Македонски средношколци добија признание на натпреварување во Бразил
Виктор Попов и Марио Павлески се средношколци од Охрид, кои на само 16 и 17-годишна возраст дознаа како е да се биде меѓу најдобрите во светот.
Тие со својата видеоигра „Пеинт д тинг“ (Paint the Thing) се пласираа на финалето на „Гејм џем“ во Бразил. На светското финале, играта на македонските средношколци ја доби наградата „Најдобра игра од Европа“ (Best Game Europe).
Двајцата неодамна завршија втора година средно во ОЕМУЦ „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Игри почнале да прават уште на деветгодишна возраст.
– Првпат почувствував возбуда за игри уште од многу млада возраст кога татко ми ми купи компјутер и уште од тогаш почнав да играм многу различни и интересни игри како, на пример, „Кантер страјк 1.6“ и „Мајнкрафт“. За себе дознав дека сакав да правам игри кога мојот другар Виктор ми спомна за тоа и јас уште од првиот момент бев заинтересиран – раскажува Марио Павлески.
Ова не е негова прва видеоигра, досега има направено дваесетина.
– Најголемиот дел од нив се направени во „Јунити“, тие игри можете да ги најдите на Итч ио (itch io) под името Кринч мастер 64 (Cringe master 64). Во иднина се гледам како гејмдевелопер за некоја позната фирма. Имам планови да продолжам со гејмдевелоупмент (развој на видеоигри н.з.) и да се подобрам во оваа струка. Немам никакви планови да прекинам со правење игри, сепак, тоа е мојот сон – вели Марио.
Патот до Бразил им бил изненадување. Се пријавиле на „Гејм џем плус“ (Game Jam+), онлајн-натпревар, кој во Македеонија бил достапен преку организацијата МАГДА.
– Во конкуренција од 24 екипи, ние бевме една од четирите екипи што се квалификуваше за Европското првенство. По неколку месеци, бевме известени дека сме, исто така, еден од четирите тимови што ќе продолжат до финалето во Бразил, заедно со тимови од Словенија, Португалија и Франција. Во меѓувреме, ние имавме неколку месеци да ја надградиме играта за да ја прикажеме во финалето – раскажува Виктор Попов.
Пристигнувањето во Рио де Жанеиро за нив бил возбудлив ден. Посебно присуството на натпревар на кој можеле да запознаат луѓе од целиот свет.
– Кога стигнавме во Рио навистина беше неверојатно чувството и никогаш не би можел ни да замислам дека ќе постигнеме нешто такво. Целото искуство таму беше супер, посебно дека имавме шанса да се запознаеме со членови од сите други тимови и од секаде од светот. Мислам дека такво искуство многу помага за да добиеме перспектива како изгледа цел тој процес на правење игра од многу различни луѓе, но, исто така, за да се дружиме и да откриеме повеќе за секакви различни култури од секаде околу светот – зборува Виктор.
Ова е голем успех за двајцата средношколци, но и за Македонија, којашто последниве години сѐ повеќе продуцира квалитетни создавачи на игри.
– За нас ова има отворено безброј врати и можности за да продолжиме со кариерата и во животот. Ние никогаш не можевме да замислиме дека ќе постигнеме нешто вакво на толку мала возраст и многу сме благодарни за сѐ. Јас би рекол дека гејм-дев сцената во нашата држава е доста мала, и би бил среќен ако повеќе луѓе се заинтересираат за ова откако ќе видат што сѐ може да се постигне – вели Виктор.
„Пеинт д тинг“ креаторите ја квалификуваат како „кежуал мобилна игра“.
– Целта на играта е со карактерот да се соберат четки со боја што се појавуваат околу екранот и да се избои слика на средина додека одбегнуваш пречки. Засега таа не е завршена, и планираме да додадеме прогресија со левели, специјални предизвици, персонализација на карактерот и слично – вели Виктор.
За него играњето и креирањето игри стои рамо до рамо со другите уметности.
– Јас лично сакам да играм игри дека тие ми даваат увид во друг свет, слично на филмовите, но за разлика од нив игрите се интерактивни и овозможуваат да го искусиш светот на начин што не може да се направи во реалноста. Мислам дека ако одговорно се игра и не се злоупотребуваат, игрите освен за да се релаксираме, можеме и да ги искусиме како уметност, кажувајќи приказна. Компјутерските игри можат да бидат уметност исто како што филмот или театарот се уметност. Преку нив може да се раскаже приказна, може да се сподели мислење. Покрај забавниот дел, нас нѐ привлекува токму уметничкиот дел и тоа ќе биде правецот во кој понатаму ќе се развиваме – додава Виктор.
Нивната игра „Пеинт д тинг“ во моментот е достапна на мал број тестери, но рана верзија има и на Гугл плеј стор каде што може секој да ја проба.