Според измените на Законот за градење, граѓаните и фирмите што ќе сакаат да постават фотонапонска централа на покрив на куќа, погон или зграда нема да бараат решение од општината, туку треба да ја известат и до неа ќе треба да ги достават само потребните документи пред поставувањето, а потоа изјавата на изведувачот дека градбата е поставена според проектната документација
Поедноставени процедурите за поставување фотоволтаични панели
По многубројните апели на експертите и на компаниите, Владата на вчерашната седница донесе одлука за поедноставување на процедурите за поставување фотоволтаични електроцентрали на покривите на домаќинствата и стопанските објекти.
На вчерашната владина седница беа усвоени измените и дополнувањата на Законот за градење со кои се овозможува на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електроцентрали со моќност од шест киловати и на стопанските објекти со моќност до 40 киловати по поедноставени процедури.
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во текот на наредните денови измените на Законот ќе бидат доставени во Собранието и се очекува тие да бидат изгласани на првата собраниска седница.
Инаку, според измените на Законот за градење, граѓаните и фирмите што ќе сакаат да постават фотонапонска централа на покрив на куќа, погон или зграда нема да бараат решение од општината, туку треба да ја известат локалната власт и до неа ќе треба да ги достават само потребните документи пред поставувањето, а потоа изјавата на изведувачот дека градбата е поставена според проектната документација.
Домаќинствата и малите фирми и советите на станари на станбените згради ќе можат да постават фотонапонска централа од шест односно 40 мегавати на сопствен објект, на објект даден под кирија или на станбена зграда.
– Инвеститорите ќе треба до општината да ги достават документите: лична карта за идентификација на граѓанинот или фирмата, имотен лист или се доставува договор склучен со сопственикот ако не е сопственик, основен проект или писмена согласност од станарите во зграда. Основниот проект треба да содржи општ дел и архитектонски проект – појасни министерот Бочварски.
Понатаму уште додаде дека фотонапонската централа треба да биде поставена од страна на лиценциран изведувач, а се пушта во употреба со негова изјава во која гарантира дека е изведена според проектната документација.
– Фотонапонската електроцентрала потоа се приклучува на приклучок од ЕВН. Инвеститорот е должен да ја достави изјавата до општината и агенцијата за енергетика, а контролата ја вршат градежни инспектори. Неискористената енергија потоа се враќа во електроенергетскиот систем во земјата – рече Бочварски.
Тој појасни дека се прават олеснувања и на постапките кај ЕВН за приклучок во мрежата.
Додека се чекаат пратениците да ги изгласаат измените во Законот за градење и да се олесни поставувањето фотоволтаични централи, некои земји од соседството отидоа и чекор понатаму, укинувајќи го ДДВ на опремата за производство на електрична енергија од сонце. Тоа го направи прва Хрватска, а по неа оваа постапка ја започна и Црна Гора, каде што се очекува да бидат усвоени мерки со кои ќе се укине ДДВ за инсталирање фотоволтаични централи.
– Кај нас во цената и натаму стои 18 отсто ДДВ. Одамна имаме зборувано за потребата да се укине ДДВ, дававме иницијативи, но сè уште не наидуваме на разбирање. Пет отсто е за соларните системи за топла вода, но за фотоволтаичните панели и натаму е 18 отсто – велат од „Аресе солушнс“, компанија што се занимава со инсталирање фотоволтаични централи.
Според нив, ако се следат примерите на Хрватска и некои други земји и ако се укине ДДВ, тогаш и целокупната инвестиција значително ќе се намали.
Ако на ова се додаде и потенцијалната можност за државно субвенционирање за домаќинствата, тогаш произлегува дека сегашната цена од околу 7.000 евра за шест киловатни системи на покривите на индивидуалните куќи би можело да се спушти на прифатливи 3.500 евра по домаќинство. Тоа ќе овозможи голем број неискористени покриви низ државата да станат сончеви централи, од кои бенефиција ќе имаат домаќинствата, но и државата, која нема да мора да увезува толкави количества скапа струја, а истовремено домашните капацитети за производство на електрична енергија ќе може да ги насочи кон задоволување на потребите на стопанството. Е.Р.