Потрагата на Халкидики за пронаоѓање на последниот исчезнат македонски турист продолжува утринава со учество на патролен брод на крајбрежната стража, како и на волонтери – спасувачи, откако во текот на вчерашниот ден беше вклучен и подводен дрон. Според информациите на грчки „Ворија“, два воздушни дрона на ОФКАТ, како и куче-трагач денеска се приклучуваат во потрагата по Мартин.
Мајката на Мартин апелираше до спасувачите на волонтерската служба ОФКАТ да не престанат да бараат ниту една минута, а со солзи во очите постојано им вели „сѐ што сакам е да го најдете моето дете, пренесуваат грчките медиуми.
Подводниот дрон е голема помош во потрагата по Мартин, но струите се многу силни
Воедно, братот на Мартин во објава на Фејсбук вчера порача „иако поминаа четири дена, не губиме надеж и продолжуваме да бараме“.
Претседателот на ОФКАТ, Христос Рамос, нагласи дека спасувачите вложуваат натчовечки напори да го најдат момчето и да го вратат кај неговото семејство.
Вчера од болница беше отпуштен 30-годишниот Иван, кој помина околу 19 часа во морето пред да биде спасен.
Мартин и неговите двајца пријатели биле на одмор на Халкидики кога во саботата попладне, славејќи го роденденот на нивниот 30-годишен пријател Иван, завршија во водата борејќи се за да преживеат. Иван беше пронајден во неделата напладне, а првиот исчезнат, 25-годишниот Васил, веднаш го лоцирала крајбрежната стража.