По решението на Рускиот синод, јавноста во Македонија со еуфорија ја поздравува оваа одлука на Руската црква. Верските аналитичари сметаат дека таа одлука има голема тежина во иднината на МПЦ-ОА, посочувајќи дека тоа ќе го олесни патот и на другите цркви да го направат истото тоа. Синодот, пак, на МПЦ-ОА засега многу спокојно и смирено реагира, при што најавува дека следната недела ќе го оценува потегот на Руската црква и очекува и брзо издавање на томосот од Вселенската патријаршија
По одлуката на Руската православна црква за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија
Што значи одлуката на Руската православна црква за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија? Како таа ќе се рефлектира во односите меѓу другите православни цркви?
По решението на Рускиот синод, јавноста во Македонија со еуфорија ја поздравува оваа одлука на Руската црква.
Верските аналитичари сметаат дека таа одлука има голема тежина во иднината на МПЦ-ОА, посочувајќи дека тоа ќе го олесни патот и на другите цркви да го направат истото тоа.
Синодот на МПЦ-ОА следната недела ќе го оценува потегот на Руската црква и очекува и брзо издавање на томосот од Вселенската патријаршија. За целосно признавање на македонската автокефалност е потребно издавање томос од вселенскиот патријарх. Се очекува потоа сите православни цркви да го прифатат тоа.
Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, очекуваме во скоро време истото тоа да го направат и другите православни цркви.
– Ѝ благодариме на Руската црква за овој потег. Така, во блиска иднина очекуваме да биде издаден и томосот за автокефалност на нашата црква – вели г. Тимотеј.
Верскиот аналитичар Цане Мојаноски смета дека како православни верници треба да очекуваме Македонската православна црква – Охридска архиепископија да ја прифатат и сите помесни православни цркви во своите диптиси да го вклучат, во согласност со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија, и томосот на Српската православна црква од мај 2022 година, притоа нејзиното вклучување и прифаќање да бидат во согласност со канонскиот ред и поредок и православна традиција.
– Името и титулата на поглаварот на нашата автокефална црква, г.г. Стефан архиепископ охридски, македонски и на Јустинијана Прима, треба да се наоѓаат во диптихот на секоја помесна православна црква. Од тој аспект, ова признавање на МПЦ-ОА како автокефална сестринска православна црква го набљудувам како радосна вест и го поздравувам – посочува тој.
Мојаноски посочува дека треба да им се заблагодариме на Светиот синод и на патријархот Кирил за радосната вест.
– Но ако се обидеме да го погледнеме од реалполитичките односи што владеат во православието и современа Европа, особено по руската инвазија на Украина, тоа прашање имплицира голем број недоумици и шпекулации. Склон сум да верувам дека добрата вест е добра и дека таа треба да придонесува што поскоро вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј да се пројави со вест и акт за автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Сѐ друго повторно може да се набљудува низ диоптријата на разликите и „дворските“ игри, а во кои МПЦ-ОА не може да биде ставана во каков било контекст. Но современиот свет не е само свет на вредности, туку пред сѐ свет на интереси. Нашето искуство е богато со содржини и облици, во кои овие две нешта се испреплетени – објаснува Мојановски.
Професорот на Правниот факултет, Александар Спасеновски оценува дека одлуката на РПЦ има одреден досег, но тој треба исправно да се определи без еуфорија, бидејќи историските права, достоинството и честа кога станува збор за прашањето за доделување автокефален статус на православните цркви ги има Вселенската патријаршија.
– Одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година, која е првопрестолна и мајка црква на другите православни цркви во светот за признавање на канонскиот статус на Охридската архиепископија, го одврза долго време силно заврзаниот јазол на решавањето на македонското црковно прашање. По овој историски потег на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој го препозна и одговори позитивно на децениското трпеливо залагање на православните верници од нашата држава, процесот на заокружувањето на автокефалноста на нашата црква започна и верувам дека тој има неповратен карактер – посочува тој.
Спасеновски смета дека настаните што се случуваат, како овој со одлуката на РПЦ, можеме да ги толкуваме единствено како последица на ваквата татковска одлука на вселенскиот патријарх Вартоломеј упатена кон нас како црква и како православни верници.
– Во спротивно, се поставува прашањето зошто оваа одлука на РПЦ, а претходно и на СПЦ, не се случи, да речеме, педесетина години порано или педесетина години подоцна, туку се случи веднаш откако Вселенската патријаршија ја зеде нашата црква во својата прегратка?! Затоа е особено важно Синодот на МПЦ-ОА да опстои на оваа единствено исправна траекторија од 9 мај 2022 година, која продолжи на 12 јуни 2022 година, кога беше одржана заедничката историска богослужба во Константинопол помеѓу нашиот архиепископ Стефан и вселенскиот патријарх Вартоломеј. Само така ќе можеме да имаме силни надежи дека наскоро овој процес ќе биде крунисан со посета на вселенскиот патријарх Вартоломеј на нашата држава, во чии рамки ќе ѝ биде доделен томосот за автокефалност на славната наследничка на Охридската архиепископија – анализира Спасеновски.
Според него, на 9 мај мостовите на соработка помеѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија беа обновени и тие секојдневно, преку заедничките сослужувања, посети и контакти, постојано се зајакнуваат и се надградуваат за добро на целата православна екумена.
– Доколку ваквата динамика на односи продолжи да се развива со истиот интензитет, верувам дека е многу блиску денот кога ќе го посведочиме и тој за нас многу важен ден – кога вселенскиот патријарх Вартоломеј, во рамките на неговата прва историска посета на нашата држава, ќе ѝ го додели томосот за автокефалност на славната наследничка на Охридската архиепископија – заклучува професорот.
Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство со другите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.
Процесот до конечно добивање на официјалниот томос за автокефалност од вселенскиот патријарх започна на 4 јуни, со врачувањето на документот од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај, по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ – Охридска архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
Според сите познавачи на состојбата во православието, потегот на патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата црква и со признавањето на нејзината каноничност се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска архиепископија.