Од Арт Спигелман до Маргарет Атвуд, книгите исчезнуваат од полиците на американските училишта. Што се крие зад порастот на цензурата?
Секогаш кога ќе помислиме дека сме направиле некаков напредок како општество и дека нема враќање назад, старите несвесни навики повторно нè стигнуваат. Во современото американско општество, кое се гордее со демократијата, толеранцијата и другите сродни вредности, поради конфликтот на спротивставените политички идеи и како резултат на социјалните тензии, забраните и обидите за забрана на книги стануваат сè почести.
Од Американската библиотекарска асоцијација (АЛА) за „Гардијан“ откриваат дека во периодот од 1 септември до 30 ноември биле забележани дури 330 случаи на обиди за забрана на одредени книги. Ова е двојно повеќе од бројот на регистрирани случаи во текот на 2020 година.
– Работите дефинитивно се влошуваат. Порано слушавме за такви обиди неколкупати годишно, но сега тоа е речиси секој ден. Има дури и обиди за законски забрани. Тоа е дел од обидот да се запрат ефектите од демографските и социјалните промени преку контролирање на наративите достапни за младите – вели Сузан Носел, претседателка на организацијата ПЕН, која ја промовира слободата на говорот.
Неодамна се зборуваше за „Маус“, книга за холокаустот од Арт Спигелман, која контроверзно беше отстранета од листата на лектири за читање во училиштата во државата Тенеси. Книгата на Спигелман, која го раскажува времето поминато на родителите на авторот во концентрационен логор и самоубиството на неговата мајка, ги прикажува Евреите како глувци, а нацистите како мачки. „Маус“, која беше отстранета од наставната програма, се прослави по забраната, заврши на листата на бестселери и стана предмет на многу дискусии во медиумите.
– Ова е најорвелистичката верзија на општество во кое сум живеел. Тоа не е само лево или десно. Тоа е културна војна што е излезена од контрола. Како што вели и првиот амандман и јас цврсто верувам во правото на секој човек да чита што сака. Ако детето сака да ја чита „Мојата борба“, подобро е да ја прочита во училишна средина отколку да ја открие на полицата со книги на неговиот татко и да биде трауматизирано – изјави во една пригода Спигелман.
Од АЛА велат дека „Маус“, за жал, е само една во низата книги што станаа жртва на ескалацијата на општествените превирања и идеолошките конфликти. Иако целите се различни, двете страни од политичкиот спектар се наклонети кон идејата за забрана на одредени книги. Некои ги доведуваат во прашање и книгите што пренесуваат пораки од маргинализираните групи.
Оттаму истакнуваат дека тоа се книги што ги рефлектираат животите на хомосексуалците, квир, трансродовите луѓе или приказни за Индијците и црнците. Како причина за забраната најчесто ја наведуваат заштитата на децата.
Меѓу книгите исфрлени од полиците на училишните библиотеки во Тексас се најде и стрип-верзијата на познатиот роман „Приказната на робинката“ на канадската писателка Маргарет Атвуд.
Атвуд веќе претходно се има сретнато со овој феномен. Во 2006 година, едно училиште во Тексас ја отфрли споменатата книга поради експлицитните сексуални прикази и навреда на христијаните. Преку отворено писмо, Атвуд ги негираше обвинувањата затоа што книгата не тврди дека режимот во приказната е христијански, а „Приказната на робинката“ е помалку заинтересирана за секс отколку многу делови од Библијата.
Во моментов, цензурата на книгите е поприсутна во традиционално републиканските сојузни држави, но познато е дека ниту обидите на левицата за цензура не се непознати. Класиците како „Да се убие птицата подбивница“ и „Авантурите на Хаклбери Фин“ беа на удар на левицата поради наводниот расизам, пишува „Гардијан“.
– Единствените луѓе што ги забрануваат книгите се оние што веруваат во критичката расна теорија. Либералите некогаш се бореа за „Хаклбери Фин“ и „Да се убие птицата подбивница“, а сега сакаат да ги исфрлат од училниците и да ги заменат со Та-Нехиси Коутс и Ибрам Х. Кенди – смета колумнистот на „Џуиш њуз синдикејт“, Даниел Гринфилд.
„Помеѓу светот и мене“, мемоарите на Та-Нехиси Коутс, е еден од 800-те наслови на тема за социјалната правда против кои училиштата во Тексас се побунија поради опасноста да им предизвикаат на учениците, во зависност од нивниот пол и раса, непријатност, вина, тешкотии и други видови вознемиреност.
Девет американски држави (Ајдахо, Оклахома, Тенеси, Тексас, Ајова, Њу Хемпшир, Јужна Каролина, Аризона и Северна Дакота) го забранија предавањето на критичната расна теорија, а уште дваесет држави или размислуваат за таков потег или веќе работат на тоа.
– САД се познати и по нападите врз книги што некој би можел да ги сфати како културолошки нечувствителни. Еден од трагичните примери е „Малата куќа на преријата“ од Лора Ингалс, која беше национално богатство, а сега е отфрлена бидејќи ги опишува домородците како застрашувачки – коментира Џулија Еклшеар, директорка на детскиот фестивал „Хеј“.
– Навистина гледаме цензура и на левиот и на десниот политички спектар. Од левата страна, тие ги напаѓаат книгите што некои ги сметаат за расно навредливи. Ова често се однесува на книги од историските периоди каде што расните навреди биле пошироко користени отколку денес. Десницата е онаа што сака да влијае на власта. Таа бара воведување забрани, па според хиерархијата на сериозноста на нападите врз правото на слобода на говор, тоа што го прави е позагрижувачко – тврди Сузан Носел.
Носел заклучува дека треба да се создаде простор каде што заедниците ќе можат да разговараат за тоа кои книги треба да им бидат достапни на учениците врз основа на нивното ниво на образование. И родителите треба да се прашаат за мислење. Сепак, идеолошки мотивираните обиди да се забранат одредени наративи и ставови ја кочат дискусијата во училницата.
Филозофката Надежда Чачиновиќ ја осудува секоја избрзана и кампањска забрана на книги.
– Денес гледаме многу феномени во поинакво светло во однос на минатото. Треба да бидеме внимателни и да укажеме на оние промени и слепи точки што претходно не сме ги забележувале, но не е неопходно да се избрише историјата. Прогоните и забраните не водат никаде. Доволно е поинаку да ги читаш книгите. Не треба да размислуваш за тоа дали некој ќе биде навреден. Не може да се забрани сѐ што предизвикува некого. На пример, бајките честопати се застрашувачки, но тоа е она за што тие служат. Вака се учат децата за светот, кој може да биде страшно место. Не можеме да ги дозволиме само оние идеи што ни се допаѓаат. Неопходно е понудата на книги да биде разновидна – објаснува Чачиновиќ.