По примената на економските санкции кон Русија, германските власти се плашат дека проблемите во снабдувањето со енергија оваа зима може да предизвикаат социјални протести. Од Министерството за внатрешни работи на Германија објаснуваат дека во зависност од тоа колку трошоците и снабдувањето со енергија ќе го оптоварат опшетството, може да се очекуваат немири слични на оние што беа против мерките за спречување на коронавирусот
Германските власти стравуваат од социјални протести вo следната грејна сезона
На државите-членки на ЕУ повеќе нема да им биде дозволено да увезуваат јаглен од Русија по преодниот рок, кој заврши вчера на полноќ. Ембаргото е дел од петтиот пакет санкции за кој Европската Унија се договори во април. Државите на ЕУ се договорија за преоден период од 120 дена, со намера да ѝ дадат време на индустријата да се приспособи на забраната за увоз. Европската комисија во април објави дека ембаргото за јаглен од Русија годишно може да ја чини земјата околу осум милијарди евра. Ембаргото на јаглен беше прва санкција од ЕУ за Русија на полето на енергетиката. Во подоцнежните пакети, ЕУ забрани увоз и на руска нафта за да го зајакне притисокот врз Москва. Ембаргото за нафтата треба да стапи во сила кон крајот на годината, со исклучок на неколку држави, кои посебно зависат од руска нафта. Тоа ја вклучува и Унгарија, на која ќе ѝ биде дозволено да се снабдува со нафта од Русија.
По примената на економските санкции кон Русија, германските власти се плашат дека проблемите во снабдувањето со енергија оваа зима може да предизвика социјални протести. Заради надминување на неповолни состојби, носителите на власта во Германија предлагаат различни мери за заштеда на енергија, од гаснење на уличното осветлување до намалување на температурата за затоплување на просториите во домовите и зградите. Германскиот канцелар Олаф Шолц за јавниот сервис АРД изјави дека зголемените трошоци за греење претставуваат „буре со барут за општеството“.
Со јавното говорење за проблемот со енергијата, канцеларот и неговата влада се обидуваат да ги спречат социјалните немири во самиот почеток, а со тоа да направат простор за да се применат клучните потези за штедење во текот на следната зима.
Рикардо Кауфер, професор за политичка социологија на Универзитетот во Грајфсвалд, вели дека германскиот канцелар се обидува да ги наведе на компромис потенцијалните и проблематични актери. Пораката од ова би била до партнерите од власта и социјалните партнери, како и до претставниците на цивилното општество и на бизнисот дека секое противење на политичките мерки е на штета на државата. Оваа лекција е научена за време на пандемијата, кога политичарите беа неподготвени за да го спречат ширењето на заразата, а нивната реакција повеќе беше реактивна отколку проактивна, вели Кауфер во анализата на „Дојче веле“.
Бундестагот веќе го усвои законот со кој треба да биде заштитено најзагрозеното население од високите цени. Истовремено, на германските комунални претпријатија им е дозволено дел од високите производни трошоци да се префрлат на потрошувачите. Министерот за финанси Кристијан Линдер, од партијата на либералите, се залага за пониски даноци, ниска државна потрошувачка и помала регулатива, додека социјалдемократите и зелените се залагаат за поголема државна помош за граѓаните.
Од Министерството за внатрешни работи на Германија објаснуваат дека во зависност од тоа колку трошоците и снабдувањето со енергија ќе го оптоварат општеството, може да се очекуваат немири слични на оние што беа против мерките за спречување на коронавирусот.
– Можеме да претпоставиме дека популистите и екстремистите повторно ќе се обидат да влијаат на протестите – вели Брита Бејлаџ-Харман, портпаролка на Министерството за внатрешни работи, од каде што напоменуваат дека засега нема конкретни закани за влошување на безбедноста поради енергетската криза.
Политиколозите сметаат дека популистите што беа против пандемиските мерки излегуваа на улица, но беа мал дел од населението.
Наспроти тоа, тие добија големо медиумско и политичко внимание. Политичкиот социолог Кауфер смета дека протестите повеќе влијаат на перцепцијата на граѓаните во Германија, каде што политичката култура се заснова на консензус и поделба на власта, која ја одвраќа инструментализацијата на општественото незадоволство, за разлика од другите земји во Европа. Франција, на пример, е земја што има репутација на земја на конфронтации на социјалните групи. Нестабилноста во Германија има негативна конотација и често се споменува со крвавите улични судири во време на хиперинфлацијата и Вајмарската Република, кога доведе до пораст на полуларноста на нацистите, смета Кауфер.
Долгорочните ризици за општествената стабилност, сепак не престануваат со завршувањето на зимата. Германија некогаш беше една од најрамноправните општества во Европа, во која класата и општествените статуси имаат помало влијание на тоа дали некој ќе биде поуспешен во животот. Но ова се менува и Германија е следена од општите трендови кон растечката нееднаквост на приходите.
– Гледаме дека општествената мобилност не може да ја реши општествената нееднаквост. Пандемијата, војната и инфлацијата ја загрозуваат средната класа. Ако не успееме да ги стабилизираме, нивниот страв за егзистенција ќе биде сѐ поголем. Можно е во иднина да видиме повеќе луѓе на уличните протести – вели Сузан Пикел, професорка за компаративна политика на универзитетот „Дисбург-Есен“.
Велика Британија планира рестрикции на струја
Велика Британија прави планови за организирано исклучување на електричната енергија за индустријата и домаќинствата во текот на зимата, кога ниските температури може да се совпаднат со недостиг од гас, објави „Блумберг њуз“, повикувајќи се на извори запознаени со плановите на Владата.
Според „најлошото разумно сценарио“ на Владата, недостигот од капацитет на електрична енергија може да изнесува околу една шестина од максималната побарувачка, дури и откако ќе се стават на линија електроцентрали на јаглен, пренесува медиумот.
Според тие прогнози, заедно со потпросечните температури и намалениот увоз на електрична енергија од Норвешка и од Франција, Велика Британија во јануари би можела да се најде во ситуација во која можеби ќе треба да се преземат итни мерки за заштеда на гас за четири дена, се наведува во извештајот.
Веста на „Блумберг“ доаѓа откако британската централна банка минатата недела предупреди дека Британија се движи кон долготрајна рецесија, бидејќи рекордно високите цени на енергијата ја туркаат годишната инфлација кон 13 отсто, а каков било одговор на политиката е попречен од трката за избор на нов премиер на 5 септем
Подготвил: Митко Јовановски