Гасоводот „Северен тек 1“, кој ја снабдуваше со руски гас Западна Европа, како што беше и најавено, привремено е затворен поради годишно одржување. Гасоводот минува под Балтичко Море од Русија и е главниот извор на руски гас за Германија. Токму затоа, ваквата одлука предизвика загриженост во Берлин дека Русија може да не го продолжи протокот на гас според планираното, па поради тоа германската влада се подготвува да почне со рестартирање на 10 електроцентрали на јаглен.
Според најавите, снабдувањето со гас е прекинато до 21 јули, поради рутинска работа за која операторот вели дека вклучува „тестирање на механичките елементи и системи за автоматизација“. Податоците на операторот покажаа дека протокот на гас опаѓа како што беше планирано.
Сомневањето кај германските власти во намерите на Русија доби на интензитет, особено откако руски „Газпром“ минатиот месец го намали протокот на гас преку „Северен тек 1“ за 60%. „Газпром“ ги наведе техничките проблеми со гасната турбина што напојува компресорска станица, која партнерот „Сименс енерџи“ ја испрати во Канада на ремонт, но таа, откако интервенираше германската дипломатија, беше вратена и покрај санкциите воведени поради руската инвазија на Украина.
Германија и остатокот од Европа се обидуваат да го наполнат складиштето за гас навреме за зимата и да ја намалат нивната зависност од рускиот увоз на енергија. Германија, со најголемата европска економија, добива околу 35 отсто од својот гас за електроенергетската индустрија и произведува електрична енергија од Русија.
За да ги надомести недостатоците, германската влада се подготвува да одобри уредба со која ќе им се даде зелено светло на комуналните претпријатија да активираат 10 мини-електроцентрали на јаглен и шест што работат на нафта. На уште 11 електроцентрали на јаглен, кои треба да бидат затворени во ноември, ќе им биде дозволено да продолжат да работат. Екологистите предупредија дека согорувањето на јаглен и нафта ослободува повеќе јаглерод диоксид отколку електроцентрали на природен гас, што ги става во опасност климатските цели на Германија. Но Владата тврди дека краткорочното зголемување на емисиите ќе се компензира со нови мерки за забрзување на инсталирањето на обновлива енергија.