Издавачката куќа „Готен“ го објави романот за тинејџери „Прегрни ме цврсто“ од шпанската авторска двојка Лоф Ју. Преводот од шпански јазик е на Марија Саревска-Тодоровска. Тоа е роман за тинејџери, во кој преку потрагата за љубов на неколку млади луѓе се открива светот на тинејџерите, исполнет со многу емоции и страсти, но и наивност и незнаење за животот.
Лоф Ју е псевдоним на двајца млади автори од Шпанија: Адриа Фонт и Инма Суст. Адриа Фонт е актер и драматург, додека Инма Суст е новинарка. И двајцата го користат псевдонимот што го има призвукот на најомилената синтагма во светот „те сакам“.
Оваа ведра љубовна приказна се случува меѓу тинејџери и користи слична матрица на познатите тинејџерски серии и филмови, но разликата во „Прегрни ме цврсто“ е во тоа што авторите ставаат силен акцент на јазикот во романот, ликовите се комплексно доловени, а разврската на книгата е необична. Романот „Прегрни ме цврсто“ е посветен на флуидната љубов, онаа што во својот предзнак ја има љубовта, но истовремено говори и за насилната страст, за недоличноста во изразувањето на љубовта, за непочитувањето кога станува збор за емотивниот комплекс на другиот. Авторите низ приказната опфаќаат добар дел од љубовните констелации во кои се наоѓаат денешните тинејџери.
Лоф Ју мајсторски раскажувајќи ја оваа приказна гради и извонредна галерија на различни прототипови, а љубовта ја прикажува во нејзините различни форми. Приказната тече со многу динамично темпо, отворајќи низа дилеми, прашања и нејаснотии поврзани со емотивниот живот на младите луѓе, но низ сижето на романот и ликовите и читателите можат да добијат многу одговори за прашањата што ги имаат во врска со младешката љубов.
Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Членка е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.