Резултатите од опсежната анализа што ја направи Европската комисија покажуваат дека македонските граѓани се најиндиферентни и најнезаинтересирани за одбраната на својата земја, за разлика од сите други земји во регионот, па и пошироко. На што се должат ваквата апатија и разочараност, кои се причините за губење на патриотизмот и вербата во сопствената држава? Според вистинските бранители, кои во минатото застанеле во одбрана на државата, но и според аналитичарите, токму политичките партии со своите погубни политики изминатите години нè доведоа до оваа состојба на целосен распад на системот и вредностите во државата
АНАЛИЗАТА НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ОТКРИВА ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОКАЗАТЕЛИ
Годините исполнети со разочарувања и понижувања на секој план ги направија македонските граѓани целосно апатични и индиферентни кон својата земја, без вистинска желба да направат нешто за неа, дури ниту да ја бранат ако биде нападната.
Тоа го покажуваат и резултатите од анализата што ја направи Европската комисија, според кои, само 55,4 отсто од македонските граѓани се подготвени да се борат за својата земја.
За разлика од нив, повеќето народи на Балканот во огромен процент би застанале во одбрана на сопствената земја кога таа би била цел на нечија агресија. Меѓу најборбените во заштитата на својата земја се Грците, со 87,9 отсто, по нив е Словенците со 87,5 отсто, следуваат Албанците со 85,4 отсто и Турците со 83 отсто. Борбени се и Бугарите со 77,5 отсто, Хрватите со 74,2 отсто, а по нив следуваат Романците со 68,2 отсто, Србите со 65,9 отсто и Црногорците со 61,1 отсто. Најиндиферентни во одбраната на својата земја, покрај Македонците, се граѓаните на Босна и Херцеговина, каде што 59,5 отсто би ја бранеле својата држава.
Интересен факт што се однесува до народите со кои Македонија порано ја делеше судбината во СФРЈ е високиот процент на борбеност на Словенците, кои во поранешна Југославија важеа за мирољубив народ, нешто слично како македонскиот. Очигледно, мудрата и достоинствена политика што Словенија ја водеше последните три децении придонесе кај Словенците да порасне довербата кон својата држава, при што се подготвени во голем број да се борат за неа.
За жал, ова не е случај со Македонија, каде што оние што управуваа со државата сите овие три децении наместо да изградат култ на љубов и верност кон својата татковина, иницираа само револт, гнев, поделби, разочараност и желба што побргу да се избега од државата. Едноставно политичарите не им понудија квалитетен живот на граѓаните за да можат да ги бранат таквите перспективи. Тука треба да се бараат причините за исклучително ниската желба кај македонските граѓани да се борат и да ја бранат својата земја, што од друга страна е крајно загрижувачки, бидејќи доаѓа во време кога се нападнати идентитетот, јазикот и историјата на македонската држава. Кога нема желба за борба, сето ова станува лесен плен за оние што еднаш засекогаш сакаат да го затворат македонското прашање на Балканот.
Таа голема разочараност и немањето желба да се направи нешто за својата држава најмногу е забележлива кај оние што во 2001 година застанаа на браникот на својата татковина, верувајќи дека се борат за слободата на Македонија. Што мислат македонските бранители за состојбите во државата денес, во контекст и на анализата и податоците на Европската комисија?
– Во 2001 година ме мобилизираа и бев распореден во кризните подрачја во Скопско. Тогаш верував дека ја бранам Македонија, но многу бргу увидов дека не е така. Се гледаше од авион дека целата работа е фингирана. Наместо да напаѓаме, добивавме команда само да држиме позиција, без да пукаме, а ги гледавме терористите како си шетаат наоколу. Конфликтот заврши, загинаа многу млади луѓе без потреба, ниту ја одбранивме Македонија, ниту, пак, некој се сети на нас подоцна. Тие што пукаа на македонската држава си седнаа во парламентот и 20 години ја водат државата, ние си останавме со прстот во устата. За што да се борам утре? За некој пак да си се намести во фотелја и да лапа пари? Не, благодарам. Ниту ќе одам, ниту ќе пуштам мое дете да оди – вели Игор Б., бранител во конфликтот во 2001 година.
Според него, денешната младина не е воспитана во духот да си ја сака татковината, туку се учи на некои други работи, кои не можат да се наречат вредности.
– Новиве генерации немаат никаков патриотски однос кон својата татковина, а можеби тоа некој и смислено го прави. Младите повеќе ги идеализираат партиите и нивните лидери отколку својата татковина. А токму партиите нè доведоа до оваа состојба на целосен распад на системот. Не се гради никаков култ кон својата татковина, туку, напротив, се градат култови кон партиските лидери. Затоа никој веќе не е подготвен да застане и да се бори за ваква Македонија – заклучува Игор Б.
Социологот Илија Ацевски препознава три клучни моменти што придонесуваат за ваквиот индиферентен однос на македонските граѓани кон својата татковина.
– Прво, тоа е системот на образование. Македонскиот систем на образование, почнувајќи од најниските степени до највисоко, не формира кај најмладите култ кон сопствената татковина. Тој не гради патриотизам, љубов кон сопствената држава, што е многу важно за создавање на една трајна основа да изградиш еден таков став кон сопствената држава – вели Ацевски.
Според него, вториот момент е уште подраматичен, што ние со години повторуваме дека Македонија е една од најкорумпираните земји и ништо не се прави да се промени тоа.
– Македонија, како една од најкорумпираните земји, нуди мала надеж кај младите за подобра иднина, подобри перспективи за нив, туку напротив, таа не може да изгради основа за еден нормален живот. Што да браниш во тие околности? – прашува Ацевски, лоцирајќи ги токму во овие моменти смислата и оправданоста за незаинтересираноста кај македонските граѓани да ја бранат својата земја.
Тој како трет сегмент ја наведува длабоката партиска поделеност на општеството буквално во сите сфери.
– Нема ниту еден случај во државата, а да немаме две тотално поларизирани мислења, почнувајќи од интелектуалци, партии итн. Замислете, ние имаме три интерпретации за настаните од 2001 година. Тука во Македонија за ниеден настан нема речиси никакво единство. Оној што секој ден работи за да обезбеди корка леб за своето семејство и живее во крајна сиромаштија, ти го ставаш во ситуација да се замисли што да брани. Сега тие повисоки степени на идентификација, малку поапстрактни, за Македонецот се непрепознатливи, за разлика од Словенецот или некој друг. Како може човек на 24 и кусур години да препознае некоја потрајна вредност и идеал во Македонија и да рече дека тоа ќе го брани, па ако треба и со живот. Тоа никој не го препознава и тука лежи проблемот – посочува Ацевски.
Негово мислење е дека разочараноста на граѓаните придонела тие повеќе да не веруваат во својата држава бидејќи не им нуди никаква перспектива и затоа да немаат желба да ја бранат, туку сè помасовно ја напуштаат.
– Кога ќе се загубат повисоките вредности, тогаш нема повеќе што да се брани – заклучува социологот Ацевски.