Покрај проширувањето на царините од трговските војни на неговиот претходник, Бајден ги удвои ограничувањата околу уредбата „Купувај американско“ што ги опфаќаат федералните набавки од странска конкуренција – за да ги завитка своите постапки во патриотска наметка. Ваквите политики испраќаат сигнал дека странските компании, дури и оние со седишта во земји што се членки на НАТО, се непожелни снабдувачи не само за американската влада туку и за обичните американски потрошувачи
Слободната трговија може да помогне за намалување на инфлацијата, но…
Помина повеќе од една година од првиот мандат на американскиот претседател Џо Бајден, а САД сè уште ги водат економските војни на поранешниот претседател Доналд Трамп. Реториката на Бајден е помалку екстремна и повеќе учтива, но неговите политики сепак го канализираат остриот изолационизам на неговиот претходник: ги задржа екстремно високите царини на увозот од Кина, остана на истите квоти за увоз на челик и алуминиум и не ги намали тарифите за увоз на машини за перење.
Во атмосфера на огромна инфлација, ваквите политики наметнуваат суштински трошоци. Зголемените цени како резултат на царините се пренесуваат кај потрошувачите и трговците преку повисоки домашни трошоци за увезена стока, што резултира со поскапа облека, обувки, млечни производи и други добра за обичните Американци.
Ваквиот проблем бара промена на политиките. Економскиот протекционизам можеби не го предизвика директно неодамнешниот налет на инфлација во САД, но укинувањето или намалувањето на царините би помогнало во нејзиното запирање. Намалувањето кај царините од два процентни поена за поширок спектар од увезени артикли би можело да ја редуцира инфлацијата за околу 1,3 процентен поен, заштедувајќи му така на едно просечно американско домаќинство речиси 800 долари во текот на идната година. Бајден изјави дека негов „главен приоритет е ставање на цените под контрола“. Ако е сериозно посветен во однос на ова, би требало да започне токму со отстранување на царинските и нецаринските трговски бариери.
Нова администрација со стар протекционизам
Бајден отиде и чекор понатаму од одржување на протекционистичката трговска политика на Трамп. Имено, покрај проширувањето на царините од трговските војни на неговиот претходник, Бајден ги удвои ограничувањата околу уредбата „Купувај американско“ што ги опфаќаат федералните набавки од странска конкуренција – за да ги завитка своите постапки во патриотска наметка. Ваквите политики испраќаат сигнал дека странските компании, дури и оние со седишта во земји што се членки на НАТО, се непожелни снабдувачи не само за американската влада туку и за обичните американски потрошувачи. Наклонетоста на Бајден кон протекционизам се огледува и во односот на неговата администрација во однос на политиката кон Кина. На една од мајските прес-конференции, американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека одредени царини за кинескиот увоз од времето на Трамп „прават многу за да им нанесат штета на потрошувачите и бизнисите“ и малку за да ги унапредат интересите на САД. Од друга страна, американската трговска претставничка Кетрин Таи во повеќе наврати ја нагласи потребата за „трајна, ефикасна стратегија“ за натпревар со Кина, која, секако, мора да вклучува и царини.
Проблемот се усложнува со упорните тврдења на некои политичари – како републиканските сенатори Марко Рубио и Џош Хејли – дека каква било трговија со Кина е непатриотска, без разлика дали станува збор за навлаки за перници или, пак, за ласери од највисоката технологија.
За жал, отпорот на Бајден кон слободната трговија се совпаѓа со највисоката стапка на инфлација во последниве неколку децении, поттикната од пандемијата на ковид-19, проблемите во синџирите на снабдување и сè повисоките трошоци за енергија. На пример, цените на ѓубривата се зголемија двојно во однос на минатата година. Светските цени на челикот лани достигнаа историски највисоки нивоа, а можно е да растат уште повеќе, имајќи предвид дека Русија ја уништи гигантската украинска металуршка фабрика „Азовстал“, а западното ембарго не ѝ дозволува на Москва да врши извоз, пишува „Форин аферс“.
Царините на Трамп, а сега и на Бајден, за увоз на челик, само дополнително ќе ја зголемат инфлацијата, па ќе поскапат автомобилите, фрижидерите, водоводната апаратура, мостовите и што ли уште не. Иако домашните производители на челик може да инсистираат на тврдењата дека ваквите царини ги штитат работните места во САД, американските потрошувачи на челик годишно плаќаат дополнителни 650.000 долари за секое зачувано работно место во оваа индустрија, што е неприфатлив трошок. Истовремено, казнените давачки за канадска дрвена граѓа додаваат дополнителни 18.600 долари во конечната цена на просечната новоизградена куќа во САД. Помеѓу 2017 и 2021 година, увозот на дрвена граѓа од Канада падна од 5,9 милијарди долари на 185 милиони долари. Списокот продолжува да се шири.
Дури и измените што беа осмислени како одговор на поплаките во врска со американскиот протекционизам не ги променија многу нештата. Некои држави успешно преговараа за ослободување од американските царини, во замена за ограничување на увозот на други стоки во САД, но овие квоти не се доволни за зголемување на понудата на суровини, потребни за американските индустрии што користат челик. На пример, Бразил и Јужна Кореја се согласија на квоти во 2018 година, меѓутоа нивниот извоз на челик во САД е далеку под „претцаринското“ ниво.
Трговијата и инфлацијата
Имајќи ги предвид економските трошоци што произлегуваат од протекционизмот, трговската либерализација мора да биде централна точка на секоја антиинфлациска политика. Во крајна линија, намалувањето на царините и укинувањето на увозните квоти ќе ги намалат трошоците за увезената стока, купувана од американските компании и домаќинства. Во исто време, поевтината странска стока ќе изврши притисок за намалување на домашните цени во однос на конкурентските производи. Со оглед на фактот дека домаќинствата со ниски примања трошат поголем дел од својата заработка одошто оние со високи примања, секое намалување на царините ќе им биде од најголема корист токму на најранливите американски семејства.
За почеток, добро би било царините да се намалат за два процентни поена, со што инфлацијата во текот на идната година би се намалила за приближно 1,3 процентен поен. За да ја постигне оваа цел, Бајден би требало да ги укине речиси сите царини на Трамп за увоз на челик и алуминиум, како и на кинескиот увоз. Исто така, Бајден треба да обезбеди ургентно ослободување од царините за клучните производи, како ѓубривата и дрвената граѓа. И покрај тоа што намалувањето од 1,3 процентен поен може да изгледа занемарливо во ситуација кога инфлацијата беснее на 8,3 отсто, олеснувањето не би било тривијално. Со други зборови, просечно американско семејство би заштедило дополнителни 800 долари во текот на следната година. А во понормалните години, кога на годишно ниво инфлацијата ќе се движи околу планираните 2 отсто на Федералното биро за резерви, намалувањето од 1,3 процентен поени би било навистина значително.
Но администрацијата на Бајден би можела да биде и уште поамбициозна. Доколку Вашингтон преземе дополнителни мерки, вклучувајќи и намалување на високите царини според принципот „најомилена нација“ (МФН) – оние над 20 проценти до максимум 10 проценти – што би можело да го симне просечното царинско оптоварување за 4,2 процентни поени и да ја намали инфлацијата за 2 процентни поени, а притоа голем дел тарифни давачки сепак да останат непроменети.
Поточно, нашата анализа претполага дека САД ќе ги задржат ограничувањата за увозните услуги – на пример, строгите критериуми за странските професионалци, од кои се бара да поминат низ сложени процеси на лиценцирање, како и спречувањето на странските бродови да превезуваат стока меѓу американските пристаништа. Иако ваквите ограничувања ги зголемуваат цените на голем број услуги од витално значење, во сегашната политичка клима, нивното елиминирање би се одвивало исклучително тешко.
Понатаму, доколку Бајден сака да испорача брзо олеснување за потрошувачите, би можел да даде приоритет во намалувањето на царините за увезена стока што зазема значајно место во семејните издатоци, вклучувајќи млечни производи, облека и обувки.
Со ограничување на МФН-царините за овие производи на 10 отсто, Бајден видно би можел да ги намали тековните цени за секојдневната стока што се продава на Амазон, во Волмарт и другите големи малопродажни објекти. И повторно, ваквата политика првенствено би им користела на домаќинствата со ниски приходи, со оглед на тоа што тие трошат поголем дел од својата заработувачка на основни артикли.
Освен тоа, Бајден би можел да побара од Конгресот овластување за 18-месечна суспензија на царините или давачките за секој производ за кој претседателот ќе утврди дека е дефицитарен, почнувајќи од бебешка храна, ѓубриво и дрвена граѓа. За да се ублажат стравувањата дека извршната власт ќе ја приграби моќта на законодавната, ваквиот закон автоматски би излегувал од сила доколку годишната инфлација во рок од 18 месеци падне под 3 отсто и доколку самиот тој содржи одредба со која Конгресот може да го надгласа претседателот. Сите овие политики заедно би ја зголемиле довербата во антиинфлациските мерки на Бајден, кои (поради намалените цени во малопродажбата) би биле добредојдени од страна на американските потрошувачи.
Геополитичка либерализација
Настрана од битката против инфлацијата, трговската либерализација може да им послужи и на геополитичките цели на Вашингтон. Така, на пример, економскиот протекционизам неизбежно ги поткопува двете главни меѓународни иницијативи на Бајден: индопацифичката економска рамка (ИПЕФ), која има цел да ѝ се спротивстави на економската дипломатија на Кина, и Советот на САД – ЕУ за трговија и технологија (ТТЦ), кој настојува да ја координира трансатлантската политика во однос на комерцијални прашања. Сè додека домашното противење на слободната трговија го трга од преговарачката маса новиот пристап до американските пазари, овие важни иницијативи мора сè повеќе да се потпираат на безбедносните обврски на САД. Овој премолчен компромис можеби нема да биде од некоја голема корист за земјите што веќе имаат воени сојузи со Вашингтон, или пак за оние што немаат „уплав“ од кинеската експанзија, како што се Индонезија и Малезија.
Со ваквите реални ограничувања, ИПЕФ И ТТЦ може да се покажат како недоволни замени за постојните трговски и инвестициски договори, каков што е Сеопфатниот прогресивен договор за транспацифичко партнерство, договор што Трамп го отфрли уште на почетокот на својот мандат, и Регионалното сеопфатно економско партнерство, првото големо зачленување на Кина во регионалната трговска „обложувачница“.
Конечно, Бајден бара од странските партнери да ги прифатат американските норми за работа и малцински права, родова еднаквост, еколошки правила, јавна корупција, државни претпријатија, вештачка интелигенција, дигитални практики, приватност на личните податоци и многу повеќе од тоа, во замена за малку – нудење опширни и неодредени безбедносни гаранции. Ваквата зделка може нема да им одговара на избирачите во партнерските земји, кои се повеќе загрижени за прашања од типот „леб и путер“ одошто за геополитика.
Наспроти ова, трговската либерализација ќе отвори врата за голем број нови можности. На пример, Бајден би можел да им понуди конкретни придобивки на партнерите, преку укинување на царините и квотите за челик и алуминиум, проширување на пазарниот пристап во државните набавки или, пак, намалување на царините за млечни производи и облека. Со ваквите постапки, тој ќе покаже добра политичка волја и ќе ја зголеми странската поддршка за американските иницијативи.
Неизбежен контраудар
И покрај тоа што е исклучително рационална во економска и геополитичка смисла, трговската либерализација неминовно ќе мора да се соочи со предизвиците претставени од бизнисмените и работничките групации. Конечно, корисниците на протекционизмот имаат силни сојузници во Конгресот и во администрацијата на Бајден. Самиот тој ја опиша уредбата за купување американски производи „Купувај американско“ како камен-темелник на неговата надворешна политика, а најголема корист од нејзините одредби ќе имаат големите американски корпорации, особено градежните фирми и воената индустрија. Сепак, ублажувањето на овие одредби може да им заштеди на американската влада и даночните обврзници околу 100 милијарди долари годишно.
Слични заштеди би можеле да се остварат од намалените царини и квоти за челик, како и од редукција на големата низа казнени давачки и екстремно високи тарифи.
Заговорниците на економскиот протекционизам се противат на слободната трговија во име на „економската отпорност“, но нивните политики имаат висока цена – онаа што на крајот ја плаќа просечниот потрошувач. Инфлацијата како домашен приоритет број еден за Бајден – да или не? Доколку одговорот е „да“, цената на справувањето со трговскиот протекционизам е очигледна.
Подготвиле: Митко Јовановски; Билјана Здравковска