Време е да научиме и ние да живееме со вирусот. Како? Општо земено, преку повторувани и неизбежни блиски средби со него. За постојано имунитетот, личен и колективен, да го одржуваме на високо ниво. Ова не важи за постарите од 65 години и хронично болните
Бројките на позитивни на ковид-19 почнаа да растат кај нас, но официјално (ќе) се регистрираат само еден мал дел од новозаразените. Ќе се заразуваат и оние што веќе прележале и оние што се вакцинирани. И најчесто лесно ќе поминуваат. Само мал дел ќе завршат во болница. Некои, за жал, и полошо ќе поминат. Тоа ќе бидат исклучиво граѓани со компромитиран имунитет, многу старите и оние со хронични болести.
Вака епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски го објаснува порастот во дневната статистика на новозаразени од ковид-19 во земјава. Иако изминатите месеци бројките на дневна основа се движеа под 100, сепак, последните десетина дена, тие надминуваат 100 новозаболени.
Комисијата за заразни болести констатираше дека има зголемување на бројот на позитивни случаи во однос од минатата недела, и тоа зголемувањето изнесува 65,8%. Воедно, констатирано е дека нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со ковид-19) и нема зголемување на бројот на смртни случаи.
Слични се и состојбата во соседните земји, особено во Албанија и Грција, каде што најглем број од Македонците ги планираат своите годишни одмори.
Во последното деноноќие во Албанија потврдени се 550 новозаразени што е двојно повисока бројка од оние во изминатите денови и е највисока во последните три месеци. Во Грција се регистрирани вкупно 20.084 новозаразени и 3.664 реинфекции.
Но, епидемиологот смирува. Вели дека ваквата ситуација е неизбежна и дека нормалните текови на животот нема да бидат нарушени.
– Болниците нема да се преполнат, иако, со порастот на бројот на заразените, логично, ќе порасне пропорционално и бројот на хоспитализираните. Ваквата епидемиолошка ситуација е логична последица на двегодишната борба на два живи вида на планетава – вирусот и човекот за меѓусебна адаптација – објаснува тој.
Даниловски вели дека летново бранување и есенското, сигурно посилно – и сите наредни, општо земено, не треба да ни го реметат мирот.
– Со короната е завршено, иако таа за тоа сѐ уште не е докрај „свесна“… Енергијата да си ја штедиме за соочување со некои други предизвици што ни се анте портас – заклучува тој.
Зошто е тоа така?
Според Даниловски, тоа е чиста екологија.
– Зашто, вирусот сѐ уште не е докрај адаптиран на човекот. За да се „спитоми“ (адаптира) уште повеќе и да не претставува веќе опасност ниту за ризичните поединци, веројатно ќе поминат години. Секоја наредна година ќе биде полесна од претходната. Шансите за успешен лов ќе му се зголемуваат значајно во ладните месеци. Изблиците на агресија што (ќе) ги пројавува повремено во форма на создавање на нови мутанти се (ќе бидат) сѐ појалови обиди да се избори за поповолна позиција на бојното поле. И неизбежно, еден ден ќе стане петти член на семејството коронавируси, кои предизвикуваат настинки (сега ги има четири). Тој сѐ повеќе (ќе) учи да живее покрај нас. Време е да научиме и ние да живееме со него. Како? Општо земено, преку повторувани и неизбежни блиски средби со него. За постојано имунитетот, личен и колективен, да го одржуваме на високо ниво. Ова не важи за постарите од 65 години и хронично болните. Сепак, сега веќе не се потребни генерални рестрикции. Доволни се само препораки високоризичните групи и поединци да носат маски во затворени простори, да избегнуваат метежи. И уште некоја година, да си примаат периодични бустер вакцини. Веќе се готови нови, на „Модерна“ и „Фајзер“, специфични за новите соеви на омикрон. Се очекува некаде во септември да почнат да се применуваат. Ќе дојдеме сигурно и ние на ред. Но, ако се оддолжи процедурата кај нас, а бројките есенва почнат нагло да растат, и стариве вакцини се подобри од вирусот за таа категорија граѓани! Зашто, иако нема да заштитат од заразување со БА. 4 или БА. 5, сепак, штитат во голема мера од лоши исходи – посочува докторот.
Заради својата природа (РНК вирус) коронавирусот има способност често да мутира, со тоа обидувајќи се да си ги зголеми шансите за поуспешен лов, секогаш кога ќе му стане тешко да дојде до плен.
– А тешко му станува заради тоа што „пленот“ станува сѐ поспособен да му пружи отпор. Доказ за тие обиди е појавата на новите подваријанти на омикрон, БА.4 и БА.5, кои земаат залет низ светот, а бројките почнаа да растат и кај нас. Зошто растат? Затоа што, прво, тие го заобиколуваат имунитетот стекнат со прележување, вакцинирање или комбинирано; второ, сите рестриктивни мерки се релаксирани и трето, интензитетот на социјалните контакти е висок. Има ли место за загриженост? Би рекол, нема! Зашто, се работи за заобиколување само на имунитетот што штити од заразување. Оној другиот, подлабокиот и долготрајниот – клеточниот, кој штити од тешки симптоми, си постои и понатаму. Подваријантите БА. 4 и БА. 5, според согледувањата, не предизвикуваат потешка клиничка слика од претходните подваријанти на омикрон – анализира епидемиологот.