Во евентуалната конфронтација меѓу Русија и НАТО, оваа стратегиска територија би можела да стане првата линија на контакт, смета Метју Карнитшинг од „Политико“
Коридорот до Калининград најслабата безбедносна зона на Балтикот
Стратегиската територија позната како коридорот Сувалки се протега на околу 100 километри по должината на литванско-полската граница, меѓу Белорусија на исток и руската енклава Калининград на запад. Западните воени планери предупредуваат дека областа најверојатно ќе биде една од првите цели на рускиот претседател доколку тој некогаш реши да го ескалира конфликтот во Украина во кинетичка конфронтација со НАТО. Источноевропските функционери сакаат да го привлечат вниманието на ранливоста на западната воена алијанса на исток, а токму коридорот е во срцето на проблемот. Коридорот Сувалки претставува „Ахилова петица“ за Литванија. Некои сметаат дека нема смисла да се нападне државата, но мора да се забележи дека ова е директен копнен пат до Калининград. Најнов потсетник за несигурното тло по кое чекорат Вилнус и Москва беше кога националната железница на Литванија соопшти дека со цел да се усогласат со европските санкции, повеќе нема да дозволува транзит на одредени стоки низ територијата на земјата од Белорусија до Калининград, вклучително јаглен, метали и градежни материјали.
„Балтичките земји први на удар“
Актуелната загриженост во регионот е доколку дојде во конфликт со Западот, Русија би можела да влезе во коридорот истовремено од исток и од запад, отцепувајќи ги балтичките земји на Европската Унија (ЕУ) од нивните сојузници на југ. Поранешниот естонски претседател Томас Хендрик Илвес смета дека тоа е огромна ранливост, бидејќи Литванија, Летонија и Естонија ќе бидат отсечени од преостанатиот дел на НАТО. Таквиот потег, исто така, ќе резултира со итно соочување меѓу Москва и нуклеарно вооружените членки на НАТО, туркајќи го светот на работ на конфронтација со катастрофални последици.
Исто како што Путин се обидува да создаде копнен мост меѓу Русија и полуостровот Крим, преземањето на коридорот Сувалки може да ја поврзе руската војска во Калининград, каде што се наоѓа клучна руска база, со оние кои се стационирани во Белорусија. Во Калининград, Русија има силно воено присуство, каде што се сместени нуклеарното оружје, балтичката флота и десетици илјади војници. Иако нема причина да се сугерира дека нападот е неизбежен, рускиот лидер се чини дека ужива да го држи Западот во неизвесност за тоа кој ќе биде неговиот следен потег. Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов неодамна долеа уште масло на огнот, предвидувајќи дека „балтичките држави може да бидат следните на удар“ доколку Украина падне.
Очекуваниот прием на Шведска и на Финска во НАТО дополнително ги зголеми тензиите меѓу Русија и Алијансата. Додавањето на двете скандинавски земји може да ѝ отежне на Русија да го одвои Балтикот од преостанатиот дел од Алијансата, но исто така ќе го претвори Балтичко Море во нешто што некои го нарекуваат „езеро на НАТО“, што можеби ќе ѝ даде на Москва уште поголем поттик да изгради мост до Калининград.
Јакнење на источното крило на НАТО
И покрај стратегиските грижи на Балтикот, она што можеби е најопасното нешто во врска со коридорот Сувалки е неговата релативна нерелевантност. Секаков можен руски потег кон Полска или Литванија јасно ќе ја активира одредбата за заемна одбрана на НАТО од Членот 5, мобилизирајќи ги сите членки од Турција до Бугарија до Франција и САД, барем во теорија. Колку Вашингтон и НАТО би биле навистина желни да ризикуваат светска катастрофа во предел на главно ненаселено обработливо земјиште, за кое малкумина знаат дека постои? Но, токму тоа може Путин да го стави на тест.
Додека да се официјализира членството на Финска во НАТО, 900-километарската граница на Литванија со Русија и Белорусија важи за најдолга во Алијансата. Но, со армија од само 20.000 војници и воздухопловни сили со само пет авиони, вклучувајќи еден транспортен и еден едномоторен авион „Цесна“, Литванија, како и нејзините балтички соседи слабо е подготвена за можен руски напад, дури и со помош на германски предводена борбена група моментално стационирана во земјата. Заменик-министерот за одбрана на Литванија, Маргирис Абукевичиус, смета дека единствен одговор на тој предизвик е зголеменото присуство на НАТО во државата. За време на посетата на Вилнус, германскиот канцелар Олаф Шолц се обиде да ги увери своите домаќини за посветеноста на Берлин за безбедноста на Балтикот, но на крајот создаде само конфузија. Шолц им рече на новинарите дека Берлин ќе се движи „во насока“ на стационирање на „силна борбена бригада“ во Литванија, што значи дека ќе бидат распоредени неколку илјади војници.
Неговите помошници подоцна се откажаа од коментарите, велејќи дека Германија само ќе го премести седиштето на единицата, од околу 50 лица, додека поголемиот дел од војниците ќе останат во Германија.
Изложеноста на Балтикот на можна руска агресија е во центарот на размислувањата дали да се стационира повеќе војска на сојузот во регионот на постојана или полутрајна основа. Додека Алијансата предводена од САД допрва треба да донесе конечна одлука, официјалните претставници сигнализираа дека НАТО значително ќе ги зајакне силите на Балтикот и на други места по должината на источната граница на ЕУ, најавувајќи историска промена во позицијата на НАТО и префрлајќи го центарот на гравитација на пактот кон исток. Иако НАТО има четири борбени групи од 1.000 стационирани низ целиот регион, балтичките политички лидери и воените планери тврдат дека ќе биде потребно многу повеќе за да се одврати можна руска агресија.
САД и Германија долго време предупредуваа против таквиот потег, делумно поради договорот од 1997 година, познат како Основачки акт НАТО-Русија, во кој Алијансата се согласи со Москва да не воспоставува постојани бази во новите членки. Избивањето на украинскиот конфликт сепак ги промени ставовите дури и на долгогодишните скептици за она што НАТО го нарекува „напредна одбрана“ во Источна Европа. Друг клучен фактор во одбраната на регионот е Полска, која има најголема војска во регионот. Историските спорови меѓу Полјаците и Литванците во коридорот Сувалки за јазикот и малцинските права од двете страни на границата доведоа до шпекулации дека Путин може да ги искористи тие тензии во своја полза. Меѓутоа, тоа допрва треба да се случи, а прекуграничната соработка меѓу полската и литванската војска никогаш не била поблиска.