Некои од аналитичарите со кои контактиравме се воздржани во однос на можноста да се промени што било во официјалниот текст на преговарачката рамка, која беше подготвувана за време на француското претседателство со Унијата. Едни се сигурни дека „преговорите не можат докрај да се отворат пред да се смени македонскиот устав, а целиот притисок и вина, со амин на Владата во Скопје, ќе се свртат врз Македонија, односно врз пратениците во Собранието“, а други, пак, претпоставуваат дека заклучоците на македонското собрание „сигурно ќе влијаат на стратегијата за преговарање, подготовките и тактиката во текот на самите преговори“…
Можат ли заклучоците на нашето собрание да се вградат како интегрален дел во преговарачката рамка, исто како и заклучоците од бугарското собрание
Со објавувањето на содржината од билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија, а претходно и на преговарачката рамка за почеток на преговори со Европската Унија не престана политичката рашомонијада околу тоа што, всушност, двата документа ќе ѝ донесат на нашата земја на патот кон Европската Унија. Од македонска, но и од бугарска страна доаѓаат различни толкувања за користењето на македонскиот јазик во преговарачкиот процес со Унијата, но сѐ стана кристално јасно по објавувањето на едностраната декларација во Брисел, од страна на Бугарија, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Дали македонските преговарачи успеаја да го заштитат македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот народ?
Главните заклучоци што беа изгласани од народните избраници се однесуваат на тоа македонскиот јазик во преговарачката рамка да биде наведен без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
Дали македонските преговарачи успеаја да го „заштитат“ македонскиот јазик? Се расчисти ли таа дилема по изгласувањето на заклучоците од Собранието (со кои се задолжи Владата, преку државната делегација за преговори со Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно, да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија?) или по вчерашната бугарска декларација за јазикот сѐ падна во вода?!
Да потсетиме дека пратениците ја „задолжија“ Владата при склучувањето на какви било договори, спогодби и документи со Европската Унија што содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на Европската Унија, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите тие да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти. Исто така, Собранието ја задолжи Владата да обезбеди „македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на Европската Унија без какви било објаснувања, додавки или фусноти“.
Целиот притисок и одговорност ќе паднат врз пратениците во Собранието
Според поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, Бугарија во полн капацитет го добила токму она што го бараше.
– Преговорите не можат докрај да се отворат пред да се смени македонскиот устав, а целиот притисок и вина, со амин на Владата во Скопје, ќе се свртат врз Македонија, односно врз пратениците во Собранието.
Имено, според него, Софија си добила, и европски и македонски гаранции за диктат и наметнување на својот бугарски наратив на историјата, како наш…
Според амбасадорот Ѓорѓи Филипов, заклучоците на македонското собрание можат можеби малку да влијаат на текстот на преговарачката рамка, но сигурно ќе влијаат на стратегијата за преговарање, подготовките и тактиката во текот на самите преговори, бидејќи ќе претставуваат водилка низ лавиринтите и очекуваните и неочекуваните пречки што ќе се исправат пред преговарачите.
– Особено треба да се има предвид дека Албанија и Македонија ќе бидат први земји што ќе преговараат со „опасноста од реверзибилност на веќе поминат кластер“ ако предолго време се стои во место.
Протоколот е одвоен од преговарачката рамка, но не значи дека нема влијание, што значи не треба да се потценува, зашто може да предизвика посредни дејства што би го отежнувале преговарачкиот процес – смета амбасадорот Ѓорѓи Филипов.
Имаат ли инструменти на располагање со кои собраниските заклучоци би се вградиле како интегрален дел во преговарачката рамка
За пошироката јавност останува нејасно како Владата ќе успее да издејствува посилни гаранции, не само за заштита на македонскиот јазик при комуникацијата со европските институции, туку кои се механизмите и инструментите со кои може собраниските заклучоци од расправата за францускиот предлог да се вградат како интегрален дел во преговарачката рамка со ЕУ?
Словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Предан, завчера излезе со објаснување во јавноста дека „македонскиот јазик е јасно признаен од 26 земји-членки на ЕУ и оти тоа значи дека ќе биде признаен како официјален јазик на Унијата
– Резервите на Бугарија за македонскиот јазик нема да имаат никакво влијание на неговиот статус во Европската Унија. Нормално, една земја-членка секогаш има право со некоја еднострана изјава да изрази своја резерва, но тоа сигурно нема да има никакво влијание на статусот на македонскиот јазик во Европската Унија. Земјите-членки што го признаваат македонскиот јазик не можат да прифатат евентуално бугарско вето поради јазикот – вели Предан.
Сепак, тој предупредува дека во текот на процесот на преговори може да се создадат многу ситуации за пречки од членките на ЕУ. М.Ј.