Каков е тој објект што ЕУ планира да го изгради „за европските функционери да се заштитат од шпиони“?
Не престануваат саркастичните коментари во европските стручни кругови, откако неодамна беше обелоденета информацијата дека ЕУ планира да изгради бункер за да се заштитат од шпиони. Најчестите коментари беа проследени со прашањето „дали европските функционери дури сега слушнале за Џејмс Бонд“, па решиле да го имитираат. Познавачите на состојбите сосема сериозно го поставуваат проблемот – дека не е новост фактот дека на ЕУ ѝ треба големо ресетирање на сајбер-безбедноста, но зошто на овој начин се поттикнува неговото решавање, како европските функционери тукушто да излегле од киносалата каде што го гледале тајниот агент 007. И без таквата шега, прашањето е зошто ЕУ работи дури сега за заштита на разговорите на високо ниво.
Според неименуван портал од Брисел, кој наводно имал пристап до писмото на Унијата во кое се опишува проектот, се наведува дека безбедната соба, вредна осум милиони евра, која конечно ќе ја имаат европските претставници, ќе може да прими до 100 луѓе. Таа треба да биде лоцирана во Европскиот совет, кој собира дипломати и министри на земјите-членки.
Бункерот е само дел од пошироките напори на европското семејство за зајакнување на безбедноста на чувствителните комуникации, документи и доверливи состаноци по серијата повеќегодишни хакерски и шпионски акции. Тамошните пратеници велат дека бункерот мора да биде симбол на нов начин на размислување и на отстранување на превезот на незнаење под кој беа институциите на ЕУ кога станува збор за заканата од сајбер-шпионажа и напади, кои, наводно, се десеткратно зголемени во последните три години. Последниот во серијата беше напад врз мобилните телефони на највисоките европски функционери, кои вклучуваа шпионски софтвер како што е израелскиот Пегазус, што поттикна предлози да се разгледа обновата на технолошката инфраструктура од нула.
Бункерот во Брисел ќе гарантира безбедни разговори „без руски и други прислушувачи“ и соодветно „ниво на удобност“ за европските функционери. Во бункерот ќе бидат забранети телефони, часовници, лаптопи и слушни помагала. Планирано е да се изгради и заврши до 2024 година во рамките на комплексот на Европскиот совет. Салата за состаноци ќе биде офлајн и ќе има само микрофони поврзани со преведувачките кабини. Објектот ќе биде прегледан пред и по состаноци. Во информациите поврзани за бункерот не се споменува дали ќе има простор наменет за криење во случај на конкретни безбедносни закани, како оној во Белата куќа каде што Доналд Трамп се спушти пред две години, а кој беше изграден за време на администрацијата на Рузвелт за да издржи нуклеарен напад. Поради демонстрантите што ја опколија Белата куќа, Трамп потоа беше сместен во безбедносен бункер и со тоа стана првиот американски претседател во последните неколку децении што официјално остана да престојува таму, од безбедносни причини, неколку дена.