Медицински совет
Освен на водата, при високи температури, кога многу се потиме, важно е да се обрати внимание и на поголемо внесување електролити, на пример со консумирање спортски, односно изотонични енергетски напитоци. Бидејќи со потењето, телото не губи само вода туку и јаглени хидрати и електролити, особено натриум, а тоа треба да се надоместува.
Електролитите се супстанции неопходни за функционирањето на нервниот систем и за регулација на нивото на телесни течности. Неопходни се за правилно функционирање на сите клетки во телото и играат клучна улога во регулацијата на ПХ-вредноста во телото, правилното функционирање на мускулите и пренесувањето на нервните сигнали.
Електролитите можат да носат позитивни или негативни електрицитети, а најважните електролити за човековиот организам се: калциумот, магнезиумот, калиумот, натриумот и хлоридите. Внесувањето електролити го намалува чувството на замор и исцрпеност што често доаѓа со високите температури, а симптоми за недостиг од електролити во организмот се грчеви во нозете, главоболка и несоница. Електролитите се надоместуваат и со консумирање на следните намирници: свежо овошје (лимон, портокали, јагоди, шумско овошје, ананас, лубеница, праска, грозје), свеж зеленчук (спанаќ, зелка, кељ, домати, блитва, пиперка и компир), млеко и млечни производи, ореви, разни семки и жита.