Имајќи ја предвид нашата длабока политичка поларизација, мали се шансите некој политички субјект да може да собере две третини од парламентарното мнозинство за да ги поддржи промените на Уставот за вклучување на Бугарите, оценува претседателот Стево Пендаровски во однос на францускиот предлог, во интервју за грчкиот весник „Етнос“. Кога станува збор за францускиот предлог, тој ги објаснува и следните чекори што би следеле на патот кон ЕУ.
– Веќе го нареков како еден вид транзиционен компромис со една вродена блокада на патот. Имено, ќе ги отвориме преговорите, а тоа е најголемата придобивка од модифицираниот француски предлог, започнување на преговорите по 17 години чекање. Но, по скрининг-процесот, постои еден предуслов за продолжување на преговорите, а тоа е измена на Уставот за да се вклучат Бугарите во него. Имајќи ја предвид нашата длабока политичка поларизација, мали се шансите некој политички субјект да може да собере две третини од парламентарното мнозинство за да ги поддржи промените – вели претседателот.
Поголемиот дел од интервјуто е посветено на Преспанскиот договор, а Пендаровски истакнува дека членството во НАТО е директен ефект од решението помеѓу двете земји.
Одговарајќи како ги гледа односите помеѓу Грција и Турција, Пендаровски вели дека хармоничните односи помеѓу двете држави се клучни за стабилноста на Балканот, Медитеранот и Блискиот Исток. Како што посочи македонскиот претседател, поврзувањето со природен гас во Александрополис е најнов пример на заедничко вложување, кое се очекува да донесе взаемна корист за двете земји.
Весникот пишува и дека Пендаровски во Грција првпат дошол како турист со родителите во 1976 година и оттогаш редовно ја посетува земјата или за одмор или како член на дипломатски претставништва, додека омилено место му е Тасос за кој има желба повторно да го посети.