Македонското општество е преокупирано со францускиот предлог. Тоа резултира со политичка поделеност, разединетост, општествена конфузија, расправии, протести, обвинувања и говор на омраза. Изминатиот период сето ова е драматично изразено, токму во моменти кога е потребно обединување на националното ткиво. На што се должи тоа, кои се факторите кои поттикнуваат поделби и дали националните или личните и партиски интереси се поважни?
На социјалните мрежи оддалеку се забележува дека начинот на комуникација, генерално, е под секое ниво, врие од расправии, вокабуларно насилство, навреди, говор на омраза… Експертите се јасни, сме станале длабоко затруено општество, а политичката елита го спушти нивото на комуникација, па граѓаните ги користат и нивните алатки и начини на изразување.
Не сум сигурна како паднавме на ова ниско, вулгарно ниво на комуникација – тоа во моментов е нашата реалност
Проф. д-р Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии вели дека се работи за сериозно национално прашање, и секако дека сите имаме и емоции, но од политичката елита се очекува да зборува со факти и со аргументи, да ја презентира вистината и да и објаснува на јавноста.
– За жал, ние се најдовме во една фаза кога има рашомонијада на различни мислења и скандалозно, но вистинито од политчките фигури и од јавните функционери добивме и одредени набедувања, па дури навреди дека дел од експертите се хистерични, дека лажат, дека немаат доволно образование, па дури и дека биле проруски определени.
Наместо да имаме конструктивен разговор и дебата, ние имаме обвинувања и нетранспарентност во самите релации и разговори – објаснува таа.
Според Трајкоска широка и конструктивна дебата значи да бидат вклучени многу поголем дел од луѓето, не само политичките партии или, пак, одредени избрани претставници на стручната и експертската јавност.
– Потребно е да се даде време, прво Владата, Собранието да го разгеледа и да го објасни она што ни се случува. Од друга страна, да даде простор сите ние да го прочитаме, да го аргументираме, да разговараме и да донесеме става. Нема расположение за такво нешто. Тоа создава дополнителна фрустација, немир, бес и немоќ кај граѓаните и поаѓајќи од тоа дека политичката елита ни го спушти нивото на комуникација се користат истите алатки и истито начин на изразување – смета Трајковска.
Вели дека не можеме да се обединиме или да имаме поинаков начин на комуникација на социјалните мрежи и меѓу обичните граѓани, кога нашата политичка елита го користи овој вулгарен и напати прост јазик за да се пресмета меѓу себе.
– Нашата политичка елита се обвинува и го користи јавниот простор и официјални настани за да можe да го навредi другиот и го спушти нивото на дебата и на разговор на едно невидено ниско ниво. Оттука, нормално дека луѓето кои ги слушаат и ги гледаат нашите „лидери“ го користат истиот начин и методологија за пресметување со неистомислениците. Не сум сигурна како паднавме на ова ниско вулгарно ниво на комуникација, но тоа во моментов е нашата реалност – додава Трајкоска.
Содржина, а не празни зборови, флоскули и навреди
Дали и како може да излеземе од оваа состојба? Трајкоска има оптимистички став, но, додава дека тоа не може да се случи денес за утре.
– Може, но кога сите јавни функционери, политичари, пратеници претседатели ќе го сменат начинот на разговор меѓу себе. Кога ќе воведат квалитет во дебатата, во разговорите и во обраќањето на јавноста. Кога ќе воведат содржина, а не празни зборови, флоскули и навреди. На тој начин ќе можеме, спортски кажано, да ја смириме топката и да воведеме нова содржина и нов квалитет во дебатата. Ова не е од денес за утре, бидејќи народот се чувствува бесен, немоќен, се чувствува дека нешто му се крие – посочува експертката.
Само со еден јавен и транспарентен, севкупен и нелажен процес, смета таа, можеме да постигнеме одреден тип на намалување на тензиите и конструктивност во зборувањето.
– Сите ја сакаат Македонија, но сега треба да ги тргнеме суетите настрана и да видиме што е најдобро. Политичарите ја имаат најголемата вина за овој начин на комуникација на социјалните мрежи. Да не зборуваме за ботовите, за потплатените профили чија цел е да ги набедуваат и обвинуваат неистомислениците. Кога ќе престнеме со сето тоа, тогаш можеме да зборуваме дека сме на добар пат да ја нормализираме дебатата – заклучи таа.
Сме станале длабоко затруено општество
Професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски смета дека ваквите случувања во изминатиот период се индикации со кои не само што се потврдува тезата дека општеството е длабоко поделено, туку дека сме слегле уште неколку нивоа подолу и сме станале длабоко затруено општество со затруени меѓучовечки односи.
– Омразата меѓу народот ја носи затруеноста на општеството. Морам да напоменам дека ова и не е новина, зашто сите големи настани во државата што се случуваат во врска со нашата европска интеграција поминувале вака, на овој начин. За ништо досега не сме покажале граѓанско единство. Политичарите треба да се размислат, но и сите институции имаат одговорност како ќе се одвива развојот на општеството. Секој нека си одговори на својата задача, зашто не може само неколку челници на врвот во државата да се обвинуваат. Каде се останатите – прашува професорот Тоновски.
Според него, ако вака продолжиме да се однесуваме, нас никој нема да не почитува во пошироката јавност, а, како што вели, ниту во Европската Унија.