Ова ни е прв случај македонски државјанин да биде приведен поради илегален транспорт на мигранти, изјави за МИА портпаролката на Регионалната управа на бугарското Министерство за внатрешни работи во Бургас, Цветелина Рандева, коментирајќи го денешното приведување на 60-годишен возач од земјава под сомнеж за шверц на мигранти од Авганистан.
– Досега имало државјани од многу други земји кои се занимавале со шверц на мигранти, но немало македонски државјанин – додаде Рандева.
Таа наведе дека приведениот македонски државјанин е идентификуван и според податоците од неговата лична карта има 60 години и е од Гевгелија.
Тој е задржан од страна на бугарската полиција во 24-часовен притвор, а по истекот на овој период се очекува Јавното обвинителство во Бургас да му го продолжи притворот за уште 72 часа.
Истрагата за случајот е веќе започната, а судењето би можело да заврши до крајот на следната неделата.
Според изворите на дописникот на МИА од Софија, приведениот македонски државјанин со каминот со скопски регистарски таблички влегол во Бугарија од Турција преку еден од двата премини на бугарско-турската граница „Капитан Андреево“ или „Лесово“.
Тој по приведувањето во полициската станица изјавил дека со него не контактирале шверцери на мигранти, туку дека тој ги качил Авганистанците затоа што му ветиле дека ќе му платат за превозот.
Како што претходно јави дописникот на МИА од Софија, македонскиот државјанин беше приведен откако полицијата во бугарскиот град Бургас во камионот што го управувал открила најмалку 88 мажи од Авганистан.
Тие се качиле во багажниот простор на камионот во областа Дебелт, од каде возилото се упатило кон Бургас, при што било запрено од полициска патрола. Камионот бил пресретнат околу 6.45 часот по локално време (5.45 часот по средноевропско време) во близина на бензинска пумпа во бургаската населба „Меден Рудник“, низ која минува главниот пат од Средец до Бургас.
Полициската акција следувала откако полицијата добила информација од двајца очевидци дека во камионот кај Дебелт се натовариле мигранти, по што полициските службеници го пресретнале во Бургас. Авганистанците во текот на ноќта илегално ја преминале бугарско-турската граница и рано утрово се качиле во камионот.