Во македонската јавност нема никакви информации за напредок на процесот за потпишување на договорот за Фронтекс, речиси и по еден месец од европските ветувања дека „овој пат нема да има проблем од Бугарија“. Во истиот тој период, кога официјално ЕУ и ЕК се на одмор, а Бугарија повторно е со техничка влада и пред нови избори, од бугарска страна сепак доаѓаат најави за некакви нови анекс-документи, со нови обврски и услови за Македонија
По ветувањето на Фон дер Лејен дека договорот со Фронтекс ќе биде ставен во најбрза можна процедура
Договорот на Македонија за Фронтекс, кој Бугарија три години не го потпишува поради тоа што во него треба да се наведе дека е преведен на македонски јазик, не е дел ниту од Договорот за добрососедство со Бугарија, ниту од најновиот протокол за негово спроведување, ниту од преговарачката рамка за земјава со ЕУ. Но како некаква утешна награда за прифаќањето на т.н. француски предлог, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен на денот на одржувањето на формалната прва меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ вети дека договорот со Фронтекс ќе биде ставен во најбрза можна процедура.
Односно, речиси пред еден месец, од Европската комисија и во Советот на ЕУ објаснуваа дека по компромисот со Бугарија, деблокирањето на договорот за Фронтекс со Македонија ќе се третира приоритетно.
Македонија овој договор со ЕУ го иницира во 2018 г., но во меѓувреме Фронтекс (т.е. Европската гранична и крајбрежна агенција што ги „чува“ границите на ЕУ) претрпе повеќе законски и правни измени, кои сега мора да бидат предмет на повторни преговори во ЕУ, за македонскиот документ на договорот да биде во согласност со моделот што важи за сите земји учеснички. Процедурата се води во согласност со членот 218 од Повелбата на ЕУ.
Главните измени што треба да се внесат во договорот се однесуваат, меѓу другото, на дозволата за распоредување на агенцијата во земји што не се членки на ЕУ, надзор врз шверц на мигранти, засилена заштита и мониторинг на основните човекови права, особено откако оваа агенција беше предмет на повеќе скандали поврзани за односот на нејзините гранични офицери кон бегалците и мигрантите на надворешните граници на ЕУ.
Овој нов модел на Фронтекс треба да биде интегриран во актуализираниот договор со Македонија, за што е потребно Европската комисија прво да препорача почеток на преговори, а Советот на ЕУ (земјите- членки) да даде зелено светло за тие преговори.
Се очекуваше Европската комисија доста брзо да ја даде препораката и Советот да даде зелено светло за преговори, иако во Комисијата и Советот не сакаа да шпекулираат со датуми. Сепак, надежите што беа изразени во врска со Фронтекс и Македонија говореа дека меѓу оваа есен и крајот на годината договорот би бил финализиран, а потоа и ратификуван.
Одолжувањето на потпишувањето на договорот за Фронтекс досега беше последица на обивањето на Бугарија да ги прифати зборовите „македонски јазик“ во текстот.
Откако Македонија го прифати францускиот предлог за преговарачката рамка со ЕУ и протоколот за спроведување на Договорот со Бугарија, се шпекулираше дека веќе не се очекува проблематизирање од неа на македонскиот јазик во договорот за Фронтекс. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, дури категорично изјави дека „договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без цртички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“, што се сметаше за потврда дека македонскиот јазик во овој договор нема повеќе да биде проблем и предмет на блокади.
Навистина, есента сѐуште не е дојдена, но во македонската јавност нема никакви информации за напредок на процесот за потпишување на договорот за Фронтекс, речиси и по еден месец од европските ветувања дека „овој пат нема да има проблем од Бугарија“. Во истиот тој период, кога официјално ЕУ и ЕК се на одмор, а Бугарија повторно е со техничка влада и пред нови избори, од бугарска страна сепак доаѓаат најави за некакви нови анекс-документи со нови обврски и услови за Македонија, провокации во вид на формирање здруженија со имиња на бугарски фашистички колаборационисти, истакнување бугарски знамиња на споменици во Македонија… Дури и македонскиот дел од историската комисија даде предлог со историски личности за заедничко чествување со Бугарија, како и предлог-корекции за историските учебници во основното образование.
– Се чини само за Македонија се подразбира дека ветувањата дадени од меѓународниот фактор за „брзи решенија“ значат години и децении. Симптоматично е веќе и тоа што ЕУ притискаше и брзаше Македонија итно да го прифати францускиот предлог, а сега не се брза за договорот за Фронтекс, кој е блокиран неколку години од Бугарија. И покрај сите изразени надежи и очекувања дека сега Бугарија нема да го проблематизира договорот на Македонија со Фронтекс, сепак не ѝ се брза да стави потпис, кога во Скопје има Влада подготвена да излезе во пресрет на сте бугарски барања. Дури и кога официјална Софија е без влада, повторно оттаму се лиферуваат нови документи со услови и рокови за исполнување обврски од македонската влада. Депримирачка е ситуацијата во која се чини дека нема крај на понижувањата за Македонија што може да ѝ ги приреди актуелната влада – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.