Според синоптичарите, временските услови за регионот се карактеризираат со високи температури и врнежи, кои наликуваат на тропски климатски услови. Македонија во наредните два дена ќе биде зафатена од топол бран со температури и до 40 степени
Тропски горештини над Балканот
Екстремни топлотни бранови годинава ја зафатија северната Земјина хемисфера, а особено Европа, која преживува едно од најтоплите лета, уривајќи ги долгогодишните температурни рекорди. Од топлотен бран во наредните денови ќе биде зафатен и Балканскиот Регион. Во Европа, топлотниот бран се смета за најлош во последните 200 години, предизвикувајќи пожари во Шпанија, Португалија, Франција, Грција. Температурни рекорди од над 40 степени забележаа Франција и Велика Британија.
Македонија во наредните два дена ќе биде зафатена од топол бран со температури и до 40 степени. На целата територија на државата ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. Од петок, во текот на ноќта ќе има зголемена облачност со појава на повремени врнежи. За време на викендот, времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за појава на краткотрајно невреме. Локално ќе има појава на невреме со пообилен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. Температурите значително ќе се намалат, особено од недела. Нестабилно време се очекува и со почетокот на следната недела. В сабота, минималните температури во земјата ќе се движат од 15 до 24 степени, а максималните од 28 до 36. В недела, максималните дневни температури ќе се движат од 26 до 34 степени. В понеделник во текот на ноќта температурата ќе изнесува од 12 до 19 степени, а дневната од 25 до 32 степени. Во вторник минималните температури ќе бидат од 11 до 19 степени, а максималните од 26 до 32 степени, информираат од РХМЗ за Македонија.
Во Србија и во Белград вчера беше сончево и топло со највисока температура до 37 степени. Исто време ќе има и денеска, со максимална дневна температура од 34 до 37 степени, соопштија од Републичкиот хидрометеоролошки завод. Од денеска попладне до крајот на неделата, на подрачјето на Србија се очекува локална појава на временските непогоди со град и силен ветар. За сабота и недела се очекуваат поројни дождови и грмежи, а наместа врнежите ќе изнесуваат повеќе од 40 мм за 24 часа, велат во РХМЗ на Србија.
Според синоптичарите, временските услови што ги имаме ова лето – високи температури и врнежи, наликуваат на тропски климатски услови. Тропската клима се карактеризира со високи температури што достигнуваат до 40 степени Целзиусови. Во случај температурата на воздухот да остане или да биде повисока од 25 степени во текот на ноќта, тогаш тоа е тропска ноќ, појаснуваат синоптичарите.
Јуни годинава бил втор најтопол јуни во Европа и трет најтопол јуни на глобално ниво од 1981 година, објави информативната мрежа за временска прогноза и клима „Климатбук“. Месечното температурно отстапување во Европа изнесувало +2,04 степени Целзиусови во однос на просечната вредност во периодот 1981-2010 година и +1,57 степени Целзиусови во однос на периодот од 1991 до 2020 година. Соодветните глобални вредности беа +0,48 степени Целзиусови и +0,30 степени Целзиусови.
Топлото време е проследено и со суша што се шири низ Европа, што предизвикува проблеми во земјоделството, речниот сообраќај и производството на хидроенергија. Топлотните бранови во Европа ја влошуваат и состојбата со енергетската криза. Како што домаќинствата и деловните субјекти ги вклучуваат своите климатизери, побарувачката за електрична енергија се зголемува, а растат и цените на струјата во услови на ограничен пристап до енергенти поради војната во Украина. Во Обединетото Кралство и умерените климатски региони на Европа, дури и престојот во затворен простор летово не е доволен за да се избегнат опасно високите температури. Домовите во овие области се дизајнирани да одржуваат топлина во текот на зимата и немаат климатизација. Во Велика Британија, според извештаите на тамошните метеоролошки служби, секој петти дом се прегреал во текот на летото.
Метеоролозите на „Акуведер“ објавија долгорочна прогноза за есента, а преминот од летната сезона нема да биде забележлива за граѓаните на Европа, поради сушниот период што ќе преовладува во наредниот период. Најразлични временски услови на почетокот на есента се очекуваат над југоисточните делови на европскиот континент, вклучувајќи и над Грција и другиот дел на Балканот. Метеорологот Тајлер Ројс, кој со години дава прогнози за времето во Европа, најавува неколку топлотни бранови во почетокот на есента.
– Генерално, оваа сезона ќе биде топла и ќе има бавен премини кон нормалните есенски температури – вели Ројс.
Температурите ќе бидат во просек од еден до два степени Целзиусови над нормалното ниво во поголемиот дел на Западна и Средна Европа. Сушниот период ќе продолжи над Пиринејскиот Полуостров до Франција и до Италија, а ќе достигне и до северните делови на Велика Британија и на Германија.