Следните 10 ривалства помогнаа да се дефинира тенисот за мажи во изминатите 50 години, од „огнот и мразот“ на Мекинро и Борг, до натпреварите што ја одредуваат кариерата меѓу Федерер, Надал и Ѓоковиќ во модерната ера, а во 50-те години на АТП, стиловите се сменија, но ривалствата остануваат, пишува АТП

ЈУБИЛЕЈ, 50 ГОДИНИ АТП

Тениските ривалства, можеби повеќе отколку во кој било друг спорт, се заслужуваат. Нема гаранции во календарот на АТП-турнејата што ќе обезбедат одредена распределба на натпреварите во текот на сезоната. Наместо тоа, единствениот начин на кој двајца играчи можат постојано да се среќаваат е со победа. Особено за елитните играчи, носители на најголеми турнири, ривалствата се награда за долго играње на турнирите, а првите двајца носители на турнирот може да се сретнат само во финалето, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница, во текст по повод 50 години на АТП. Следните 10 ривалства помогнаа да се дефинира тенисот за мажи во изминатите 50 години, од „огнот и мразот“ на Џон Мекинро и Бјорн Борг, до натпреварите што ја одредуваат кариерата меѓу Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ во модерната ера, пишува АТП. Во 50-те години на АТП, стиловите се сменија, но ривалствата остануваат.
1. Џими Конорс – Џон Мекинро (ривалство што траеше од 1977 до 1991 година, Мекинрто победи во 20, а Конорс на 14 меча). Едно од пожестоките ривалства во историјата на АТП се протегаше во текот на три децении. И покрај сите нивни средби со високи влогови, вклучувајќи и 14 финалиња, судирот на волји помеѓу овие два големи шампиони се издвојува во меморијата.
2. Бјорн Борг – Џон Мекинро (1978-1981, 7-7). Судир на стилови во секој поглед, ривалството Борг – Мекинро најдобро се памети по две гранслем-финалиња во 1980 година, со по пет сета на Вимблдон и на САД опен, Борг победи во Лондон, а Мекинро во Њујорк. Борг ја освои својата петта титула по ред на Вимблдон, откако Мекинро спаси седум меч-топки во четвртиот сет и победи во 20-минутниот тај-брејк со 18-16. Мекинро ја прекина серијата титули на Борг на Вимблдон следната година. Огнениот Мекинро се совпаѓаше со неговиот бестрашен стил на сервирање и волеј, а Борг беше смирен зад неговата стабилна игра од основната линија. Иако се сретнаа само 14 пати, тој возбудлив контраст создаде ривалство што го издржа тестот на времето.
3. Бјорн Борг – Џими Конорс (1973-1981, 15-8). Со 13 од нивните 23 натпревари во финалиња, ривалството Борг – Конорс напредуваше на големите сцени. Борг победи во осум од тие финалиња и имаше предност со 8-5 против Американецот на гранслем-турнирите, но Конорс оствари победа во финалето на САД опен во 1978 година, со што ја прекина серијата од 35 победи на неговиот противник. Како и ривалството Борг – Мекинро така и ова се карактеризираше со контрастните темпераменти на неговите конкуренти.
4. Иван Лендл – Џон Мекинро (1980-1992, 21-15). Ова беше ривалство во три дела, при што во раната и во доцната фаза доминираше Лендл. Играта на Лендл со топспин даде ран поглед на модерната игра, бидејќи тој сакаше да ги искористи своите моќни удари на земја за да ја спречи тактиката на Мекинро за сервирање и волеј. Од 1983 до 1985 година, тие се сретнаа во 14 финалиња по ред, вклучувајќи и на Ролан Гарос во 1984 година, кога Лендл се врати од 0-2 и го освои првиот од неговите осум гранслеми.
5. Борис Бекер – Иван Лендл (1985-1993, 10-11). И покрај седумгодишната разлика во возраста, најдобрите години на Лендл и на Бекер се совпаднаа. На 18-годишна возраст, Бекер ја одбрани титулата на Вимблдон, победувајќи го Лендл во финалето во 1986 година. Германецот победи на секоја од нивните први пет грнслем-средби, вклучувајќи и три финалиња, пред Лендл да се реваншира на САД опен во 1992 година, во пет сета. Тринаесет од нивните 21 средба беа во финале, при што Бекер победи и во мечот за титулата на САД опен во 1989 година и на Австралија опен во 1991 година. Надвор од гранслемите, Лендл победи во шест финалиња против Бекер.
6. Борис Бекер – Стефан Едберг (1984-1996, 25-10). Ривалството Бекер – Едберг достигна врв во три финалиња по ред на Вимблдон од 1988 до 1990 година. Едберг ги доби првиот и третиот меч и заврши со предност со 3-1 во нивните гранслем-мечеви. Двајца од најдобрите сервис-волеј играчи на сите времиња се разликуваа во тактиката. Бекер беше познат по неговиот моќен сервис, а Едберг повеќе се потпираше на разновидноста. Шеснаесет од нивните средби беа во финалињата. Тие подоцна го обновија своето ривалство како тренери, бидејќи времето на Бекер во таборот на Ѓоковиќ се совпадна со двегодишната работа на Едберг со Федерер од 2014 до 2015 година.
7. Андре Агаси – Пит Сампрас (1989-2002, 14-20). Во ривалството поттикнато од големата меѓусебна почит, Американците се бореа за првото место на рангирањето на АТП во поголемиот дел од 1990-тите. Тие се сретнаа во пет финалиња на гранслем-турнирите, Сампрас освои четири, вклучувајќи го и последниот меч во кариерата во финалето на САД опен во 2002 година. Ривалството го спротивстави најголемиот сервер во таа ера против најголемиот враќач на сервиси. Еден од нивните најнезаборавни дуели е во четврт-финалето на САД опен во 2001 година, победи Сампрас, со четири тајбрејк-сета без ниту еден брејк на сервис.
8. Роже Федерер – Рафаел Надал (2004 – досега, 16-24). Почнувајќи ја ерата на тенисерите како глобални икони, и на теренот и надвор од него, двојката се пласира во 25 финалиња. Тие се сретнаа во финалињата на три од четирите гранслема, но допрва треба да се сретнат на САД опен. Тие освоија 11 големи титули во низа од 2005 до 2007 година. Нивното финале на Вимблдон во 2008 година блеска како нивно најдраматично натпреварување и се смета за еден од најголемите натпревари на сите времиња. Надал го заврши четиригодишното владеење на Федерер во Вимблдон, за својата прва круна на тој турнир, во меч од четири часа и 48 минути. Две години претходно играа повеќе од пет часа во финалето во Италија, кога Надал спаси две меч-топки за да ја задржи титулата во Рим во тај-брејк во петтиот сет. Во текот на речиси 20 години, контрастот во играта ги обезбеди некои од најдобрите мечеви во историјата на АТП-турнејата.
9. Роже Федерер – Новак Ѓоковиќ (2006 – досега, 23-27). Тие се натпреваруваа во рекордни 11 големи полуфиналиња, вклучувајќи три по ред на САД опен. Федерер ја зеде првата од тие три, но Ѓоковиќ одбрани две меч-топки на секоја од следните две средби за победа. Тој повторно одбрани две меч-топки во финалето на Вимблдон во 2019 година, за победа во тај-брејкот на петтиот сет со 13-12 по четири часа и 57 минути игра. Федерер имаше и многу успеси, вклучувајќи победи во финалето на САД опен во 2007 година и полуфиналето на САД опен во 2008 година, дел од неговото петгодишно владеење како шампион во Њујорк.
10. Новак Ѓоковиќ – Рафаел Надал (2006 – досега, 30-29). Тие 59 меча помеѓу Ѓоковиќ и Надал се најмногу помеѓу која било двојка во опен-ерата. Тие се единствените двајца тенисери што играле меѓу себе во сите четири големи финалиња и се сретнале во 14 финалиња на АТП-турнирите од серијата Мастерс 1.000. Во трката за сингл-титули на гранслемите, Надал има рекордни 22, следува Ѓоковиќ со 21. На Мастерс 1.000, Ѓоковиќ има рекордни 38 титули, вклучувајќи и двоен „Златен Мастерс“ во кариерата, освојувајќи го секој трофеј барем двапати, а Надал е втор со 36. Ѓоковиќ води меѓусебно на Мастерс 1.000 со 16-13, од тоа Ѓоковиќ води со 10-2 на тврди терени, а Надал со 11-6 на земја. Рана назнака за нивното ривалство дојде во финалето на Мадрид опен пред 13 години, каде што Надал спаси три меч-поени, во меч од три сета, кој траеше повеќе од четири часа. Тие играа пет часа и 53 минути во финалето на Австралија опен во 2012 година, кога победи Ѓоковиќ. Најдолгото гранслем-финале во историјата беше една од врвните битки што спортот некогаш ги видел. Со оглед на тоа што и двајцата се во средината на 30-тите години, нивните два претходни меча се меѓу најзапаметените: тие се сретнаа на Ролан Гарос со неверојатен квалитет во 2021 година (победи Ѓоковиќ) и во 2022 година (Надал), а победникот подоцна ја освои титулата во тие години.