Сѐ почестите лажни дојави за подметнати бомби ги исцрпуваат безбедносните ресурси на државите
Во последно време, особено по избувнувањето на војната во Украина, во регионот, но не и кај нас имаше стотици анонимни дојави за подметнати бомби, пред сѐ, во училиштата. Ваквата масовна појава спаѓа во категоријата „специјална војна“, што е примена на неконвенционални методи, смета Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување и поранешен шеф на военото разузнавање
Изминатиот период, целиот регион беше погоден од лажни дојави за бомби. Цел беа трговски центри во Хрватска, училиштата во Црна Гора, полициски станици и судови во Сараево, како и трговски центри и училишта во Србија. Поради огромната зачестеност на лажните дојави за бомби, несомнено се поставува прашањето дали зад нив стојат истите лица, односно, чии интереси се кријат зад овие залажувања на безбедносните власти.
Сепак, според експертската јавност, потребна е детална анализа на секоја една дојава за лажна бомба што се испраќа преку е-адреса за да се знае дали зад неа стои истиот нарачател или не.
СЕКОЈА ЗАКАНА МОРА ДА БИДЕ СЕРИОЗНО СФАТЕНА
Србија ја тресат лажни дојави за бомби. Изминатиот период, безбедносните организациски структури беа растрчани насекаде во земјата, за да ги откријат наводно поставените експлозивни направи на различни локации. Според анализите на српските експерти, иако дел од дојавите пристигнувале од Србија, голема е бројката на оние што пристигнувале од странство. Она што е карактеристично за овој вид кривично дело, кое спаѓа под сајбер-криминал, е токму тоа што сторителот не мора да биде во државата за која ја испраќа лажната дојава за бомба. Сторителот може да биде во една земја, средството за реализација на кривичното дело во друга, а жртвата може да биде (во) трета земја.
Сите овие дојави за наводно поставени експлозиви претставуваат разорувачко цунами за државите на кои се однесуваат. Економски и безбедносно, земјите многу тешко закрепнуваат од овој вид криминал, бидејќи сите безбедносни структури се насочени кон локацијата за каде што е пристигната дојавата за поставена бомба.
Според експертите, кога ќе се дознае дека постои дојава за бомба, прво што се случува кога ќе се забележи зголеменото присуство на полицијата е паника, посебно доколку станува збор за трговски центар. Во таквите панични ситуации, кога секој се бори за сопствениот живот, се случува стампедо од луѓе. Тука е и економската штета, бидејќи кога ваквите напади се чести, населението се повлекува и ги избегнува локациите што се честа цел на криминалците.
Дополнително, ваквите дојави за бомби го исцрпуваат безбедносниот систем на земјата, бидејќи секоја една закана мора да биде третирана како сериозна, додека не се докаже дека е лажна.
ШТО ВЕЛАТ МАКЕДОНСКИТЕ ЕКСПЕРТИ
Лажните дојави за бомби не се новитет ниту за нашата земја, каде што во 2020 година беше пријавено дека во објектот на Македонскиот народен театар има поставен експлозив, по што беа евакуирани сите објекти од културата во околината.
На објектите беше извршен преглед, по што беше заклучено дека дојавата беше лажна.
Според проф. д-р Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување и поранешен шеф на военото разузнавање, станува збор за специјална војна.
– Во последно време, особено по избувнувањето на војната во Украина, во регионот, но не и кај нас имаше стотици анонимни дојави за подметнати бомби, пред сѐ, во училиштата. Ваквата масовна појава спаѓа во категоријата „специјална војна“, што е примена на неконвенционални методи – смета тој.
Според него, дојавите се однесуваат на училиштата бидејќи во секоја земја, безбедносните служби имаат изготвено задолжителни протоколи за постапување во вакви ситуации.
– Веднаш по примената на дојавата, присутните во училиштата треба да бидат евакуирани, по што настапуваат тимовите за контрадиверзиска заштита, кои, применувајќи најсовремени технички средства, но и кучиња трагачи по експлозив, вршат преглед на посочениот објект, а дури по завршувањето на прегледот на објектот се дозволува учениците да се вратат во училиштето – вели тој.
Пивоваров нагласува дека од јавно објавените резултати од досега спроведените истраги, констатирано е дека дојавите по мобилен телефон се дојдени од странски земји.
– Зошто истите тие доаѓаат од странски земји? Доколку ваквата дојава доаѓа од самата земја, безбедносните служби многу лесно ќе го детектираат дојавувачот, но доколку повикот доаѓа од трета земја, многу тешко ќе се дојде до дојавувачот. Секаде во светот лажното дојавување претставува кривично дело – потенцира тој.
Професорот истакнува дека ваквите масовни дојави буквално ги исцрпуваат безбедносните служби, ги трошат нивните ресурси, финансиски, материјални, човечки ресурси, а се разбира и дека сериозно ги трошат буџетите на државите предвидени за безбедносните појави и проблеми.
– Додека нивното внимание е насочено кон лажните дојави, може да се случат други безбедносни настани, односно, на овој начин се ослабува безбедносниот систем на држава кон која се насочени ваквите активности. Превенција за ваквите дојави не постои – вели тој.
Што се однесува за Македонија, според Пивоваров, кај нас безбедносните служби исто така имаат изготвено протоколи за постапување во вакви ситуации, а по негова процена, сите надлежни безбедносни служби се подготвени за постапување во вакви можни сценарија.
– Интересот на оние што спроведуваат ваква специјална војна е да извршат заплашување на граѓаните на земјата кон која истите тие се насочени, бидејќи ваквите настани се покриени од медиумите и вообичаено претставуваат ударна вест во информативните емисии. Но на овој начин, секако дека се ослабуваат безбедносните служби и истите тие доколку појавата е масовна и им го одвлекуваат вниманието од другите постојни безбедносни појави во нивната земја – нагласува тој.
Србија повторно ја тресат дојави за бомби во училишта
Вчераутро, голем број училишта низ Србија добија дојава дека во нив се поставени бомби. Управите на училиштата ги информираа родителите чии деца посетуваат настава таму да не ги пуштаат своите деца на настава, односно, дека истата таа ќе се реализира онлајн.
Српските медиуми ја објавуваат и пораката што била испратена до училиштата преку и мејл.
„Експлозивна направа е поставена во училиштето. Нема да се криеме. Ќе бидат потребни убиства. Ќе биде потребно уништување. Ќе уништуваме. Искрено ни е жал што невини лица ќе страдаат. Нема друг начин. Ќе ја срушиме српската влада. Нашите очи се насочени кон претседателот на Србија и неговите следбеници. Ќе ги убиеме сите“, се вели во и пораката испратена до училиштата.
Дојави за бомби пристигнале за училишта во Белград, Мајданпек, Ниш, Ада, Кикинда, Врбас, Ваљево, Нови Пазар и во сите училишта биле испратени екипи, кои треба да ги пронајдат, наводно, поставените бомби или, пак, да констатираат дека тоа се лажни дојави.