Во време кога Македонија се наоѓа на историски крстопат, историјата е таа од која треба да се учат лекциите. Предизвиците се идентични, рециклирани однадвор, различни се само актерите. Затоа, во овој момент, повеќе од важно е да се игнорира тој македонски самоуништувачки синдром, а да се разбуди и врати духот на создавање кохезија и синергија, исто онака како пред многу векови, кога во многу потешки услови Македонците опстојувале и го чувале она што за нив било највредно, го чувале идентитетскиот супстрат и ја чувале Македонија!
Македонскиот синдром на одржливост наспроти самоуништувачкиот синдром
Модифицираниот француски предлог за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, кој во последен момент го достави француското претседателство со Унијата, предизвика бурни реакции во јавноста, која со право си го поставува прашањето дали земјава повторно е ставена пред свршен чин како со Преспанската спогодба, да мора да прифати нешто што уште повеќе ќе ги поткопа темелите на македонската држава.
И додека никој не знае што содржи новата модифицирана француска понуда, како и дали воопшто е модифицирана, едно е сигурно, историјата на македонскиот народ му се повторува и тој повторно ќе се соочи со истите премрежиња од пред многу, многу години.
Единствена непознаница е кој ќе биде посилен, дали синдромот на самоодржливост или, пак, ќе надвладее синдромот на самоуништување?!
Македонизмот опстојал поради внатрешното чувство, кое не може
да се искорени
Последните неколку години Македонија е под засилен притисок и отворени напади од некои од соседните земји, но и пошироко, за целосно негирање на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Овие обиди се со единствена интенција, да се креира нова вештачка „северномакедонска“ нација, која треба да ја истисне македонската свест од овие простори и некои следни генерации воопшто да не знаат за нејзиното постоење, а целата операција се одвива со продавање некаква европска приказна, во која повеќе не веруваат ниту самите Европејци.
Но, без оглед на сите овие случувања, Македонија отсекогаш градела држава со сите нејзини атрибути, без оглед на историската констелација.
Во поранешни времиња, црквата била таа што играла клучна улога во сплотувањето на народот и формирањето на државите, па, така, во втората половина на 10 век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална архиепископија, врз темели на Јустинијана Прима, во достоинство на патријаршија. Подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века.
Без оглед што тогаш не е формирана македонска држава, сепак црквата била таа што за Македонците била сврзувачко ткиво, па затоа уште во тоа време низ црковните документи се провлекувало името Македонија и на тој начин има континуитет и се зачувало името што подоцна станало и официјално име на државата, кога таа била оформена.
По црквата, јазикот бил главниот атрибут со кој македонскиот народ се дефинирал како посебен од сите други на Балканот. Создавањето посебен македонски јазик започнува во 12 век, со првите варијанти (редакции) на словенските јазици, а во периодот меѓу 15 и 18 век се појавуваат дамаскините – текстови од македонската територија пишувани на разбирлив, народен јазик. Тие претставуваат почеток на македонски книжевен јазик. Значаен период во историскиот развој на македонскиот јазик е почетокот на 19 век. Тогаш се појавуваат македонските просветители и првите печатени книги на народен македонски јазик. Во 1903 година излегува од печат книгата „За македонцките работи“ од К.П. Мисирков, што претставува прва стандардизација на македонскиот јазик. Македонскиот јазик е кодифициран на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година. Во 1903 година е создадена и Крушевската Република, првата република на Балканот, која на некој начин го навестува создавањето на македонската држава со сите нејзини атрибути, што конечно се случува на Првото заседание на АСНОМ, како највисоко законодавно и извршно народно претставничко тело на македонската држава, на кое македонскиот јазик бил прогласен за службен во земјава и започнал државниот развиток на Демократска Федерална Македонија како федеративна држава во рамките на ДФ Југославија. До 1963 година, земјата го носеше името Народна Република Македонија, а потоа Социјалистичка Република Македонија.
Сето тоа кулминира во 1991 година, кога Македонија прогласи независност од поранешна СФРЈ и стана независна држава, првпат во својата историја.
Од АСНОМ до денес Македонија ги има сите институционални атрибути клучни за една држава и како таква функционираше и во рамките на поранешната федерација, но и како самостојна држава до ден-денес.
Сето ова говори дека низ еден подолг историски период, македонскиот народ покажал дека има капацитет да гради сопствена држава и дека никој нема право да му го оспорува тоа.
Синдромот на самоуништувањето
Сепак, токму тој синдром на самоуништување присутен кај Македонецот ги предизвикал сите патила низ кои минувал македонскиот народ низ историјата, а истото тоа му се повторува и денес, кога повторно се нападнати и оспорени неговиот идентитет, јазик, историја и култура.
Кога во 1767 година е укината Охридската архиепископија од страна на султанот Мустафа Трети, а по барање на фанариотите од Цариград, тогашниот митрополитот Арсениј бил принуден да потпише „доброволна“ оставка и да прифати укинување на Охридската архиепископија, со што се поткопале темелите на Македонската црква.
Пропаста на Илинденското востание се поврзува токму и со црвот на раздорот меѓу македонските револуционери и неусогласеноста кога тоа да се крене, што резултира со краткотрајноста на Крушевската Република.
Овој самоуништувачки синдром може да се забележи и во 1944 година, кога Македонија се откажува од Пиринскиот и Егејскиот дел пред крајот на Втората светска војна, што резултира со тоа голем број Македонци да останат надвор од границите на својата матична земја и да бидат изложени на прогон и асимилаторски политики од соседните држави.
Прогласувањето на независноста во 1991 година ја врати надежта дека конечно ќе биде изгасната таа самоуништувачка искра и државата ќе почне да се развива со полна сила, но се случи спротивното. Наместо блокадата од страна на Грција и геоноцидните условувања за промена на државното име да бидат сплотувачки момент за Македонците, следуваше промена на државното знаме, но и давање согласност за прием во ОН под привремена референца, која остана подолго од 25 години. Дополнително, Македонија се откажа од грижата за националните малцинства, повторно само да им угоди на соседите, кои не престанаа со своите уцени и барања. Длабоките политички и етнички поделби уште повеќе го поделија македонското општество, што резултира со конфликтот во 2001 година и Рамковниот договор, кој дополнително ја делегитимира Македонија како држава на македонскиот народ. Овој самоуништувачки процес продолжи и понатаму, со територијалната поделба од 2004 година, а кулминацијата се случи во 2017 година, со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, како и на Преспанската спогодба во 2018 година.
Со последните два договора само се потврди самоуништувачката моќ на Македонецот да презема чекори што водат кон целосно негово исчезнување, а тоа проклетство како да продолжува.
Што ќе надвладее
Во време кога Македонија се наоѓа на историски крстопат, историјата е таа од која треба да се учат лекциите. Предизвиците се идентични, рециклирани однадвор, различни се само актерите. Затоа, во овој момент, повеќе од важно е да се игнорира тој македонски самоуништувачки синдром, а да се разбуди и врати духот на создавање и кохезија и синергија, исто онака како пред многу векови, кога во многу потешки услови Македонците опстојувале и го чувале она што за нив било највредно, го чувале идентитетскиот супстрат и ја чувале Македонија!
И сега, кога седиме на иста маса со многу светски сили, можеме да подвлечеме црта и еднаш да се охрабриме да кажеме „Доста е!“ – доста е негирање, доста е уценување, доста е условување и притисоци да се самоукинеме… Македонија опстојала во многу потешки времиња, ќе опстои и сега, колку и да му е таа трн во окото некому.