Недовербата на голем дел од јавноста и кон извршната и кон законодавната власт во државава, но и кон институциите на Европската Унија, која со овој предлог драстично е зголемена, според дел од упатените, наметнува само едно решение – директно изјаснување на оние од кои произлегува легитимитетот на институциите, а тоа се граѓаните. Само така, како што велат, може да се измери вредноста на францускиот предлог
И ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ЕК ВО МИСИЈА НА ПОТТУРНУВАЊЕ НА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, треба да се обрати на за денеска закажаната собраниска седница на која ќе се расправа за таканаречениот француски предлог, по претходно сондирани мислења на пратениците од македонскиот парламент. Но во јавноста не стивнуваат реакциите, според кои, таа нема што да бара во институциите, кои и така според нивните европски анализи и мислења се со битно намалена функционалност и не уживаат доверба кај граѓаните. Тогаш, што бара претседателката на Европската комисија низ државните институции и дали е тоа вистинската адреса каде што таа треба да се обрати и да го каже своето мислење? Според упатените, таа треба и најдобро е директно на граѓаните да им објасни како Европската Унија се осмелила да застане зад предлогот што содржи толку контроверзии за Македонија. Сѐ друго, како што се вели во коментарите, ќе биде „само дотурање сол на раната.“
Кој најдобро ќе ја измери вредноста на францускиот предлог?
Недовербата на голем дел од јавноста и кон судската, извршната и кон законодавната власт во државава, но и кон институциите на Европската Унија, која со овој предлог драстично е зголемена, според дел од упатените, наметнува само едно решение – директно изјаснување на оние од кои произлегува легитимитетот на институциите, а тоа се граѓаните. Само така, како што велат, може да се измери вредноста на францускиот предлог.
Еден од оние што сметаат дека местото на францускиот предлог му е на референдум е поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.
– Како власта мисли да изгради доверба со граѓаните ако не им дава можност самите да се изјаснат за најкрупните политички прашања од кои зависи иднината на државата – запраша тој пред неколку дена.
Но тоа не беше единственото прашање што го постави.
– Зошто толку брзаме? Француското претседавање со ЕУ истече, започна чешкото претседавање, па не сметам дека има потреба од брзање. Што сме изгубиле ние. Цели 30 години чекавме, а тие од нас бараат за 30 минути да одлучиме – вели Петковски.
Претходно и универзитетскиот професор Ферид Мухиќ, во изјавата за „Нова Македонија“, се заложи за организирање референдум.
– Кога Владата веќе ја „голтнала јадицата“ на ЕУ, сега останува тој предлог да се стави на плебисцитарно разгледување и одлучување – рече, меѓу другото, Мухиќ.
За некој да биде „за“ или „против“ предлогот, треба тој да биде јавно достапен во целост, со сите придружни документи
Иако смета дека организирањето референдум би било „макотрпен и долг процес“, не го исклучи како решение ни директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска.
– Не знам колку граѓаните во овој поларизиран емоционален момент може да проценат од анкета дали тие се „за“ или „против“ одреден предлог, кој не беше ниту јавно достапен и за кој сѐ уште има многу недоумици и покрај објаснувањата – изјави Кацарска, потенцирајќи оти и во тој случај ќе биде потребна голема внимателност.
Како би се поставило прашањето, како би оделе подготовките, се само некои од дилемите на кои таа посочи.
– Имаме едно искуство и од референдумот со Преспа што не мислам дека е најопортуно во однос на начин на кој се претставуваше европската интеграција – потсети таа.
Во меѓувреме, може да се каже дека денешното обраќање на претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, во парламентот е кулминација на дипломатскиот притисок врз Македонија да се прифати предлогот што внесе длабоки поделби и на политичката сцена и во пошироката јавност, и тоа по повеќе основи. Се очекува дека поради тоа, но и поради моменталниот однос на силите во Собранието, предлогот ќе помине, но опозицијата најави дека потоа нема да ги даде гласовите потребни за уставните измени со кои тој треба да биде проследен. Надвор од парламентот, пак, Фон дер Лејен денеска ќе треба да се соочи со револтот на граѓаните, кои веќе две недели протестираат низ улиците со барање предлогот да се отфрли.
А колку проблематичниот француски предлог е штетен не само за Македонија туку и за Европската Унија, можеби најдобро забележа австрискиот професор и познавач на состојбите на Балканот, Флоријан Бибер. Предлогот, како што објасни, го вметнува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите што пристапуваат.
– Наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе ја разниша репутацијата на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување – напиша Бибер на социјалната мрежа Твитер во една од седумте точки со кои образложи зошто тој е лош. Д.М.М.