Кога Американците ќе кажат дека нешто е историја, тие мислат дека тоа прашање веќе не е важно. За Европејците, пак, важи спротивното. Ако е историја, тогаш е навистина важно. А во таа смисла, Бугарија и Северна Македонија се навистина европски, пишува политикологот и директор на Институтот за европски политики од Софија, Димитар Бечев во колумната за „Политико“, насловена „Време е Бугарија и Македонија да одат напред“.
Како што нивниот спор одново се прелева во Европската Унија, време е двете страни да исцртаат курс за да одат напред. Ако Бугарија е во позиција да ја „киднапира“ политиката за проширување, што тоа ќе стори за кредибилитетот на европскиот блок на Западен Балкан и пошироко, прашува Бечев.
Тој смета дека францускиот предлог покажува начин за напредок, но оти по него „ќе остане горчлив вкус“.
– Францускиот компромис би можел да функционира, но горчливиот вкус ќе остане. Со одредено право, неистомисленциите ќе ја доведуваат во прашање мудроста на ЕУ која удоволува на историските барања на земја-членка. Политичарите ќе дојдат во искушение да ја искористат ситуацијата, а можеби, понатаму, да воведат и ново вето. Уште не сме сигурни. Но, дали ова значи дека историските спорови треба да бидат исфрлени од ЕУ засекогаш? Во идеален свет, одговорот би бил потврден – пишува меѓудругото Бечев.
Тој посочува дека политичките водства во двете држави треба да го насочат вниманието кон попрактични прашања од интерес за двата народа.
– Бугарските и македонските лидери едноставно треба да прифатат дека не се согласуваат и да го насочат вниманието на попрактични прашања од нивните гласачи. Од трговијата до инфаструктурата, телекомуникациите и енергетиката, има многу што може да се стори и ЕУ би требала да помогне – заклучува Бечев.