Македонската идеологија за слобода и сопствена држава беше поставена врз слободарски и демократски темели. Македонските идеолози, како што се Даме Груев и Гоце Делчев, својот светоглед го изградија под влијание на хуманистичките идеи од 19 век, прокламираните човекови права на Француската револуција од 1789 година, паролите издигнати од Париската комуна, но и од социјалистичките и анархистичките идеи. Затоа македонската кауза се одликуваше и сѐ уште се одликува со демократичност и слободарство, што е евидентно во македонската револуционерна максима: „Слобода и еднаквост за сите, без разлика на народноста и верата“
Илинден е вечно врежан во историската меморија, како ден кога Македонците со саможртви ѝ посведочија на Европа дека и тие се народ што заслужува човекови слободи, но и сопствена држава. Постои македонска национална и идеолошка нишка што ги поврзува двата Илиндена, 1903 и 1944 година. Врз илинденските темели од 1903 година е изградена современата македонска држава и не случајно Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) се одржа на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски„, кога беше остварен вековниот сон на македонскиот народ за национална држава, како крепост на македонските јазични, историски, културни и други особености.
Првиот Илинден е одзив во еден егзистенцијален момент, кога Македонците живееја во авторитарна држава и немаа основни човекови права и слободи. Во оваа империја, македонскиот народ немаше сопствени институции преку кои можеше да ги оствари, а уште помалку и да ги заштити своите интереси. Лишен од основите за национален саморазвој, Македонецот стана плен на балканските национализми, кои го негираа и го присвојуваа неговиот јазик и национални особености.
Во оваа критична поставеност се појави една млада македонска генерација, која на своите плеќи го изнесе товарот за слободата и првата на Македонците. Џулијан Алан Брукс, во своето дело за македонската борба од почетокот на 20 век, вели дека се појавила една нова класа интелектуалци што одлучиле да работат самостојно за автономна Македонија. Според овој автор, сите тие биле учители и „овие учители станале татковци на македонскиот национализам“. Меѓу учителите за кои говори Брукс се вбројуваат и македонските великани Даме Груев, Гоце Делчев, Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров и Пере Тошев, но и многу други знајни и незнајни борци за македонската слобода.
Македонската идеологија за слобода и сопствена држава беше поставена врз слободарски и демократски темели. Македонските идеолози, како што се Даме Груев и Гоце Делчев, својот светоглед го изградија под влијание на хуманистичките идеи од 19 век, прокламираните човекови права на Француската револуција од 1789 година, паролите издигнати од Париската комуна, но и од социјалистичките и анархистичките идеи. Затоа македонската кауза се одликуваше и сѐ уште се одликува со демократичност и слободарство, што е евидентно во македонската револуционерна максима: „Слобода и еднаквост за сите, без разлика на народноста и верата“.
Откако беше поставена идеолошка матрица, македонските учители го посеаја револуционерното семе во Македонија и во текот на десет години, беспоштедно и пожртвувано, го подготвуваа македонскиот народ да се одважи и да се спротивстави на тиранијата. На самиот почеток, македонските водачи се соочија со два тешки проблеми.
Поради вековното ропство, Македонецот имаше наметнат ропски дух, а истовремено балканските националисти водеа шовинистичка политика и се стремеа кон припојување на Македонија кон нивните држави. Во текот на една деценија, македонските великани, како што е Гоце Делчев, постојано го воспитуваа и охрабруваа Македонецот. Не случајно, Делчев постојано и насекаде низ Македонија проповедаше: „Моралната револуција, револуција на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголемата задача. Ропството се должи пред сѐ на самиот роб, а кога робот ќе престане да биде таков во душата, ропството исчезнува само по себеси.“ Оваа агитација на македонските водачи беше успешна, а тоа е очигледно од востаничката 1903 година, кога македонскиот народ се спротивстави на тогашните господари.
Втората пречка кон првиот Илинден беа замешателствата на Софија, Белград и на Атина, кои беа против самостојната борба на Македонецот за слобода и сопствена држава. Особено како опасни противници на македонската кауза се истакнаа бугарските националисти и шовинисти, кои постојано настојуваа да ја реализираат идејата за санстефанска Бугарија. Но бугарските националистички интриги и замки ги поттикнаа македонските водачи уште повисоко да ги истакнат принципот на самостојност и својата желба за македонска држава. Ова е очигледно во пресрет на Илинденското востание, кога Христо Татарчев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), истакнал: „Сета вина за положбата во Македонија пристига од Бугарија, Бугарите се виновни за несреќите на Македонците, сите бугарски влади (Радославов, Стоилов, Данев и сите) ја експлоатираа македонската кауза, истото ќе го направи и сегашната влада“.
И покрај наметнатиот ропски дух на Македонецот и надворешните интриги, првиот Илинден пристигна во 1903 година. За значењето на Илинденското востание пишувале многумина, но ние би го одвоиле пишувањето на Наум Томалевски, македонски деец и револуционер во чиј дом во Крушево била прогласена Крушевската Република, во предговорот на албумот „Крушево“, објавен од македонското емигрантско друштво Крушевско благотворително братство, по повод 25-годишнината од Илинденското востание во 1928 година. Наум Томалевски го напишал следното: „Илинден е најмоќната пројава на македонскиот дух во борбата за политичка и национална слобода на Македонците“.