Илустрација: „Нова Македонија“

Несомнено, последните настани и отвореното обраќање на обвинителката Русковска до меѓународниот фактор за да побара помош за да се справи со криминалот во државата укажуваат на три клучни моменти што се исклучително загрижувачки и кои можат да ја одведат државата во несакана насока. Прво, ако некој на толку висока функција што треба да се бори против криминалот е цел на притисоци од друга државна институција, тоа укажува на масивно мешање на една власт во друга. Второ, ова само потврдува дека созревањето на правосудниот систем оди екстремно бавно, а ваквото обвинителство едноставно нема инструмент или алатка со што ќе може да се справи со притисоците од власта, па ја користи единствената можност преку директно обраќање до меѓународниот фактор во земјава за да укаже на притисоците и обидите да се опструира борбата против организираниот криминал. На крајот, ова е директно признание дека државата сѐ уште располага со нефункционални институции…

Обраќањето на обвинителката Русковска до амбасадите на САД и на ЕУ
го вклучи алармот

Неколкунеделната сага на релацијата меѓу шефицата на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, и директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, околу тоа дали има или нема криминал во оваа државна финансиска институција, кулминира со отворено „признание“ на обвинителката Русковска дека во државата има криминал, но дека постојат притисоци тој да не се гони.
Немоќта да се одбрани од ваквите притисоци обвинителката за гонење организиран криминал и корупција ја демонстрираше така што директно се обрати до амбасадите на САД и на ЕУ во земјава, како и до европската обвинителка Лаура Ковеси, да ги проверат сите предмети што ги води Обвинителството за организиран криминал.
– Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот, за Муареми – повика Русковска.
Таа се обрати и до македонската влада, прашувајќи „дали државата има намера вистински да се бори против криминалот или, пак, тоа го прави само заради пиар-цели“?!
– Згрозувачки е овој притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, Арафат Муареми, како и мешањето во предмет на ОЈО ГОКК, кое е стриктно забрането во согласност со Законот за јавно обвинителство. Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина – порача Русковска.
Таа уште додаде дека токму поради оваа атака и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции, како и амбасадите на САД и на ЕУ сериозно да преземат мерки, затоа што ова најмалку ѝ доликува на земја-членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде што владеењето на правото е императив.

Разнишани столбовите на правната држава

Несомнено, последните настани и отвореното обраќање на обвинителката Русковска до меѓународниот фактор за да побара помош за да се справи со криминалот во државата укажуваат на три клучни моменти што се исклучително загрижувачки и кои можат да ја одведат државата во несакана насока.
Имено, ако некој на толку висока функција што треба да се бори против криминалот е цел на притисоци од друга државна институција, тоа укажува дека не само што е присутен притисок туку постои и директно мешање на една државна институција во работењето на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, поточно мешање на една во друга власт. Директното мешање на власта во работата на правосудниот систем е спротивно на сите демократски начела и е одлика на тоталитарните режими каде што од еден центар се диктира како ќе работат Обвинителството и судството, користејќи ги овие механизми како алатки за принуда и пресметка со сите оние што ќе се обидат да им застанат на патот на организираниот криминал и корупцијата.
Вториот клучен момент е констатацијата дека ваквото обвинителство едноставно нема инструмент или алатка со што ќе може да се справи со притисоците од власта, па ја користи единствената можност преку директно обраќање до меѓународниот фактор во земјава да укаже на притисоците и обидите да се опструира борбата против организираниот криминал.
Токму Амбасадата на САД и амбасадорката Kејт Мари Брнз беа тие што неодамна повикаа на решителна борба со организираниот криминал и корупцијата во земјава, ако Македонија сака да оди напред.
Пред неполн месец тоа го повторија и челниците на ЕУ, кои побараа од земјава сериозно да се посвети на борбата со корупцијата и организираниот криминал ако сака да напредува во преговарачкиот процес за членство во Унијата. Повеќе од јасно е дека повикот на Русковска до САД и до ЕУ, како и до европската обвинителка Лаура Ковеси е очајнички крик нешто да се направи бидејќи довербата во домашните институции и нивната непристрасност во постапувањето, очигледно, е загубена.
Тоа води кон третата клучна компонента, а тоа е признанието за постоење исклучително нефункционални институции. Ако европската обвинителка Ковеси треба да дојде во земјава и директно да ги проверува обвиненијата само затоа што овдешните обвинители не можат да си ја работат својата работа поради притисоци, тогаш повеќе од јасно е дека работата е целосно излезена од контрола и дека едноставно не постојат функционални државни контролни механизми, туку станува збор за една голема кармакаша во која секој си зема за слобода да се меша онаму каде што не му е местото, а уште помалку каде што му се надлежностите. Тоа е одлика на анархија, а најмалку на ред и поредок.

Правосудна катарза или дополнителна кармакаша

Обраќањето на обвинителката Русковска до амбасадите на САД и на ЕУ е силна шлаканица за државата, шлаканица што треба силно да одекне и да ги освести сите во оваа држава дека веќе е допрено дното и дека подолу не може.
Истовремено, ова е и своевидна катарза низ која мора да помине државата за конечно да се ослободи од сите корумпирани функционери во сите државни власти, ако сака да тргне по патот на напредокот и просперитетот или ако нејзината ориентација е ЕУ. Со притисоци, мешање на властите, нефункционални институции, Македонија уште многу долго ќе остане заглавена во балканската кал.
Тоа значи и дека не треба работите тука да ни ги средуваат САД, ЕУ или некој друг однадвор, туку самите да покажеме вистински капацитет дека можеме да водиме држава, а не само државата да се користи како параван за богатење на поединци и на нивни блиски групи.
Ако веќе недовербата е отидена дотаму, тогаш во секој момент можат да се ангажираат странски експерти што ќе може да раководат со Обвинителството и да водат вистинска борба против организираниот криминал и корупцијата, без страв дека некој ќе им врши притисоци, а уште помалку дека ќе им се меша во работата и ќе им диктира како да постапуваат.
– Состојбите не се смениле со години и сметам дека нема ниту сега нешто да се смени токму поради ова што сега се случува и начинот на кој се бара разврска. Факт е дека во државата приматот го има политиката и таа е замешана секаде и сè е исполитизирано. Добро би било кога би станувало збор за вистинска политика, а не политикантство, како што е во конкретниот случај. Од друга страна, институциите се заробени и функционираат под голем притисок, особено на извршната власт, а поделбата на власта одамна прекинала да постои – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според него, нашиот правен систем е целосно исполитизиран, а односот на судиите и на обвинителите е клиентелистички.
– Судиите и обвинителите точно знаат што се очекува од нив и тоа го испорачуваат. Таквиот притисок никому од обвинителите не му пречи додека не биде засегнат лично. За мене изгледа смешно и чудно кога еден обвинител за организиран криминал бара во своја држава помош од амбасади и од европскиот обвинител, а ги има сите овластувања според закон да поведе постапка против секој што го прекршил законот – нагласува Давидовиќ.
Тој стои цврсто на ставот дека институциите во оваа држава не функционираат и дека не постојат ниту контролни механизми
– Сите контролни механизми што требаше да постојат се целосно исполитизирани и се наоѓаат во рацете на луѓе што не се стручни. Луѓе што вредат и тежат не се на вистинските места, туку се маргинализирани и оваа состојба е 30 години. Ние сме преточени во партиски бои, во нешто што мислиме дека е демократија, но всушност е анархија затоа што ние демократијата ја сфаќаме така што секој има право сè да направи и за тоа да не одговара – заклучува Давидовиќ.


ЗЈО: Јавното обвинителство има капацитети да постапува и без помош на странците

Здружението на јавните обвинители на Република Македонија остро реагира на отвореното писмо од јавната обвинителка Вилма Русковска упатено до странски амбасади и меѓународни организации.
– Како професионално здружение, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители. Имено, како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту другите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност. Меѓутоа, при постапувањето во предметите, и тие како и сите други јавни обвинители мора да се водат од начелата на законитост и правичност. Освен тоа, Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство – се вели во реакцијата.
Понатаму се додава дека ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себеси за семоќен и да одбива контрола над постапувањето.
– Таквата контрола токму има цел да се избегнат незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката. Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејства и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации – велат од Здружението на јавните обвинители.