корупцијата. Според прегледот за корупција, кој ги анализира резултатите помеѓу 2008 и 2020 година, само за Босна и Херцеговина беше оценето дека има тренд на „опаѓање“ на ризикот од корупција. Бугарија, Македонија, Молдавија, Летонија, Литванија, Естонија, Шпанија и Словачка беа рангирани како подобрени. Трендот за остатокот од Европа беше опишан како стабилен
Зачести обелоденувањето докази за злоупотреба на функција во Европа
Европската јавност, барем навидум, станува многу поефикасна во притисокот да се повлечат од функција корумпираните политичари. Минатиот октомври, Себастијан Курц беше принуден да поднесе оставка од функцијата австриски канцелар поради наводната употреба на владини средства за купување поволна медиумска поддршка. Приближно во исто време, чешките гласачи се погрижија Андреј Бабиш да не освои уште еден мандат како премиер, делумно поради долгогодишните наводи дека неговиот огромен конгломерат незаконски земал субвенции од Европската Унија (ЕУ). Јанез Јанша, кој беше осуден на две години затвор за корупција во 2013 година, ја загуби премиерската функција на Словенија во јуни. Во 2020 година, Словаците избраа нова коалициска влада, чија најголема партија водеше кампања исклучиво за борбата против корупцијата. Во државата се одржаа протести по убиството во 2018 година на млад истражувачки новинар што пишуваше за врските меѓу тајкуните во земјата и некогаш доминантната партија СМЕР-СД.
Голем дел Европејци мислат дека корупцијата е раширена
Но една неодамнешна анкета на „Евробарометар“ покажа дека 68 отсто од луѓето во ЕУ сметаат дека корупцијата сè уште е широкораспространета во нивната земја. Само една третина мислеа дека нивните влади преземаат мерки. Во Грција, Кипар, Унгарија, Хрватска и Португалија, повеќе од 90 отсто од испитаниците изјавиле дека корупцијата е широкораспространета. Перцепциите беа само под границата од 50 отсто во Естонија, Луксембург, Шведска, Финска и Данска.
Аналитичарите велат дека бројките не треба да се преценуваат, бидејќи варијациите се во рамките на методологијата за грешка во довербата, па дури и најдобрите европски примери забележаа пад на индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешенел“. Роберто Мартинез Кукучка од „Транспаренси интернешенел“ предупреди за семантиката дека корупцијата често се користи како општ термин, кој опфаќа неколку дела на злоупотреба на доверената моќ за лична корист. Според него, тоа може да варира од поткуп до добивање јавна услуга, до проневера на јавни средства или фаворизирање при доделување јавни договори.
Разлики во корупцијата меѓу Западна и Источна Европа
Дури и кога постојат вистински податоци за корупцијата, често е тешко да се утврди дали состојбата се подобрува или се влошува, додаде Кукучка. Данска е единствената земја во ЕУ каде што мнозинството луѓе не мислат дека врските меѓу деловниот сектор и политиката се премногу блиски, според истражувањето на „Евробарометар“. Кукучка истакнува дека има разлики и меѓу западот и истокот на континентот.
Според истражувањето на „Евробарометар“, луѓето во земјите што биле членки на ЕУ пред 2004 година, главно на западната половина на континентот, имаат поголема веројатност, во однос на жителите на поновите членки на ЕУ, да кажат дека корупцијата е широкораспространета во политичките партии и во деловната сфера. За споредба, поновите европски членки сметаат дека корупцијата е поприсутна во нивниот здравствен систем, полицијата и судството. Кукучка посочува дека луѓето во Источна Европа ја гледаат корупцијата како проблем во јавниот и во приватниот сектор и особено немаат доверба кон оние на високи политички позиции.
Тој додава дека во Западна Европа довербата во јавниот сектор е многу поголема и главната грижа е односот меѓу јавниот и приватниот сектор, како и моќта и влијанието на големите компании во процесот на креирање политики.
Дали се подобрува обелоденувањето на корупцијата?
Една можна причина зошто некои Европејци мислат дека корупцијата се влошува е затоа што новинарите и регулаторите станаа многу подобри во откривањето и известувањето за докази за корупција, смета Лиз Дејвид-Барет, раководителка на Глобалната програма за мерење на корупцијата на Меѓународната антикорупциска академија во Виена.
Таа додаде дека тоа е исто така резултат на пандемијата на ковид-19.
Неодамнешното истражување на „Транспаренси интернешенел“ ги обвини слабите перцепции делумно на скандалите со јавните набавки на медицинска опрема за време на пандемијата.
Сепак, во најголем дел, се чини дека има напредок во Европа. Постои одредена доверба во новото европско јавно обвинителство на ЕУ (ЕППО), формирано минатата година и предводено од поранешната романска главна антикорупциска обвинителка Лаура Ковеси. Може да биде гонет секој вмешан во злоупотреба од 100.000 евра или повеќе од фондовите на ЕУ. Претходно, канцеларијата на ЕУ за истрага на измами, ОЛАФ, беше попречена од фактот дека не можеше да ги гони случаите на корупција, туку само да им ги предаде на земјите-членки. Делумно, Брисел дејствува брзо за да се справи со корупцијата, бидејќи има цел да распредели 800 милијарди евра во својот фонд за закрепнување од пандемијата до 2027 година, што создава простор за корупција. Некои сметаат дека ЕППО е создаден за нето-придонесувачите во касата на ЕУ да бидат малку посигурни дека нето-примателите во Унијата ги користат своите пари правилно.
Анализата на „Еуроњуз“ и на аналитичкиот прогнозер „Корапшн риск“ открива дека состојбата во повеќето европски земји ниту многу се влошува, ниту премногу се подобрува кога станува збор за корупцијата. Според прегледот за корупција, кој ги анализира резултатите помеѓу 2008 и 2020 година, само за Босна и Херцеговина беше оценето дека има тренд на „опаѓање“ на ризикот од корупција. Бугарија, Македонија, Молдавија, Летонија, Литванија, Естонија, Шпанија и Словачка беа рангирани како подобрени. Трендот за остатокот од Европа беше опишан како стабилен.
Подготвил: Mарјан Велевски