Дали меѓународната заедница со својот „туторски однос“ придонесе македонските институции да ги изгубат својата сигурност, самостојност, одржливост, ефикасност и да се претворат во слаби, млаки, несигурни и несамостојни органи што се потпираат на решенија однадвор?! Дали меѓународната заедница под плаштот за „динамизирање на системската трансформација и побрза транзиција“ на нашата држава, наметнувајќи свои решенија, искреира „зависни паразитски институции“ што чекаат сервиран начин на готови решенија и излези од кризни состојби?
Повеќе од очигледно е дека веќе се препознава крајно лицемерен однос на меѓународната заедница што македонските граѓани одамна го гледаат, па затоа сè помалку им веруваат на странците, а уште помалку на овдешните институции… Ваквиот развој на настаните е резултат на повеќегодишната непринципиелна политика што ја водеше меѓународната заедница кон Македонија, заобиколувајќи ги македонските институции и наметнувајќи сопствени решенија, за жал, секогаш на штета на македонскиот народ
Системската дисфункционалност е резултат и на децениски непринципиелната политика на меѓународната заедница кон Македонија
Драматичниот повик на обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска до амбасадите на САД и на Европската Унија во Македонија да реагираат поради притисоците што ги трпи, како и експресниот одговор од американската амбасада дека тоа е надлежност на македонските институции, всушност, ја открива дволичноста на меѓународната заедница, која како по правило ги множи со нула овдешните институции кога станува збор за нејзината агенда.
– Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во С. Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив… Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат – се наведува во одговорот на Амбасадата на САД во врска со барањето на јавната обвинителка Русковска упатено до странски амбасади и меѓународни организации.
Слично реагираше и официјален Брисел, истакнувајќи дека за сите работи треба да одлучуваат надлежните органи.
– Примената на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот кластер, „основи“, кој прв ќе се отвори во пристапните преговори со ЕУ. Применливите закони ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. Ова прашање треба да го решат надлежните органи – се вели во известувањето од Канцеларијата на ЕУ.
Повеќе од очигледно е дека станува збор за крајно лицемерен однос на меѓународната заедница што македонските граѓани одамна го препознаа, па затоа сè помалку им веруваат на странците, а уште помалку на овдешните институции, кои постапуваат по налог на она што им го диктира Брисел или Вашингтон.
Ваквиот развој на настаните е резултат на повеќегодишната непринципиелна политика што ја водеше меѓународната заедница кон Македонија, заобиколувајќи ги македонските институции и наметнувајќи сопствени решенија, за жал, секогаш на штета на македонскиот народ. Низа примери од осамостојувањето покажаа дека меѓународната заедница со својот „туторски однос“ придонесе македонските институции да ги изгубат својата сигурност, самостојност, одржливост, ефикасност. „Меѓународната“ наместо да го зајакнува институционалниот капацитетот на Македонија, таа ги претвори државните институции во слаби, млаки, несигурни и несамостојни органи што се потпираат на решенија однадвор.
Меѓународната заедница не дозволи наш сопствен оригинален системски развој, не дозволи решенија што, можеби, и би излегле од рамките на нејзините замисли. Особено ова се однесува за развојот на карактерот на нашата држава во согласност со нашите традиции и историја. Меѓународната заедница, под плаштот за „динамизирање на системската трансформација и побрза транзиција“ на нашата држава, наметна свои решенија, искреира „зависни паразитски институции“ што денес чекаат сервиран начин на готови решенија и излези од кризни состојби… Така, меѓународната заедница беше таа што го наметна и таканаречениот француски предлог, игнорирајќи ја волјата на македонските граѓани сами да решат дали сакаат да преговараат со ЕУ под диктат на Бугарија. Вистинското одлучување во Собранието, Владата, како и другите државни органи, едноставно беше оневозможено со пораките што постојано доаѓаа од Вашингтон и од Брисел, како и со посетите на високи европски претставници, пред сè претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, како и на германскиот канцелар Олаф Шолц. Сите тие беа во убедувачка, но повеќе во наредбодавна функција, дека она што Западот мисли дека е добро за нас, мора да се прифати.
Театарот во Собранието и расправата за францускиот предлог беше само обична лакрдија и глумење институции што божем нешто одлучуваат, иако клучните одлуки се носеле и натаму се носат далеку од Скопје.
Така беше и со референдумот за промена на името, кога сите надлежни институции во земјава, во согласност со важечките закони кажаа дека референдумот е неуспешен, но за меѓународната заедница, која упорно инсистира токму на почитување на законите, во овој случај тој беше успешен затоа што таа во своите планови веќе имаше зацртано промена на уставното име на земјава. Тоа беше флагрантно газење на овдешните институции и на волјата на народот.
И додека поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан зборуваше за некакви „балкански методи“, во македонското собрание за уставните промени се носеа да гласаат луѓе од затвор, луѓе од изолација, само да се протурка зацртаната меѓународна агенда, без притоа да има ниту една забелешка однадвор дека се кршат законите и процедурите во земјава.
Така беше и со референдумот за територијалната поделба, но така беше и за време на воениот конфликт во 2001 година, кога странците повторно ги игнорираа македонските институции и донесоа подготвен Рамковен договор со кој ставија дефинитивен крај на Македонија како држава на македонскиот народ.
Ова се само мал дел од примерите во кои се открива таа дволичност на меѓународната заедница за која овдешните институции постојат само по потреба и чиј кредибилитет е поткопан токму од истата таа меѓународна заедница. Таа ги погази македонскиот устав, законите, правдата, едноставно го погази сето она што е одличје на една суверена и самостојна држава.
Затоа сега повиците проблемите да се решаваат во македонските институции, кои некој однадвор веќе одамна ги девалвираше, звучат крајно лицемерно и иронично.
– Штом самите не си ги бркаме работите, сами не го водиме историскиот процес, оставаме пукнатини и простор внатре за други да се вметнуваат. Први што можат да го прават тоа се амбасадите како официјални претставници на државите од кои доаѓаат. И тие со верба дека ние се залагаме за демократија, за напредок, за развој, за модерни вредности, си велат дека штом ние сами не ги решаваме работите, еве, ние ќе се вметнеме во тој процес, а потоа си ги прошируваат надлежностите бидејќи тој простор веќе им е отворен – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, може да се зборува дали некој со тие надворешни мешања ги злоупотребил позициите, но како што стојат работите кај нас, на прв поглед произлегува дека амбасадорите дури и имаат некакво право да го прават тоа.
– Кога нашиот систем би функционирал барем 70 отсто од потребите на институционално функционирање, не би се оставал толкав голем простор за амбасадорите да се мешаат во нивното работење. Кога сме оставиле толкав празен простор, тогаш надворешниот фактор се јавува како голема сила. Така беше и сега со посетите на Фон дер Лејен и на Шолц, како и другите странски политичари. Штом тие дошле, значи им се оставил доволно простор и второ, кога веќе се тука, тие се претставуваат како спасители, односно нè спасуваат од самите себеси бидејќи за ништо не можеме да се договориме – истакнува професорот Андревски.
Тој смета дека отворениот простор им овозможил на странците да влезат тука, нешто да употребат, нешто да злоупотребат и сето тоа се претставува како тие да ја спасуваат ситуацијата во земјава.
– Кога тој простор веќе ќе се ослободи, меѓународниот фактор повеќе не го интересираат ниту нашите институции ниту нашите закони, туку само нивните цели. За жал, тоа се случува и во другите држави, особено во нашето соседство. Таа линија на топење на довербата во институциите на вакви примери се засилува – заклучува Андревски, додавајќи дека тие сугерирања од странците ќе останат и натаму.