Реалниот скептицизам на македонската јавност за „добрите намери“ на ЕУ во француската преговарачка рамка за Македонија, поттикнат преку презентираните факти и аргументи на експертите по меѓународно право, го креира ставот во нашата јавност дека вака поставената преговарачка рамка е состојба што во правото се нарекува поставување „услов што не може да се исполни“. Имено, таков договор, според меѓународното право, е генерално „ништовен“ и не произведува правно дејство!
Францускиот предлог во правото се нарекува „услов што не може да се исполни“
Бугарското собрание ја изгласа, односно ја одобри француската предложена преговарачка рамка за Македонија со ЕУ, на која досега Бугарија (веќе три години) ставаше вето, барајќи во неа да бидат додадени нејзините позиции со кои се оспоруваат македонскиот национален идентитет, историскиот континуитет и посебноста на македонскиот јазик. Самото изгласување на т.н. француски предлог во бугарското собрание имплицира дека од страна на ЕУ се задоволени условите на Бугарија, па затоа дава зелено светло за почеток на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ. Сепак, пред да биде одобрен „францускиот“ текст на преговарачката рамка за Македонија во бугарското собрание, македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел, по самитот ЕУ – Западен Балкан, објави дека односниот предлог не е прифатлив за македонската страна. Подоцна, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во медиумите објаснуваше дека најспорно и најнеприфатливо во предлогот е што билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија е вграден во предложената преговарачка рамка. Токму во тој протокол (кој сѐ уште не е потпишан, а за кој бугарското МНР изрази подготвеност веднаш да го потпише) се наведени оперативно процедурите и постапките преку кои Македонија треба да го спроведе процесот на национално себепоништување и сопствена бугаризација, замислен од Бугарија.
Наместо Софија, носител на прекршувањето на МЈП станува ЕУ?
Имено, вметнувањето на бугарските услови во француската рамка е околност во која одредено дело (бугарските услови) претставува „материјална причина за повреда и прекршок на темелните одредби на меѓународното право“! Но овој пат носителот на (не)делото или повредата на правото (одредбите од меѓународното јавно право) станува Унијата, а не една нејзина членка. Француската преговарачка рамка во македонската јавност беше доживеана како прифаќање од страна на ЕУ на бугарските антицивилизациски барања за негирање на македонската нација, со која се легитимирани (и легализирани) нејзините барања за национално, историско, јазично, културолошко предефинирање на Македонија и Македонците како услов во преговорите за членство во Унијата, нешто што воопшто не е споменато во критериумите за проширување, а претставува и целосно дерогирање на базичните принципи на ЕУ и на меѓународното право за самоопределување и себеидентификување.
Реалниот скептицизам на македонската јавност за „добрите намери“ на ЕУ во француската преговарачка рамка за Македонија, поттикнат преку презентираните факти и аргументи на експертите по меѓународно право, го креира ставот во нашата јавност дека вака поставената преговарачка рамка е состојба што во правото се нарекува поставување „услов што не може да се исполни“. Имено, таков договор, според меѓународното право, е генерално „ништовен“ и не произведува правно дејство!
Токму затоа, документот што е усвоен во бугарското собрание не смее да биде прифатен ниту од другите членки на ЕУ, а никако во највисоките македонски институции и македонското собрание.
Идентитетските договори ни се наметнати акти, а секој таков акт е – нелегален!
Од гледна точка на принципите за воспоставување и градење на меѓународните односи, историјата не е релевантен критериум, бидејќи идентитетот е заштитен со меѓународното право. Истото тоа важи и за јазикот, кој независно од бугарските „аргументи“ е апсолутно заштитен со меѓународното право! Имајќи предвид дека македонскиот јазик е признаен од ООН и меѓународната заедница, познавачите на меѓународното право сметаат дека е крајно злонамерно да се отвора „дискусија“ за овие идентитетски прашања, бидејќи се во внатрешната надлежност на државата заштитена од надворешното мешање од каков било вид. Со т.н. француски дополнет предлог на преговарачката рамка со ЕУ за Македонија, всушност, се прави проблематизирање на нешто што во меѓународното право се нарекува materia e constitutionis и е во строга внатрешна надлежност на државата. Во таа смисла, идентитетските договори секогаш се наметнати акти, а секој таков акт е нелегален. Секој идентитетски договор е нелегален, а исто така претходните преговори за носење таков акт, претходно се бесмислени и нелегални, бидејќи претставуваат обид за нелегално мешање во материја што е во строга внатрешнодржавна јурисдикција.
Кога станува збор за македонскиот јазик, меѓународно-политичките експерти укажуваат дека во ЕУ добро знаат дека нашиот јазик е заштитен со меѓународни конвенции и договори уште многу одамна и токму затоа е нон сенс да се условува постоење на еден јазик признаен во целиот свет. Токму затоа барањето на Бугарија за проблематизирање, односно непризнавање на македонскиот јазик во рамките на ЕУ-комуникацијата е ништовно! Во барањата на Бугарија, вградени во француската преговарачка рамка, не се работи за докажување на „објективната научна вистина“, туку за наметнување на своите политички заклучоци, поткрепени со „научни аргументи“ само како фасада.
Според меѓународното право, историско-идентитетските и јазичните прашања се недозволен предмет за преговарање и (во согласност со меѓународното право) ноторен факт е дека Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија се всушност договори за недозволен предмет за преговарање.
Сепак, меѓународноправните експерти нагласуваат дека иако се ништовни, поради т.н. невозможност, секој од договорите, за кои има ноторни факти дека се во спротивност со меѓународното право, е потребно со акт (дипломатска нота) да се раскине.
– Треба да се има предвид и дека доколку актот е ништовен (поради невозможност), сепак за ЕУ ќе биде валиден, и оттаму е неопходно тој да се раскине (подоцна со една дипломатска нота). Ова е слично како Преспанскиот договор, кој генерално е „ништовен од моментот на склучувањето“, но мора да се раскине, бидејќи за ООН и целата меѓународна заедница е валиден – согласни се повеќе консултирани странски експерти, кои предупредуваат дека премиерот Ковачевски или Министерството за внатрешни работи не смеат да го потпишат протоколот со кој се прифаќа францускиот (сега „протоколарно нашминкан“) предлог за преговарачката рамка за Македонија со ЕУ.