Повеќе невладини и меѓународни организации регистрираат и собираат „досиеја за сведоштва на мигранти“ што изјавуваат дека биле насилно враќани од страна на грчките погранични служби, односно присилно депортирани од грчка територија кон Турција

Меѓудржавни „игри на пропуштање и враќање“ на мигрантите

Пограничните грчки служби регистрирале зголемен број обиди за илегални премини на мигранти, од турската кон грчката државна територија, со чамци и други пловни средства, односно мигранти што сакале да пристигнат на територијата на Грција. Во периодот од петокот наутро до вчера биле откриени вкупно 24 случаи, односно со вкупен број од околу 1.130 бегалци и мигранти, кои со чамци се обиделе да пристигнат на грчките острови Лезбос, Иос, Самос, Кос и Родос. Повеќе од половина, односно 16 од случаите биле во близината на островот Лезбос. Во сите случаи патролните бродови на крајбрежната служба реагирале и, по навременото откривање, ниту еден од чамците не навлегол во грчките територијални води, а патниците биле преземени од турската крајбрежна служба.
Портпаролот на грчката влада, Јанис Иконому, на брифингот со новинарите рече дека „Турција ни за момент не запрела да го инструментализира прашањето со бегалците и мигрантите, во суштина не почитувајќи го договорот што го потпиша со ЕУ“.
Повеќе невладини и меѓународни организации, како што се Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНЦХР) и Хјуман рајтс воч, располагаат со стотина сведоштва од барателите на азил, кои велат дека биле „брутално враќани од грчката територија“. Во медиумските извештаи имало и фотографии и други докази за тоа како маскирани лица ги враќаат бегалците. Комесарката на Европската Унија за внатрешна политика, Илва Јохансон, враќањето на мигрантите ги нарече „прекршување на основните европски вредности“. Од Фронтекс и грчките власти негираат дека се враќаат насилно баратели на азил.

Според собраните сведоштва на мигранти, токму припадници на крајбрежните служби, полиција и неидентификувани неуниформирани лица (мажи) ги пресретнуваат бегалските чамци и од илегалните „патници“ ги одземале мобилните телефони, пари и документи што можат да послужат како причина за барање азил. Мигрантите по неколку дена биле враќани назад во Турција, а има случаи и кога биле оставани во чамци за спасување во близината на брегот со Турција.
Со присилните депортации се прекршуваат повеќе закони што важат во државите-членки на Европската Унија. Меѓу нив се и Повелбата за основните правила на Европската Унија, Женевската конвенција, Европската конвенција за основни права и за човекови права, Конвенцијата на ОН за законот на море од 1982 година и Меѓународната конвенција за потрага и спасување на море од 1979 година.
Грчката агенција за национална транспарентност објави соопштение за медиумите на 29 март 2022 година, со кое грчките власти се амнестираат од одговорноста за случаите за враќање на бегалците што биле спомнувани во медиумите. Како реакција на јавноста, грчкиот министер за миграција Нотис Митараки некои од изнесените наводи за насилно враќање на мигрантите ги оцени како „лажни вести“ или „пропаганда од Турција“.

Подготвил: Митко Јовановски