ШПАНСКИ МУАБЕТИ EL HIDALGO EJEMPLAR

„Novelas ejemplares“ се објавени во 1613-та во Мадрид, кога Сервантес имал 66 години, остарен, истоштен и сиромашен, но авторски импресивно моќен, штом во тие животно тешки години можел да ги заврши вториот дел на „Дон Кихот“, „Примерните новели“, „Патот за Парнас“, уште осум нови комедии и меѓуигри и „Згодите и незгодите на Персил и Сигисмунда“.
Тешко може да се најде творец како Сервантес што тукуречи до последниот здив на својот земен живот создавал врвни остварувања од типот на „De revolutionibus orbium coelestium“ („За револуциите на небесните сфери“) на Никола Коперник, епохално дело што, според легендата, астрономот го видел отпечатено на денот на својата смрт или недовршениот Реквием на Моцарт…
Во посветата до грофот од Лемос во втората книга на „Дон Кихот“, Сервантес пишува: „Вчера ми го дадоа последниот опрост, а денес ви го пишувам ова; времето е кусо, тескобноста расте, надежите се изнемоштуваат, но и покрај сето тоа, во животот ме држи желбата да живеам…“.

SIGLO DE ORO

Постари или помлади современици на Сервантес се, меѓу другите, такви книжевни големци како поетите Луис де Леон, Луис де Гонгора, сестраниот Франсиско де Кеведо, или драматурзи како Лопе де Вега, Тирсо де Молина, Калдерон де ла Барка. Со некогаш комплицирани, ривалски меѓусебни односи, со некогаш мачни периоди во животот (тука макотрпната судбина на Мигел Сервантес де Сааведра е пример на животен пат со слепи сокаци и заборавени порти), тие создаваат дела што се гордост на Siglo de oro. Златниот век на шпанската литература! Блескотна концентрација на врвни автори во време кога, историски гледано, шпанската империја, поради лошото владеење на Филип II, постепено, па побрзо воено и економски пропаѓа.
Ранет, останувајќи доживотно сакат со левата рака, во херојскиот триумф над османлиската морнарица во битката на Лепант во 1571-та, само шеснаесет години подоцна, Сервантес, во сиромаштво и долгови, го доживува срамниот пораз на шпанската Армада во војната против Елизабета I. Очигледно, Siglo de oro во шпанската литература се разминал со златниот век во шпанската историја. Зошто во несредените политички и економски времиња се раѓа врвна литература? Прашање што често се поставува кога денес се читаат, изведуваат и толкуваат со страст делата на овие големи инспиративни шпански класици.