Во една ваква крајно неизвесна ситуација, кога не се знае како ќе се одвива воениот конфликт во Украина и како сето тоа ќе се одрази врз економиите во Европа,
но и во светот, повеќето земји веќе преземаат сериозни мерки како да го заштитат стандардот на своите граѓани и да го намалат ударот на инфлацијата
СПОРЕД ПОДАТОЦИТЕ НА ДЗС
Последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во земјава зема сè поголем замав и доколку не се преземат сериозни и навремени мерки, тоа може да доведе до уште подлабока економска криза, при што не се исклучуваат и социјални немири.
Ако се направи споредба на бројките што ги објави ДЗС, може да се забележи дека пред два месеца инфлацијата на месечно ниво изнесувала два отсто, потоа се зголеми на 2,2 отсто, за во јуни да достигне 2,8 отсто на месечно ниво, што е во спротивност на првичните проекции на Народната банка, која предвидуваше намалување на инфлацијата во овој период.
За да се спречи упад во уште поголема економска криза и социјални немири, експертите сугерираат дека е потребно носење нови мерки, кои ќе бидат во насока на сузбивање на инфлаторниот бран и негово ставање во предвидливи рамки, за да се заштити буџетот на граѓаните.
– Ако Владата не презема мерки, инфлацијата ќе прерасне во економска криза, а може да се претвори и во социјални протести од лица што ќе бидат отпуштени и осиромашени. Сведоци сме на една од најголемите стапки на инфлација последниве години, која дури сметам дека е уште поголема од официјалните бројки. Доколку во пресметката се зголеми учеството на горивата, инфлацијата ќе биде уште поголема. Сега за бензините ДЗС дава само 3 проценти пондерирање, а цените на бензините изминатиов период се зголемија дури за 60 проценти. Несфатливо е горивата да имаат толку мал удел во потрошувачката на домаќинствата. Поради малото учество, ударот не е толку голем и затоа и инфлацијата не е екстра-голема. Дека е само три отсто лично не верувам, што значи можно е инфлацијата да е уште поголема – вели економистот Здравко Савески.
Во една ваква крајно неизвесна ситуација, кога не се знае како ќе се одвива воениот конфликт во Украина и како сето тоа ќе се одрази врз економиите во Европа, но и во светот, повеќето земји веќе преземаат сериозни мерки како да го заштитат стандардот на своите граѓани и да го намалат ударот на инфлацијата.
Германската влада најави еднократни исплати во износ од 200 евра за граѓаните што подолго време се без работа, Франција ваучери за храна во вредност од 100 евра по домаќинство, на Грците во Атина веќе им се одбива по 40 евра од сметките за струја, додека Хрватска ја разгледува опцијата за воведување ваучери за гориво.
Поради константниот раст на цените, првенствено на енергентите, па потоа и на сè друго, целиот свет е во комплетен хаос и неизвесност каде се движат работите и кога конечно ситуацијата би можело да се стабилизира. И покрај тоа што многу европски земји со години работеа исклучително на јакнење на сопствената економија, нема сомнеж дека високите стапки на инфлацијата и неповолните економски прогнози предизвикуваат огромна загриженост и кај нив.
Токму од тие причини некои земји прават сопствени планови како да им помогнат на своите граѓани што побезболно да го поминат овој исклучително финансиски тежок период за сечиј буџет. Така, додека едни како помош даваат еднократни исплати, други се сетија да понудат ваучери за храна, а некои барем еден извесен период ги замрзнаа цените на енергентите и основните прехранбени производи.
Србија ги ограничува цените
Владата на Србија на крајот на јуни донесе редица уредби за ограничувања што се однесуваат на цените на гасот, горивата и основните животни продукти за смирување на енергетските пазари и заштита на граѓаните и стопанството од последиците на сè повисоките цени.
Со уредбите, покрај производствените, ограничени се и цените за брашно, маслото за готвење и свинското месо, така да не го поминуваат нивото на цените од 15 ноември 2021 година.
Што се однесува на ограничувањата на цените на енергентите, Владата го продолжи актуелното ограничување на цените на горивата во текот на јули. Што се однесува до гасот, усвоена е уредба за привремена мерка за ограничување на цените и надоместок на разликата во цената на природниот гас набавен од увоз или произведен во Србија во случај на нарушувања на пазарот на природен гас.
Германија дава пари
За да ги стави под контрола поскапувањата, германската влада реагираше со даночни и царински олеснувања на фосилните горива. Тие што подолго време се невработени добиваат еднократна помош од 200 евра, а детскиот додаток се зголемува за 100 евра месечно.
Германскиот канцелар Олаф Шолц сака со еднократни исплати да ги направи подносливи последиците од инфлацијата за граѓаните. Целта е да се спречи таканаречената спирала на платите и цените, која настанува кога потрошувачите номинално имаат сè повеќе пари за купување на истото количество стока, а со тоа се отстранува економскиот поттик за приспособување на потрошувачката во рамките на оскудната понуда настаната поради растот на цените.
Франција најави ваучери за храна
За да им помогне на своите граѓани, француската влада најави доделување итна помош за храна во вредност од 100 евра за домаќинствата со ниски примања, како и 50 евра помош по дете. Овој вид помош во Франција би требало да ја добијат девет милиони домаќинства.
Според најавите на тамошниот министер за економија Бруно Ле Мер, државата ќе го ограничи и зголемувањето на кириите за становите на најмногу 3,5 отсто годишно. Во нацрт-законот се предлагаат уште неколку мерки, меѓу другото и зголемување на пензиите и семејните додатоци за четири отсто.
Грција ги намалува режиските трошоци
За да го ублажи намалувањето на куповната моќ на Грците, грчката влада обезбеди пакет мерки во износ од 3,7 отсто од бруто-домашниот производ (БДП).
Грчките власти уште минатата есен одлучија да воведат паушални месечни одбитоци до 42 евра месечно на приватните и деловните сметки за струја. Со тој паушален износ, Владата го задржа поттикот за штедење електрична енергија. Покрај тоа, домаќинствата со ниски примања и помалите компании имаат релативно поголема полза.
Но на почетокот на оваа година грчката влада ја промени стратегијата: компаниите добија намалување на цената од 65 евра по мегават-час, а социјално загрозените домаќинства за 180 евра по мегават-час.
По истиот принцип, оваа програма ги растоварува и потрошувачите на гас.
Унгарија ги ограничи цените
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги ограничи цените на редица производи, и тоа непосредно пред априлските избори. Цените на горивата се замрзнати уште минатата есен. Сепак, таквите мерки целосно го поништуваат економски важниот сигнал за потрошувачите: никој не ја ограничува потрошувачката, иако стока има сè помалку.
Бензинските пумпи трпат поради набавните цени на горивата, а субвенцијата во противвредност од пет евроценти по литар е недоволна.
Иако државната финансиска помош очигледно не е доволна, овие мерки ќе ја чинат Унгарија околу пет милијарди евра.
И Велика Британија ги намалува сметките
Мерките за ограничување на трошоците за енергија и гориво се во сила повеќе години во Велика Британија.
Регулаторното тело „Офгем“ двапати годишно ја приспособува горната граница на цените на енергијата и горивата. Во април ова регулаторно тело горната граница ја зголеми за неверојатни 54 отсто, на 1.971 фунта (околу 2.300 евра). Износот се однесува на одделно домаќинство и за годишното просечно количество на гас и струја. Во октомври на секое британско домаќинство сметката за струја ќе му биде намалена за 200 фунти, но тие 200 фунти граѓаните ќе мораат да ги вратат во некој период во следните пет години.
Во практика се растоварени само домаќинствата со ниски примања. Локалните енергетски компании се должни да им дадат 140 фунти попуст на нивната годишна сметка, кој се плаќа од посебно формираниот профитен фонд. Во иднина од тоа повеќе граѓани би требало да имаат полза, но и попустот би можел да се зголеми. Е.Р.