Предвидувањата се дека најмалку 10 бразилски клуба што сега се во сопственост на навивачи, во следните две години ќе станат компании во посед на странски инвеститори
ФУДБАЛ
Со новиот закон, кој им дозволува на фудбалските клубови во Бразил да бараат странски инвестиции вредни стотици милиони долари, тамошните тимови би можеле рамноправно да им конкурираат на најдобрите од Европа, пишува „Ројтерс“.
Напливот на свежи пари, главно од странство, се совпаѓа со договорот од мај меѓу најголемите бразилски клубови за создавање лига според моделот на англиската Премиер-лига, која ќе ги централизира разговорите за продажба на ТВ-правата, како и маркетиншките договори. Тоа би им овозможило на клубовите во Бразил, кои се најголеми светски извозници на фудбалери, да ги задржат најдобри играчи подолго и да заработат повеќе пари кога тие ќе се преселат во странство. Просечната вредност на трансферите во Бразил падна од 19,2 милиони евра во 2018 година на 12,9 милиони лани. Просечната бразилска трансакција изнесува една третина од просечната шпанска трансфер-зделка од 35,7 милиони евра.
Моментално најголема купопродажна зделка за која се водат преговори е уделот од 51 отсто во шампионот Атлетико Минеиро, за што, според извори блиски на клубот, кои сакаат да останат анонимни, биле заинтересирани десетици инвеститори. Тој договор би можел да достигне 200 милиони долари.
Гилјерме Авилја, партнер за спортско инвестициско банкарство во бразилскиот брокер „ХП“, предвидува дека најмалку 10 бразилски клуба што сега се во сопственост на навивачи, во следните две години ќе станат компании во посед на инвеститори. Во декември лани, продажбата на второлигашкиот клуб Крузеиро на поранешниот напаѓач на Реал Мадрид и на Бразил, Роналдо, стана првиот договор што го искористи тој закон. Годинава нешто слично направи Ботафого од Рио де Жанеиро, а градскиот ривал Васко де Гама беше продаден на почетокот од август. Следна би можела на биде продажбата на второлигашот Баија, на компанија од Абу Даби што има инвестиции во Манчестер сити и во 10 други клуба, вредна околу 126,4 милиони долари.
Што се однесува до профитабилните ТВ-права, се очекува следната година да започнат разговори за 2025 година и понатаму. Бразилската мрежа ТВ Глобо ја купи ексклузивноста од клубовите до 2024 година за националното првенство и за многу регионални турнири. Но, понатаму, лигата планира да ги подели правата во пакети, како што тоа го прават лигите во Англија, Италија, Шпанија и во Германија. Лани клубовите во Првата лига на Бразил добија 687 милиони долари од правата за ТВ-преноси, главно од Глобо, и дел од „Амазон прајм“. Спротивно на тоа, Премиер-лигата, која има најголеми приходи од ТВ-правата во светот, доби 3,9 милијарди долари во 2021 година од Скај спорт, БТ спорт и од Амазон. Бразилските клубови добиваат само еден процент од приходите од меѓународните ТВ-права, Премиер-лигата 48, а шпанската Ла лига 44 отсто.
Л.Д.